ВЕСТ НА ДЕНОТ
Ковачевски: За првпат имаме блокада на државата што е од внатре, не смее опозицијата да остане коалиција на изолационизам
Ние во моментов се соочуваме со блокада на државата од внатре. Ако досега сме имале блокади од надвор, сега за првпат имаме блокада која што е од внатре. Не смее нашата опозиција да остане коалиција на изолационизам како што беше досега и сметам дека имаме доволно време пред нас да го сменат своето мислење и за првпат во историјата на државата да поддржат одлука за интеграција на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Дебатата со оглед на сериозноста на прашањата, според Ковачевски, ќе оди толку колку што е потребно за да се донесе одлука којашто ќе значи напредок на Северна Македонија во европските интеграции.
– Кога би била лесна одлука, тогаш веројатно и помалку време би било посветено како што има прашања на коишто се посветува помалку време. Меѓутоа, кога се работи за стратешка одлука која има генерациско влијание врз државата тогаш треба секој добро да размисли, добро да се разговара и на крајот да се донесе вистинската одлука, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ниту еден официјален претставник на ЕУ не рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ се додека Унијата внатрешно не се доуреди. Ние што подолго ги следиме процесите на европските интеграции знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел каде зборува за внатрешно преуредување на ЕУ вели: ова што го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување, пред проширување или продлабочување со проширување“, изјави претседателот Стево Пендаровски, кој одговараше на новинарски прашања по актуелни теми за време на неговата посета на Охрид.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ Учениците се враќаат на настава, во оваа учебна година првпат ќе имаат и пролетен распуст. За над 200 илјади основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.
МТСП Сите барања на пензионерите ќе се дискутираат во работната група, нема да има пензија под прагот на сиромаштија, вели Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
ИНТЕГРАЦИИ „До пред неколку дена можеби имаше простор за дилема, но по Стратегискиот форум во Блед јасно е дека 2030 станува реална рамка. Ние претходно ја зададовме оваа година како реална рамка, бидејќи проценките се дека преговорите ќе завршат за 5-6 години и ратификацијата да се комплетира до 2030 година“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Клик плус“ на ТВ21.
МНР Министерството за надворешни работи соопшти дека до Државната комисија за спречување на корупцијата и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Скопје ја достави документацијата од целосната постапка за јавната набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на салата „Борис Трајковски“, за потребите на конференцијата на ОБСЕ.
ЧОВЕКОВИ ПРАВА УНИЦЕФ повикува на зголемени инвестиции за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за секое дете
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Рускиот фашизам сака да ги едуцира украинските деца „да го поразат непријателот“. Русија создава систем на идеолошко образование и милитаризација на младите Украинци на окупираните територии.
*
Русија повеќе од половина век за Европа беше доверлив добавувач на енергенси, кој своите договорни обврски ги исполнуваше дури и во најкритичните периоди од Студената војна. Таквиот имиџ одигра клучна улога Германија да ја зголеми својата зависност од рускиот гас. Економскиот мотор на Европа врз ваквата основа го разви својот бизнис модел за извоз на стока произведена со евтини енергенси.
*
Почина врвен руски ракетен научник, професорот Виталиј Мелников (77) кој го предводеше Одделот за ракетни и вселенски системи во RSC Energia, водечкиот производител на вселенски летала во Москва. Изворот на неговото труење биле нејадливи печурки, според „прелиминарната верзија“, објави Московски Комсомолец, пренесува британски Сан.
АЛ-ПРЕС
Во Зубин-Поток беше разоткриен графит со порака: „Кога војската ќе се врати на Косово“. Претходно се појави на фудбалски натпревар на навивачката група на Црвена Ѕвезда во Белград, а потоа и во градовите на Република Српска во Босна и Херцеговина, во Црна Гора и во Русија, јавуваат косовските медиуми. Албанија денеска по втор пат ќе го преземе претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации, откако во јануари минатата година стана дел од овој форум како непостојана членка.
Ова се само дел од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од изборот на албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Прикриениот национализам е, на многу начини, исто толку штетен и деструктивен како и милитантниот национализам. Латентниот или прикриениот национализам релативно тешко се препознава и идентификува, а уште потешко е, ако не и невозможно, да се искорени. Не зборувам овде само за ставовите „мој најдобар другар од војска беше Албанец“ или „и Албанците се луѓе“ за кои и малите деца веќе знаат дека се националистички или може да произлегуваат од националистички наративи за кои често и самите носители не се свесни“, пишува Џабир Дерала во колумната „Не е важно што мислат Албанците. Тие немаат право да одлучуваат!“.
*
„Како печурки по дожд се намножија заведени патриоти, умислени патриоти, калкуланти патриоти, всушност разно разни интриганти кои сред ова лето дваесетитрето, форсираат магли демек доста било, не се трпело веќе и, пак демек, отсега натаму “абре Македонче главата горе“ и такви некакви паролчиња од векот пред овој 21-вов и уште куп слични предизборни итроштини со кои овој антиевропски строј во кој се наредија, академици, професори, пратеници, уредници, аналитичари, интелектуалци, урбани фејзбуковци и анонмни твитеровци, ѝ порачуваат на Вавилонката дека конечно чукнал часот за големото македонско НЕ па нека се потресе сега таа без нас но, притоа, ешелонот квази национални борци главно егзистенцијално вкотвени во државниот буџет, му премолчуваат на и така историски национално повредениот македонскиот народ дека, кажано во оваа една реченица, без европска перспектива, без европските кооперации, без веќе децениските разно разни фондовски и донаторски ипар, мипар, гранични, предгранични, задгранични инфраструктурни, здравствени, образовни и кави се уште не проекти зад кои веќе стојат милијарди европски евра, земјава одамна ќе рикнеше па оваа демек горделива, а сепак фалшива македонштина, бргу, многу бргу, малата македонска победа ќе ја преврти во голем македонски пораз“, пишува Зоран Иванов во колумната „Малата македонска победа во големиот македонски пораз“.
*
„Значи, излегувањето од психозата на затвореноста што партијата им ја генерира на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ со „чистотата“, треба да доведе или до исклучување од партијата на оние кои не се држат до својствата на „чисти Македонци“ или, просто, да се прекине со таа „чистота“ и да играат на истиот терен со останатите партии, без додатни својства кои и така не можат да ги одржуваат. Ако имаат храброст како што се фалат, тогаш да си расчистат внатре, дали раководството и високи функционери им се во специјални врски со бугарските националисти и затоа се борат за бугарски интереси, а тековно – за бугарската идеја да нема дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ во македонскиот Устав (исто како што е во бугарскиот Устав), или, пак, едноставно, раководството им е составено од некомпетентни фрирајдери“, пишува Емилија Целакоска во колумната „Несфатена или несакана дистинкција?“.
Д. Муратов