ВЕСТ НА ДЕНОТ
На паркингот пред поликлиниката Железара 67 годишниот лекар, Ацо Трпковски, доцна синоќа беше пронајден мртов. Неговите синови го нашле со убодни рани во својот автомобил паркиран пред поликлиниката.
Министерството за внатрешни работи информираше дека лекарот со убодни рани е пронајден во сопственото возило „киа“ на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, ги нарече настаните што се случуваат во Газа „војна против децата“, велејќи дека ситуацијата во Газа е апсолутно погубна за децата.
Ова УНИЦЕФ го нарече ‘војна против децата’. Нормално, во сите војни децата се најранливи. Околу 20 отсто од жртвите се деца во војни, но во Газа се речиси 40 отсто. Повеќе од 10.000 деца се убиени, а бројот постојано се зголемува. Не знам колкумина се под урнатините. Ова е апсолутно погубно за децата. Многу деца се гладни, гладот е неизбежен, рече Елдер
ФЛЕШ ВЕСТИ
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, информира дека денеска пристигнуваат нови 400.000 обрасци за лични карти и дека процесите во тој дел се одвиваат тековно.
СДСМ утре на седници на Централниот и на Извршниот комитет, а потоа и на Конгрес на партијата треба да донесе одлука за носителите на кандидатските листи за парламентарните избори, а исто така пред делегатите ќе биде презентирана програмата за претстојните избори.
Избрани кандидатите на ЗНАМ за носители на листите за пратеници, ќе бидат претставени на конвенција в недела.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- Украина би можела да добие неочекувана добивка од 1 милијарда евра од имобилизираните руски средства веќе во јули, изјави шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Соопштението дојде доцна синоќа, откако 27-те лидери на блокот го поддржаа предлогот на Брисел да и се даваат на Украина до 3 милијарди евра годишно камати од руските средства кои се замрзнати во депозитари во земјите-членки на ЕУ. Огромното мнозинство од профитот ќе се искористи за вооружување и опремување на украинските вооружени сили, бидејќи тие продолжуваат да се спротивставуваат на руската агресија.
- Украинскиот претседател, Володимир Зеленски објави на фејсбук дека „руските агресори ја нападнаа Украина со повеќе од 60 ударни беспилотни летала Шахед и речиси 90 проектили во текот на ноќта“.
КОНФЛИКТИ
- Русија и Кина ставија вето на резолуцијата на ОН предложена од САД за прекинот на огнот во Газа. Меѓу 15 земји членки 11 гласаа „за“, додека освен ветото на Русија и Кина, против гласаа Алжир, а Гвајана беше воздржана.
- Во напад на израелската армија врз болницата Шифа убиени се повеќе од 150 Палестинци
ДЕЗИНФОРМАЦИИ/ГОВОР НА ОМРАЗА
Продолжуваат заканите со убиство кон претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. На објавата на линк од текст за прес конференцијата на ЦИВИЛ за изборниот мониторинг на Фејсбук профилот на Новатв.мк, од профилот „Маја Врљковиќ“ беше напишан коментар:
„Во овие услови само за метак у глава на Дерала може да се говори“.
Во друга објава каде што се презентира извештајот од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ, профилот „Тони Моневски“ коментира: „Тие од Цивил треба пред народен партизански суд како во 1945 да бидат извадени. Тие се грко-балистички северџани, само доживотен затвор за предавниците“.
Профилот „Илија Лазаров“ коментира: „А бе вие сеете отров, омраза е мал збор збор за вас, се ви се чисти повраќаници, немате мерка“!
Фејсбук страницата Кичево објави колаж од „предавниците“ со пораката „Сите ќе ве стреламе“.
Меѓу „предавниците за отстрел“ се: претседателот на државата Стево Пендаровски, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, челниците на ДУИ, Али Ахмети, Талат Џафери и Артан Груби, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, претседателот на Украина, Володимир Зеленски како и активистите на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и Дехран Муратов, и други.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Јавноста треба да знае дека во валканата кампања со навреди, дискредитација, клевети, омраза и закани не учествуваат само анонимни тролови и трол армии, туку и луѓе со име и презиме, меѓу кои се познати пропагандисти (новинари, интелектуалци и други) и политички лидери или високи партиски функционери. Меѓу нив, се разбира, прикриени, се и припадници на безбедносните структури во земјата, но и од странство. Шарена дружина…
Трол армиите се тука за да го наметнат ставот на своите работодавци како единствено точен. Не како доминантен став, туку единствен. Ни трага од дебата и преиспитување, никој не смее да размислува различно! – тоа е нивната цел.“, пишува Џабир Дерала во колумната Стравот е нивното оружје. Нашиот арсенал е многу поголем и посилен.
Подготви: Харис Сулејман