ВЕСТ НА ДЕНОТ: Пратеници од повеќе партии се потпишаа на иницијативата за повторно свикување на Собранието. На списокот има пратеници од власта, но и пратеници од опозициските ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА. Потписите утре ќе бидат доставени до собранискиот претседател, кој треба да одлучи дали привремено ќе ги врати во пратеничките клупи веќе распуштените пратеници. Иницијативата содржи две точки на дневен ред. Првата е за свикување на седница за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората е за ставање на Собранието во функција по потреба. Иницијаторите се повикуваат на член 63 став 4 од Уставот, каде стои дека, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“. Пратениците предлагаат седницата да биде во согласност со препораките на здравствените власти за држење на дистанца, односно електронски, преку видеоконференциска врска, или во сали каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците. И од Институтот за демократија сметаат дека има законска основа за свикување на Собранието.
Претходно, на прес конференција денеска се изјасни и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, потврдувајќи дека пратеничката група од СДСМ собира потписи за свикување на Собранието.
„Ставот на нашата пратеничка група е дека Собранието во една таква ситуација треба да биде ставено во функција. Секако, сметаме дека за тоа се пропишани условите и дека иницијативата е во согласност со Уставот на државата, и затоа сметаме дека треба да направиме уште еден обид во тој дел.
Добро е да се свика Собранието, имајќи го во предвид времетраењето на оваа здравствена криза, но секако и потврдувањето на одлуките на Претседателот на државата.
Би сакал да одговорам, затоа што беше поставено во прашањата, дека оваа иницијатива е единствено и води единствено во таа функција. Сите шпекулации за наводен обид на нашата пратеничка група за тргнување на претседателот на Собранието Талат Џафери секако дека ги отфрламе. Секако, правиме консултации и со пратеници од други пратенички групи со кои го делиме истото мислење и денеска или во текот на утрешниот ден иницијативата ќе биде доставена до претседателот на Собранието“, изјави Костадинов.
Претседателот на Собранието Талат Џафери досега во неколку наврати изјави дека не постои можност да го свика Собранието кое се самораспуштило. Тој тврди дека пратениците не може да се вратат во собраниските клупи, бидејќи го вратија мандатот, и дека тој самиот е претседател во заминување и со ограничени, административни надлежности. Од неговиот кабинет велат дека се чекаат потписите од пратениците, по што ќе излезат со официјален став. Потписите се собираа по повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој минатата недела донесе нова одлука за нова вонредна состојба во траење од 30 дена.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ:
Спасовски: Сметам дека Собранието може да се состане.- заради тоа и според Изборниот законик, и според Законот за Собранието, пратениците имаат мандат се до изборот на новите пратеници.
Премиерот Оливер Спасовски ја поддржа иницијативата на СДСМ за свикување на Собранието со цел да одржи седница за да ги потврди одлуките на претседателот на државата за воведување вонредна состојба поради КОВИД-19.
Спасовски во „Утрински брифинг“ го повтори ставот дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат во можност да ги извршуваат своите задачи во Собранието
„Јас го кажав мојот став и неколку пати досега. Сметам дека Собранието може да се состане заради тоа и според Изборниот законик и според Законот за Собранието пратениците имаат мандат се до изборот на новите пратеници. Ние како техничка Влада посакуваме да имаме Законодавен дом којшто ќе функционира. Ние се наоѓавме во состојба на распишани избори, немаме Парламент, ни се случи здравствената криза. Едноставно сметаме дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието“, изјави Спасовски.
ИНТЕРВЈУ – БИТИЌИ: Сега треба сите заедно да вложиме труд и да имаме разбирање за ситуацијата за да излеземе од кризата
Владата на вчерашната седница донесе одлука за зголемување цената на акцизата за нафтените деривати за три денари како мерка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот. Средствата од зголемувањето на акцизата ќе одат во Фондот за справување со коронавирусот за финансирање на мерки за поддршка на стопанството и мерки насочени кон граѓаните. Во прилог на појаснување на ваквата одлука на Владата, ЦИВИЛ Медиа оствари интервју со Фатмир Битиќи, советник во Владата на РСМ.
„Ова е навистина една широка дискусија, но треба да разбереме едно нешто – дека владата го носи најголемиот товар во оваа пандемија, таа треба да ги гледа двете страни и страната на приходи во буџетот, како се полни буџетот но и страната на трошењето како различни буџетски категории, но не само како ќе се трошат. И во една таква ситуација кога од страна на расходите, дополнителните расходи кои се појавуваат но не биле предвидени, а од друга страна, имаме намалување на приходите заради пандемијата КОВИД-19, во овој случај имаме намалување на обемот на побарување на гориво се појавува финансиска празнина која што некој треба да ја пополни. Ова е една можност која Владата ја гледа дека и со зголемување на акцизата се прават финансиски средства кои секако ќе одат во борба против пандемијата КОВИД-19“, вели меѓу другото Битиќи.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Денеска регистрирани се 48 излекувани пациенти. Од нив 6 пациенти од болничко лекување и 42 кои се лекуваа во домашни услови.
Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Скопје на 51 годишна возраст, примен во болницата на 9 април во тешка состојба и веднаш поставен на респираторна машина.
Во изминатите 24 часа потврдени се 28 нови случаи на коронавирус.
– Скопје 11
– Куманово 2
– Прилеп 9
– Тетово 2
– Велес 3
– Валандово 1
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во нашата земја изнесува 1.259.
Во изминатото деноноќие направени се 660 теста. Досега во земјата се направени вкупно 13.000 тестирања на КОВИД-19.
*
Почнувајќи од утре, четврток, 23 април, се намалуваат рестрикциите на движењето, одлучи Владата на денешната седница.
Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро.
За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне.
Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.
Се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите.
Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.
Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот наутро.
Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
*
На 63 лица им се издадени решенија за изолација, а 54 лица потпишале изјави за самоизолација, во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата, според евидентираните податоци во МВР.
Истовремено од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, при што, соопшти денеска МВР, е утврдено дека две лица не ја почитувале мерката за самоизолација.
*
Во Прилеп, Куманово и Тетово од денеска е задолжително носење маска, марама, шал или било што за да се покријат устата и носот. Целта за тоа, според донесената владина мерка, е да се создадат услови за повеќе движење, а притоа да се гарантира заштитата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Eвропската Комисија предлага да се обезбедат три милијарди евра макрофинансиска поддршка за десет земји од нејзиното непосредно соседство.
За Северна Македонија, ЕК предлага да се издвојат 160 милиони евра, за Албанија – 180 милиони, за Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Косово – сто милиони евра, Црна Гора – 60 милиони евра.
*
Речиси половина или 48 отсто од фирмите нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19 проценти ќе ги пратат на принуден одмор, 19 отсто веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13 проценти размислуваат за друга можност, покажува анкетата на Стопанската комора на Македонија спроведена од 7 до 14 април со цел анализа на последиците од коронавирусот.
*
– Северна Македонија ќе добие помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што вклучува пет генератори, 25 шатори, 200 душеци и 1.000 кебиња. Австрија, меѓу другите испраќа и ракавици и средства за дезинфекција, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.
*
Ден на планетата Земја: Глобални онлајн разговори за климатските промени
Оваа година темата за Денот на планетата Земја е климатското дејствување. Огромeн предизвик, но и огромни можности на дејствување со оглед дека климатските промени претставуваат најголем предизвик за иднината на човештвото и системите за поддршка на животот што го прават нашиот свет за живеење.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ако го прочитате текстот на Тричко, каде тој по стоти пат се подбива и ги анализира постапките на лидерот на опозицијата со, како и секогаш, извонредно прецизни политички квалификации (мое мислење) спакувани во препознатливиот, крајно провокативен речник на работ на прифатениот добар вкус (ако не ви се допаѓа, не го читајте, на Тричко ич гајле не му е!), не треба да бидете никаков правен експерт за да заклучите дека во тој текст нема ни трага од ксенофобија („страв и недоверба кон странци“!) и уште помалку од расизам (на пример: „реакционерна теорија по која има ‘виши’ и ‘нижи’ човечки раси“ итн.)“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Тричковски е нашиот Шарли Ебдо – ако ви чини!“
„ Многумина зборуваат за новото нормално кое нè чека по повторното отворање на светот. Кое може да биде нов завијуток во спиралата на напредокот изграден врз основа на сите стекнати искуства и научени лекции, или пак може да биде исчекор наназад втемелен во стравот, зачинет со ксенофобија, дискриминација, себичност и затворање на заедниците и на умот…“, Мирјана Најчевска денеска се осврнува на човековите права во и по пандемијата во напата земја во денешниот коментар во Правни перспективи „ Целта ги определува средствата, а не ги оправдува“.
„Истрагата на Јавното обвинителство мора да биде насочена кон форензиката на пријавата, демек, кој идиот ја дал иницијативата, кој ја пренел и на кои адреси, кој го дал предлогот за кривичната пријава и кој решил тој злосторнички акт против нормалноста и здравиот разум, да се поднесе до Јавното обвинителство“, пишува Бранко Тричковски како одговор на пријавата, и истрагата од Јавното обвинителство во колумната „Форензика на пријавата“.
Дијана Тахири
во соработка со Биљана Јордановска