ВЕСТ НА ДЕНОТ: Прогресивниот данок во мирување, ДДВ прагот се зголемува на 2 милиони денари
Владата го стави прогресивниот данок на личен доход во мирување од 36 месеци, односно до 1 јануари 2023. На денешната прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека не бил постигнат посакуваниот ефект.
„Имаше бурни реакции кај граѓаните дека се направени без консултации, а компаниите реагираа на непредвидливоста. Имаше предочувања дека ќе има избегнувања на плаќање, со префрлања на фирмите во странски земји, бидејќи знаеме денеска колку е мобилен капиталот. Лично јас сметав дека не се создадени условите, бидејќи треба да внимаваме на тајмингот. Најпрво треба да бидеме уверени дека тоа е лесно за администрирање и сите да плаќаат данок“, вели Ангеловска.
Според Ангеловска, Владата останува на ставот дека треба да се применува овој данок, но дека во моментов не се исполнети условите за тоа.
Она што исто така е новина е што се зголемува и прагот за ДДВ обврзници од 1 на 2 милиони денари. Според анализата ваквата мерка ќе значи намалување на административниот товар за малите и средни претрпијатија како директна поддршка за нив полесен раст. Потоа, намалување на административниот товар врз даночната администрација и зголемување на ефективноста и ефикасноста.
Ангеловска најави и дека периодот на останување во системот како ДДВ обврзник се намалува од 5 на 3 години, а сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминуваат прагот од 2 милиони денари ќе може доброволно да се дерегистрираат.
Заев: Не смееме да дозволиме да немаме Парламент за ратификација на Протоколот за НАТО
Премиерот Зоран Заев смета дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но, како што вели, се остава можност за какви било промени, пред се заради ратификацијата на Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО.
Посочи дека како држава нема да дозволиме да немаме парламент токму кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.
– Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Северна Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент, истакна премиерот.
Затоа, како што додаде, и претседателот на Парламентот Талат Џафери веројатно води грижа и за прашањето за законските рокови.
Царовска: Повеќе од 120.000 граѓани ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа
Над 120.000 граѓани ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа, затоа што во семејните буџети имаат повеќе финансиски средства, вели во интервју за „Гласот на Америка“, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која престојува во работна посета на САД.
– Најголема реформа е што вложивме во децата, воведување на детски и образовен додаток, за да може идната генерација од најпогодените семејства да не биде повеќе во сиромаштија, туку, да може да излезе и да се бори на пазарот на труд, изјави Царовска.
Според неа, реформата во системот за социјална заштита има трансформативна улога на целото општество.
МОН и СОНК ги приближија ставовите, преговорите продолжуваат следната недела
Има приближување на ставовите меѓу МОН и СОНК, но не и конечен договор за зголемување на платите на просветните работници. Разговорите ќе продолжат наредната недела, изјавија по денешната средба во Владата министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
– СОНК и МОН се на добар пат да постигнат решение. Има приближување и напредок во ставовите, преговорите ќе продолжат и во наредните денови, но важно е дека има приближување. Ние како влада сме максимално заинтересирани да ги подобриме ситуацијата и социјалниот статус на вработените во дејноста образование, рече Адеми по средбата на која присуствувал и премиерот Зоран Заев.
Флеш вести:
Шилегов: Следи цeлосна трансформација на Градот и на јавниот градски превоз
Мицкоски Против одложување на изборите
Шекеринска: Пред Самитот во Лондон ќе биде познато кој ќе биде наш амбасадор во НАТО
Османи: Усогласувањето во ЕУ не смее да ги загрози реформите во земјава
Мисла
Поенти од Џевдет Хајредини – Несфатливо
„Несфатливо е Заев да измисли дека Таравари во Гостивар се гушнал со Мицкоски, а нему да не му сметаат тие што од притвор го спасија Вељановски, организаторот на пучот кога му ја скршија главата и за малку ќе го изгубеше животот.“
„Инаку, и Мицкоски, Албанците во Гостивар нема да ги излаже помалку од Заев тие од Мала Речица кога, за да ја помогне Теута, им вети дека ќе им го изгради училиштето со пари обезбедени во буџетот од 2018.“
„По сѐ изгледа дека и по одлуката на ЕУ, нема да дојде до големо разочарување кај населението, нема да се врати национализмот, Владата нема да го загуби неопходното мнозинство во Парламентот, нема да се отвори простор за популизмот и радикализмот, нема да се демотивираат Белград и Приштина да најдат заеднички јазик за косовското прашање и нема да се остават празнини што би ги пополниле Кина, Русија и Турција.“
„Не за две ипол години, туку со овие политичари преговорите нема да завршат со декади, госпоѓа Шекеринска.“, ова се само еден дел од збирот поенти на Џевдет Хајредини.
Од корнер, Зоран Иванов
Дорис Пак, дојди пак
Германката Пак не кажа најдиректно, но суптилно дипломатски во изјавите и во кусите интервјуа за неколкуте македонски редакции, по нашето откачување од страна на Макрон, малку нѐ подутеши дека францускиот шеф на галската држава не ѝ даде корпа само на земјава. Суптилно, метафорично ама итро му одговори на францускиот шеф на државата дека е лесно во аут да се истуркаат балканските велесили какви што се Македонија и Албанија.
Особено со неговото одважно не за Македонија, Макрон практично ја торпедираше и изморената Меркел. Но, во исто време, покрај сите други европски лидери и нивните политики на темава, ги дискредитираше и германската влада и германскиот Бундестаг. Можеби впечатоков е пресубјективен, но од тонот на нејзините изјави, од гестикулациите на нејзините раце, од трепетот на нејзините динамични очи, како да избиваше гнев за Макроновиот негаторски гест. Не само спрема државичките како Албанија и Македонија. Вклучително и спрема, во Унијата, великата Германија.
Дијана Тахири, во соработка со Дехран Муратов, Маја Ивановска, Биљана Јордановска, Џевдет Хајредини и Зоран Иванов