ВЕСТ НА ДЕНОТ
Калкулации околу датумот за одржување на парламентарните избори
Денешниот брифинг со новинари на собранискиот спикер Талат Џафери, ги даде рамките по кои политичките партии би било пожелно да се раководат при одредување датум за одржување на претседателските и парламентарните избори 2024 година.
Според член 12 од Изборниот законик, актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите, а од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.
Според член 14 од Изборниот законик, пак, изборот на претседател, се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, а во случај на престанок на мандатот на претседателот, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот
Што се однесува до изборот на пратениците, член 15 од Изборниот законик вели дека се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Предвремени избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања.
На брифингот Џафери ги посочи законските рокови за одржување на претседателски и парламентарни избори, апелирајќи одлуката политичките партии да ја донесат најдоцна до Нова година, особено за претседателските избори, за да не остане државата без Претседател.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат треба да бидат донесени сега низ демократска постапка во нашето Собрание за да можеме во 2030 година да бидеме земја членка на ЕУ, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска пред пратениците.
„Не треба да заборавиме дека во овој стратешки момент и ние сме и потребни на ЕУ, а не само таа нас бидејќи во овој момент треба да се обезбеди стабилност на европскиот континент, а тоа не е можно да се направи без земјите од Западен Балкан кои што практично претставуваат дел од Европската унија. Географски гледано, Западен Балкан е практично опкружен со земји – членки на ЕУ.
И апсолутно ова не се апокалиптични сценарија за тоа што може да се случи ако се испушти чекорот со земјите од регионот во европската интеграција. Ова се факти за секој да стане свесен каква одлука се носи кога е потребно носење на одлука бидејќи со тоа или ќе придонесеме да продолжи европскиот процес или тој ќе биде закочен. И одговорноста ќе биде лична на секого и од нас и од вас бидејќи одговорноста ќе има и име и презиме и граѓаните тоа ќе го знаат исто како што граѓаните знаат чија е одговорност што 11 години државата беше заглавена, а 17 години чекаше на почнување на преговори со ЕУ, рече Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБРАНА „Во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи со мои изјави и сите информации кои сум ги имала ги пријавив кај службата задолжена за прибирање на такви информации. Јас не водам истрага и постапки не можам да преземам на своја рака“, потенцираше денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во Собранието, во одговор на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, за наводни злоупотреби на службени позиции и сексуално вознемирување на офицерки во Армијата. Таа појасни дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата.
БЕЗБЕДНОСТ Нема да побарам разрешување на министерот Спасовски поради перформансите на МВР и врвното професионално ниво на Министерството и на министерот, рече премиерот Димитар Ковачевски на собраниска седница за пратенички прашања одговарајќи му на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки – дали ќе го разреши министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ПОЛИТИКА Не е исклучена можноста политички ентитет, кој произлегува од Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти, да влезе во изборната трка на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија.
ОБРАЗОВАНИЕ Учениците во прва година во средното медицинско училиште „Гостивар“ со протест во училишниот двор, денеска упатија пораки дека се дискриминирани во однос на другите врсници кои учат во дуални паралелки и нема да добиваат стипендии од Министерството за образование и наука. Тие побараа да им бидат прифатени пријавите на огласот на Министерството за образование и наука за финансиска поддршка на учениците во стручните училишта.
САД Најмалку 22 лица загинаа, а меѓу 50 и 60 се ранети во престрелка во градот Левистон, во американската сојузна држава Мејн, што се случи на две локации вчеравечер, ги пренесува МИА објавите на американските медиуми.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Илјадници руски војници користат дрога, и во подзадината и во рововите на првите борбените линии во Украина. Според соговорниците на независниот руски весник „Верстка“ меѓу воениот персонал, во борбената зона приближно секој десетти пуши марихуана, а многумина користат посилни супстанции. Предозирање, испраќање во казнени групи на оние кои се фатени како ги користат, пакети со супстанции од волонтери и цените на лековите кои се зголемија неколку пати – сето тоа е вообичаено за многу руски војници на фронтот.
*
Мировната формула на Зеленски за безбедноста на храната. Војната против Украина има негативно влијание врз зголемената несигурност на храна на глобално ниво.
*
АЛ-ПРЕС
Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска се поканети во Брисел на средби со лидерите на Европската унија. Ова е прва средба по нападите на северот на Косово кај Бањска на 24 септември. Денеска ќе има протест за поддршка на рударите од Трепча, откако рударите стапија во штрајк со барања за редовни плати.
Ова се дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Треба да остане забележано дека предвремените избори беа неговата главна преокупација, да не речам опсесија, повторувана во бескрајни и бесмислени низи, да повторам – речиси шест години.
Добро, да не претерам, има тој во репертоарот и низа други пораки – им се заканува на судиите, на политичките противници, интелектуалците, на ЕУ, невладините, медиумите… Не е без ич. Но без предвремени избори, не е тоа – тоа. Штета!“, пишува Џабир Дерала во колумната КРАЈ НА ЕДНА ОПСЕСИЈА: Главната порака на Мицковски замина во заборав.
*
„Она што опозицијата не може да го сфати е дека колку повеќе создава клима на општо граѓанско незадоволство од економско политичките прилики во земјата, толку посилно е верувањето на граѓаните дека токму членството во ЕУ е најдобрата алтернатива за нив и за државата.
Ова јасно и недвосмислено го покажуваат сите досега направени анкети, од сите домашни и меѓународни реномирани агенции, меѓу кои и последната направена од Брима, а по нарачка на НВО Евротинк.
На прашањето дали „ЕУ е најдобра алтернатива“ или „Северна Македонија треба да бара сопствен модел на развој надвор од ЕУ“, 61 процент од испитаниците одговориле дека ЕУ е најдобрата алтернатива за Северна Македонија.
Со тоа тие ја „закопале“ опцијата што опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја промовираа во јавноста дека земјата треба да бара други алтернативи на поврзување како што се БРИКС или кинеската „Појас и пат“, пишува Љубиша Николовски во колумната „Граѓаните непоколебливи: ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија“.
*
„По долги перипетии, дискутирања и консултации, со моите блиски соработници, мој Викторе семоќен менторе, дојдовме до заклучок дека ТИ треба да бидеш шпицниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за премиер на Македонија, му соопштил Мицкоски вчера во Будимпешта на унгарскиот премиер Виктор Оребан, дознава АХА“, пишува РИБАРО во сатирата „Орбан шпицен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за премиер“.
Д. Муратов