ВЕСТ НА ДЕНОТ: Прес-конференција на Зоран Заев, партиите не можат да се договорат за законот за ЈО
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека се сериозни и флексибилни во изнајдување на решенија кои се добри за граѓаните. Тој вели дека е спремен на лидерска средба со Христијан Мицкоски, да седнат, да разговараат и да се договорат околу законот за Јавно обвинителство.
„Мицкоски не знае што сака, тој ни се води ни се гони. Сепак јас ќе побарам лидерска средба да седнеме да се договориме за законот за ЈО. Јас ќе се обратам до осумте независни пратеници на ВМРО ДПМНЕ кои гласаа за Преспанскиот договор, бидејќи ни треба двотретинско мнозинство да се изгласа законот за ЈО“, додаде Заев.
Заев очекува и од пратениците на ВМРО ДПМНЕ да го гласаат законот за ЈО, а не да го блокираат.
Според Заев, сегашното раководство на ВМРО – ДПМНЕ заговара опасни идеи за поништување на договорот од Преспа, алудирајќи на изјавите на Христијан Мицкоски за домашните и српските медиуми, во октомври и ноември, дека ако добијат 2/3 мнозинство, ќе се укажела можност за тоа да се случи.
„Укинувањето би не вратило најмалку 25 години назад и ќе го врати ФИРОМ, име со кое бевме именувани на меѓународен план. Тоа ќе значи изгубено НАТО и ЕУ. Без договорот од Преспа ќе исчезне поддршката од стратешките партнери и ќе добиеме влошување на економската состојба, нови блокади од Грција, внатрешна нестабилност и конфликти и нестабилност во регионот. Владата на СДСМ последните две години испреговара договор поздравен од македонската и меѓународната јавност како пример во светот со дијалог, вели Заев. Заев вели дека договорот од Преспа ќе создава иднина за нашата земја, странски инвестиции, добри плати, соработка со соседите и заштитен македонски индентитет. Ако нема Преспа, нема иднина“, рече Заев.
БЛИЦ: Мицкоски ќе ја „обновува“ Македонија враќајќи ја години наназад!
коментира: Дехран Муратов
Во недостаток од вистински проекти и програма со која ќе им се овозможи подобар живот на граѓан(к)ите, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува поништување на Преспанскиот договор. И малите деца знаат дека веќе тој договор не може да се поништи, но сепак верните „патриоти“ слепо (ќе) веруваат дека таква опција сепак постои. Но, да бидеме реални, и тие се гласачи, не се мали деца, нели?
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Надминати несогласувања, откажани рочишта, опасен отпад во Дрисла…
Дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, денеска изјави дека односите со техничкиот министер Наќе Чулев и е коректен, што, како што рече, е во интерес на граѓаните. Според неа, најголем дел од несогласувањата се надминати, но сепак таа останува на ставот дека ќе поднесе кривична пријава.
Поранешната специјална обвинителка, Лиле Стефанова, не успеа да сведочи денеска за „Рекет“, поради отсуството на двајцата адвокати на Катица Јанева. Покрај „Рекет“, се одложи и рочиштето за „ТНТ“ поради отсуство на еден од обвинетите, Тони Трајковски, кој според адвокатот Јовица Страшевски е во лоша здравствена состојба.
Повторената постапка на судењето за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски од политичка одмазда на експремиерот Никола Груевски, обвинетите ја нападнале со над 30 сведоци и десетици нови докази, дознава сдк.мк од судски извори.
Заложбите за побрз проток на луѓе, материјални добра, поефикасни услуги на граничните премини и интензивирањето на економската соработка се областите на кои се разговараше на денешната средба на претседателот на Владата, Оливер Спасовски со амбасадорот на Албанија во нашата држава, Фатос Река.
„Според информациите со кои располагаме опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен“, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, но сепак додава дека тоа треба да се провери и ги повикува и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО
Поликлиниките во Скопје ќе добијат нови возила. Од Министерството за здравство информираат дека се обезбедени нови 13 возила за потребите на овие здравствени установи. Исто така, од денеска се ставени во функција во Здравствениот дом – Скопје нови 13 возила кои ќе служат да се подобри службата за домашна посета и патронажа.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ новата 2020 година ја стартува со два семинари за транспарентни и одговорни политички процеси наменети за Полошкиот и Југоисточниот плански регион. Првиот семинар ќе се одржи на 25 јануари, во Гостивар.
Семинарот во Гостивар ќе се одржи во хотел Бунар (во центарот на Гостивар), а право на учество имаат апликантите од општините во Полошкиот плански регион: Гостивар, Тетово, Врапчиште, Брвеница, Желино, Боговиње, Теарце, Јегуновце, Кичево, Маврово и Ростуше.
Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Гостивар.
ОД НАШ АГОЛ
„Со оглед на овие околности, зошто опозицијата треба да ѝ помогне на власта таа да ќари уште некој предизборен поен со изгласување нов Закон за обвинителство (со кој би си продолжиле гонењата на целата криминално осомничена партиска елита за познатите злоупотреби на власта во претходниот мандат) или со помагање на процесот за отворање на преговори со ЕУ?!“, пишува Сашо Орданоски во својата колумна „Будали има, само бројот треба да се утврди“.
„Во штипскиот Дом на културата, во градот со немерлива музичка традиција – смрзнувачка. Услови како за хокеј. Непријатна атмосфера и за Симон Трпчевски и за бројната публика. Ете, во еден таков, во еден студен јануарски амбиент, Штип ја удостои нашата светска музичка ѕвезда“, пишува Зоран Иванов во „Студеното студенило на нашиот примитивизам“.
Ангела Петровска
во соработка со Дехран Муратов, Сашо Орданоски, Џабир Дерал и Зоран Иванов