ВЕСТ НА ДЕНОТ
(Извештај од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ) Десет дена техничка влада: Злоупотреби, дезинформации и националистички наративи
ЦИВИЛ спроведува долгорочен мониторинг на изборните процеси во земјата од 2008 година. Како и во претходните години по Пржинскиот договор, дел од мониторингот на ЦИВИЛ е следење на работата на техничката влада, чиј состав беше изгласан во парламентот на 28 јануари.
Општо земено, според наодите на мониторингот на ЦИВИЛ, се бележи дека десетте дена на техничката влада ги карактеризира дискредитирачки тон во јавната комуникација, исполнет со низа лажни наративи, национализам и потпалувачка реторика.
Проевропската ориентација не се напаѓа директно, но пораките во јавната комуникација упатуваат дека во земјата има две остро спротивставени политички групации. Дел од политичките ентитети, иако не се секогаш директно насочени против евроатлантските интеграции на земјата, својата јасна антизападна ориентација ја манифестираат преку континуираните дискредитирачки наративи и ревизионизам на стратешки важните одлуки и процеси кои ја поддржуваат евроатлантската ориентација на државата.
Што се однесува до измените во Изборниот законик, ЦИВИЛ беше многу активно вклучен во Работната група за изборни измени што ја формира Министерството за правда. Документот со измените беше завршен во ноември 2023 година, но тие сè уште не се изгласани во парламентот. Според препораките на ОДИХР и релевантните домашни организации во земјата, измени во Изборниот законик може да се прават најдоцна шест месеци пред одржување на изборите. Работната група го испочитува рокот. Политичките партии го пробија рокот.
ТЕХНИЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ КРЕИРА МЕГА КАБИНЕТ
ЦИВИЛ дојде до информации дека новоназначениот технички министер за внатрешни работи, за само неколку дена го зголеми обемот на својот кабинет за повеќе од два и пол пати. Тој во својот мега кабинет распоредува 16 вработени во министерството и дополнително ангажира две лица од надвор, односно вкупно 18 лица.
Се работи за крајно невообичаена постапка, ако се има предвид дека мандатот на министерот, а со тоа и на советниците е само сто дена, а особено ако се има предвид дека министерот за внатрешни работи во редовниот состав на владата имаше вкупно шест советници, вклучително и шефот на кабинет.
Во врска со ова, ЦИВИЛ упати прашање до МВР и до кабинетот на техничкиот министер за внатрешни работи, но до почетокот на прес конференцијата, не доби никаков одговор.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Владата е на граѓаните и на државата, така да, како институција не може да се третира како моја, ваша, твоја Влада. Владата си е на државата, а учесници во таа Влада се различни субјекти според нашите актуелни состојби, во смисла на шареноликоста на политичките субјекти кои што учествуваат“, потенцира премиерот на техничката Влада, Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Со задоцонување од 2,5 часа, почна 143. собраниска седница на чиј дневен ред е разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, како и предлогот за именување на Илир Демири и Наим Бајрами на нивно место во овие два ресора. Барањето за разрешување на Меџити и Алиу го поднесе вчера техничкиот премиер Талат Џафери кој е присутен на седницата.
ПАСОШИ Граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва, информира на денешниот брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Антиамерикански пропагандист, теоретичар на заговор, расист, хомофоб: Такер Карлсон, отпуштениот водител на Фокс Њуз кој го интервјуираше Путин
КОНФЛИКТИ
Статистики на ужасот: Во Газа се убиени речиси 28.000 Палестинци, вклучувајќи најмалку 12.000 деца
*
Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа изјави дека бил претеран воениот одговор на Израел во Појасот Газа. Белата куќа соопшти дека нема да поддржи никакви планови на Израел за голема воена операција во Рафах, јужниот дел на Појасот Газа.
АЛ-ПРЕС
Пред почетокот на собраниските седници во Албанија, пратениците на ДП исклучени од Етичката комисија, имаа вербална пресметка со вработените во гардата на влезот од Собранието, со фрлање брашно в лице на вработените во Гардата, пренесуваат албанските медиуми.
По неодамнешното незадоволство на меѓународната заедница кон косовските власти, ЕУ предупреди дека Косово може да остане надвор од европската интеграција.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
ЕДУКАЦИЈА: Што е говор на омраза?
Говор на омраза е било која форма на комуникација која изразува омраза или поттикнува насилство кон поединец или група врз основа на карактеристики како етничка припадност, раса, религија, пол и сексуална ориентација…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Низ историјата се појавуваат извесни деградирани, посрамотени, разочарани американци кои своите интелектуални капацитети ги ставаат на располагање на „мрачните сили“ и се впуштаат како пропагандисти на озлогласени диктатори, како Путин и Хитлер. Пред и за време на втората светска војна, неколку американски нацистички симпатизери работеа како радиодифузери за германското државно радио, како Милдред Гиларс, позната како Аксис Сали, Роберт Хенри Бест, поранешен новинар кој го користеше слоганот „Mr. Погоди кој“, Џејн Андерсон, попозната како „Џорџија праска“, и можеби најентузијастичкиот радиодифузер, Фред В. Калтенбах“, пишува Драган Мишев во анализата „Антиамерикански пропагандист, теоретичар на заговор, расист, хомофоб: Такер Карлсон, отпуштениот водител на Фокс Њуз кој го интервјуираше Путин.
*
„Ете, ни дојде Ел Нињо и ни го затопли времето, а со тоа ни се појавија и чувствата на пролет среде зима. Но, ако сакате да се прошетате, речиси секое скопско попладне, загадувањето на воздухот е тука да ве потсети како шлаканица дека, сепак, ние сме Мумбај, но без нејзината индустрија.
Воздухот во Скопје, особено во попладневните часови, има свој уникатен мирис. Сличен на мешавина од препечен асфалт, гориво и гуми. Заправо, ако затворите очи и се потрудите малку, можеби ќе заборавите дека сте во Скопје, и да помислите дека сте во индустриска зона“, пишува Назми Абдулрахмани во колумната „Ел Нињо, галиите на Џек Спароу и Скопје“.
Д. Муратов