ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пет лица ќе одговараат за перење пари за „Скопје 2014“
Предметен јавен обвинител кој постапува во предметот познат во јавноста под кодно име „Феникс“ до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица на кои им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од кривично дело од член 273 од Кривичниот законик. Со Обвинителниот акт е поднесен и Обвинителен предлог против шест правни лица обвинети за истото кривично дело, соопштуваат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
Од досега прибавените докази укажуваат дека групата делувала преку формирање на правни лица во странство, реализирање банкарски трансакции од и кон странски држави и купување на имоти во странство, од што пак несомнено произлегува околноста дека доколку се дадат во бегство ќе имаат и материјални, финансиски и логистички можности да останат недостапни на органите на прогонот подолг временски период или целосно да ја одбегнат кривичната одговорност.
Севкупниот имот (хотел, деловни простории, станбени единици и други недвижни и подвижни предмети) идентификуван во текот на постапката со Решение на судија на претходна постапка е привремено обезбеден и истиот со оглед на начинот на кој е стекнат ќе биде предложен од страна на обвинителството за конфискација“, соопштуваат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Залужни: Ми требаат луѓе, муниција, оружје за да продолжам да се борам, но главната работа е да се спасат луѓето
„Јас јасно разбирам и знам дека нашите војници се на фронтот во исклучително тешки и предизвикувачки услови и ја вршат својата работа, благодарение на што можеме мирно да разговараме со вас. Тоа е многу, многу тешко за нив. И би сакал луѓе кои одат да се приклучат на војската за јасно да разберат колку време треба да се борат. Ќе има кој да ги замени овие луѓе за 36 месеци.
36 месеци не е реална бројка во условите во кои се наоѓаме. Но, можеме само да се надеваме дека интензитетот на непријателствата нема да се зголеми и ќе можеме да ги замениме овие луѓе за 36 месеци… 36 месеци ќе бидат доволно време да подгответе човечки ресурси за замена“, изјави врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, кој ја одржа својата прва прес-конференција од почетокот на инвазијата, во целосен обем.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Европската унија подготвува резервен капацитет за да и обезбеди на Украина до 20 милијарди евра помош, што ќе овозможи да се заобиколи ветото на Унгарија, пренесува Укринформ според Financial Times.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ТЕХНИЧКА ВЛАДА Централниот одбор на СДСМ ги утврди кандидатите за министри во техничката Влада, на која премиер ќе биде Талат Џафери според договорот кој го постигнаа СДСМ и ДУИ по изборите во 2020 година.
ДКСК Антикорупциската комисија на денешната седница поднесе иницијатива до Обвинителството, Владата, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Регулаторната комисија за енергетика, финансиската полиција и до УЈП поради сериозни сомнежи за монополско и непријателско здружување на пазарот на мазут во земјава.
ДИК Седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска се одвива во тензична атмосфера откако пратеничката на опозициските албански партии Сафије Садики Шаини побара да не биде ставен на гласање предлогот за член на ДИК Зулфи Адили поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа, кој беше одбиен од членовите на партиите од власта.
УЦЕНА Претседателот и пратеник на Алтернатива, Африм Гаши денеска на прес-конференција истакна дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија Абдуш Демири.
ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО Советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител.
ГАЗА – ИЗРАЕЛ
Израел ќе престане автоматски да им дава визи на работниците на Обединетите нации, изјави израелскиот владин портпарол во вторникот, додавајќи дека земјата наместо тоа ќе ги обработува барањата од случај до случај.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албанските медиуми – Албанската опозиција протестира со блокада на сообраќајот; целта на сајбер нападот на албанското собрание била бришење податоци; Изборната комисија на Косово заседава за суспензија на две политички партии.
Подготви: Д. Тахири












