ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) денеска преку проектот „ЕУ за чист воздух“ доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската унија.
– Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните, изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП.
Проектот, како што додаде, ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово, односно оние кои се соочуваат со зголемено аерозагадување.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Претседавачот на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, хрватскиот европарламентарец Карло Реслер во изјава за македонските медиуми, порача дека ЕУ повеќе нема илузии дека разликите што постојат меѓу Северна Македонија и Бугарија може да се надминат со некакво магично решение.
„Ова билатерално прашање ќе мора да се реши меѓу двете земји“, истакна Веслер и додаде дека ЕУ може да биде само помагач, медијатор или олеснувач.
СВЕТ
Европската федерација на новинари ќе ја напушти мрежата Х кога Трамп официјално ќе стане претседател
Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата X на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.
„Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
РЕГИОН
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија, јави БТА.
– Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Мицкоски, пак, сега излегува триумфално и даде нафта од државните резерви, за скопјани да се подават уште малку во мизерниот градски превоз.
Сега вели ќе набавела владата 120 електрични автобуси, а ќе се подумал да види колку од нив ќе биле за Скопје. Сигурно тоа ќе зависи од тоа дали скопјани ќе гласаат на локалните по негов ќеф или не?
Шест автобуси еве денеска како донација од ЕУ веќе пристигнаа, нели благодарение на Мицкоски.
Радувајте се скопјани!
И ете ти го како спасител, Мицко наш, голем маж, главен пилот, копилот – шофер на Нашата земја.
Радувај се Македонијо!“, пишува Јане Ѓорѓиоски во колумната „Вози нè Мицко!“.
Д. Муратов
фото: Градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска