Илинден и заканите, говорот на омраза и повиците за убиство
Во пресрет на Денот на Републиката, 2 Август, ЦИВИЛ бележи голем број изрази на говор на омраза и повици на насилство врз основа на етничка и верска припадност, сексуална ориентација и пособен акцент на политичка определба. Говорот на омраза и повиците на насилство најмногу се бележи на социјалните мрежи, но често е присутен и на интернет порталите. Повици на насилство со употреба на експлицитен говор на омраза се нотира и по повод прославата на Илинден на Мечкин Камен, на 2 август. Еден од нив е Фејсбук настанот на новинарката на МТВ, Марија Котовска: „Топло да ја поздравиме стоката северџанска на Мечкин Камен“. Но, не изостануваат ниту повиците за „куршум во чело на Заев за дупла илинденска прослава“. Исто така се повикува и на паралелна прослава, односно на Илинден да започне „непослушноста“ и „непокорот“ кон оваа, како што велат „предавничка северџанска власт“…
Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните достоинствено да го прослават Илинден и дека ги преземаат и ќе ги преземат сите неопходни мерки и активности за организираните прослави да поминат во најдобар ред.
„Секторот за компјутерски криминал деновиве поднесе или во тек е постапка за поднесување на кривични пријави против десетина лица за содржини објавени на социјалните мрежи со кои се шири омраза и се загрозува сигурноста на граѓаните, а се поврзани со празнувањето на Илинден“, вели за ЦИВИЛ Медиа, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во посета на Северна Македонија
Бугарскиот премиер Бојко Борисов кој престојува во посета на земјава по повод одбележувањето на двегодишнината од Договорот од Договорот за добрососедство, пријателство, денеска се сретна со премиерот Зоран Заев и со претседателот Стево Пендаровски. Главен фокус на средба на Борисов со Заев беше реализацијата на проектите во рамки на инфраструктурниот Коридор 8. Пендаровски и Борисов на средбата размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше констатирано дека Северна Македонија и Бугарија се посветени кон јакнење на добрососедските односи и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
СЈО ќе се решава по летните одмори
Единствен успех на власта и опозицијата за новиот закон за ЈО од денешната средба во Министерството за правда е договорот да продолжат со преговори по 15 август. Двете страни по средбата рекоа дека има многу точки за кои не се согласуваат. Антонио Милошоски во име на опозицијата изјави дека власта не е подготвена за системското решение за законот прифаќање концепт во кој обвинителството ќе има поголема одговорност. Министерката за правда Рената Десковска, пак, од друга страна изјави дека барањата на ВМРО-ДПМНЕ значат централизација на Јавното Обвинителство преку поврзување на мандатот на сите обвинители со тој на државниот обвинител.
Флеш вести
Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Република Македонија денеска се одржи комеморација по повод Денот на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна.
МВР со уште една кривична пријава за ширење на расистички и ксенофобичен материјал на социјалните мрежи.
Кривичниот суд го одобри во целост обвинението за сообраќајката кај Ласкарци, Од главни фаци до (не)умешни рекетари – хорнологија на случајот „Рекет“.
ВО ФОКУСОТ НА ЦИВИЛ МЕДИА
Во фокусот на нашите колумнисти доновиве беа неколку актуелни теми: Поентите на Џавдет Хајредини се однесуваа на повлекувањето на Ахмети од политиката, истрагите, молкот и ставање крај на политичките игри, Милан Банов се фокусираше на лажните вести и медиумскиот простор и како се создаваат непријатели, а Џабир Дерала остро и без пардон праша: За што, по ѓаволите, служи македонскиот парламент и Кои процеси ги блокираат ВМРО-ДПМНЕ и нивните политички вазали?.
Б. Јордановска