ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата ги одобри 250-те милиони евра за бизнис секторот, на потег банките и компаниите
Владата денеска ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија наменети за компаниите со што практично сега Развојната банка може да ги потпише договорите со банките и средствата да станат оперативни. Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Таравари: Мицкоски ќе ги прифати и уставните измени како што ги прифати Коридорот 8 и Преспанскиот договор
„Беше против Коридорот 8, но денеска се работи посилно од кога било. И за Преспанскиот договор имаше противење, но тој денес го прифати Преспанскиот договор. Третата работа што треба да го направи г. Мицкоски, а јас се надевам дека ќе ја направи, ме радува фактот дека тој е убеден и сигурен 100 проценти дека ние секако дека треба да одиме на патото кон ЕУ. Сега имаше избори во САД, имате во предвид дека, тој има блиски пријатели кои се блиски со претседателот Трамп. Но и во Бугарија немаше влада до пред една недела, бидејќи и за да се движат овие работи, треба да имаш некого од другата страна со кого да преговараш“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
РЕГИОН
Прва победа на студентите, српскиот премиер Вучевиќ даде оставка
На денешната вонредна прес-конференција, српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка. Според него протестите на студентите се организирани од странство. Студентите продолжуваат со блокадите.
СВЕТ
На северот на Газа се вратија над 300.000 раселени Палестинци
Над 300.000 раселени Палестинци се вратија на северот на Појасот Газа, откако израелската армија вчераутро го одобри нивното враќање, соопшти канцеларијата за медиуми во Газа. Враќањето беше одложено за 48 часа откако Израел ја обвини палестинската милитантна група Хамас дека ги прекршила условите од договорот за прекин на огнот со тоа што не го ослободила заложникот Арбел Јехуд.
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Дали и зошто ќе се приклучите кон најавениот бојкот на маркетите во петок?
АНАЛИЗИ
„Овој јануари даде две катети на вмровската политика – промашената посета на Вашингтон и снимките од перчењето на ослободениот милијардер Мијалков во најскапиот град на континентот – Монако. Хипотенузата лесно можете да ја замислите и опишете: ете тоа е „бенефитот“ од 14-те години на владеење на една коруптивна партија, чија цел е годинава една – победа на локалните избори, каде лежат нови мајдани на личното и групно богатење“, пишува Љубомир Костовски во анализата „ПАРТИСКА КОПИЈА НА ФАТАЛНИОТ ИЗОЛАЦИОНИЗАМ: Импозантен чекор назад кон груевизмот“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Било да се Македонци, Срби, Албанци или други, сеедно – на балканските политички шефови и шефчиња некако им е полесно да возат со погледот закован за ретровизорот. И се тркаат кој ќе стаса подлабоко во минатото. Запомнете… Вештачката интелигенција е бесплатна. Toa што скапо чини и уништува цели генерации е политичката глупост“, пишува Џабир Дерала во „Политичка временска машина: Режимот на Вучиќ се брани во СкопЉе“.
Подготви: Б. Јордановска