ВЕСТ НА ДЕНОТ
Парното греење ќе поскапи за 4,51 процент
Парното ќе поскапи 4,51 процент, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Како што информира Бислимоски на прес-конференција, тоа на сметка од 1 000 денари значи зголемување за 45 денари или на просечна сметка од 1 800 денари во Скопје, зголемувањето е 80 денари.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Агелер: Судиите во кој било суд и во која било земја мора да носат одлуки врз основа на закон и без мешање
„Мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира од оние во судството, од владата или од народот на оваа земја. Надворешното влијание ја нарушува вербата на јавноста во македонските институции и функционери. Правдата мора да биде транспарентна – граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку“, се вели во пишаниот одговор од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по барање од Сител телевизија во врска со информации објавени пред два дена дека „амбасадоркат била во посета на Врховниот суд по барање на судии, кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руските војници во окупираната Волноваха, Донецка област, влегле во дом и убиле девет цивили, меѓу кои три жени и две деца, на возраст од пет и девет години, објави обвинителството на Донецката област на 30 октомври.
Украинската војска уништи конвојот со руски војници додека се обидуваа да ја пробијат одбраната кај Краснохоривка, додека бројот на загинати руски војници во Украина од почетокот на целосната руска агресија врз Украина надмина 300.000 воен персонал проследен со огромни загуби во воена техника.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Од Кривичниот суд потврдија дека се прифатени барањата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и определени се 13 ефективни притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост во врска со осомничените во случајот „Синџир”.
УСТАВНИ ИЗМЕНИ Седницата за уставните измени стои отворена за да се даде простор да се донесе одлука во интерес на граѓаните, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.
УЈП Даночните обврзници што ги опфаќа Законот за данок на солидарност се известени дека важат сите одредби, односно правила од Законот за даночна постапка дека може да ја направат уплатата на три рати заклучно со крајот на годинава, или пак за еднократно одложување на долгот до крајот на декември, со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со којшто УЈП би ставила соодветен залог.
СВЕТ
Комитетот за заштита на новинарите соопшти дека во конфликтот Израел-Хамас досега биле убиени 31 новинар. Дваесет и шест од тие новинари биле убиени во Газа.
*
Белата куќа верува дека е можно во следните неколку дена 100 камиони со хуманитарна помош дневно да влезат во Појасот Газа, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
*
Јумна Ел Сајед, дописничка на Ал Џезира од Газа, објави дека нејзиното семејство добило закани од израелските сили да го напуштат својот дом во градот Газа. Додека ја раскажуваше својата сторија, во позадина се слушаа силни детонации од континуираното бомбардирање на Газа.
АЛ –ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми: Суспендирани четири синдикалци и рудар од Трепча; рокот за пререгистрација на илегалните таблички во Косово одложен за еден месец; Специјалниот суд со рација во куќата на поранешен советник на Хашим Тачи
ЗЕЛЕН ФОРУМ
Шукова: Животна средина е едно од најскапите поглавја за која се потребни многу финансиски средства
„Ако сакаме да имаме одржлива држава треба да ни бидат трите пилари битни, економскиот, социјалниот и животната средина. Ниедно не смее да му смета на другото. Мора да има баланс. Кога ќе има балансиран развој на секој пилар, ќе имате одржлива држава“, изјави министерката за животна средина и просторно планирање.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во основните училишта во скопските општини Аеродром и Гази Баба (со тенденција да се прошири и на други „вмровски“ општини, по „диктат“ на “шпицниот градоначалник“), основците, построени во училишниот двор (или спортската сала) ја пејат државната химна, додека градоначалниците, од вмровска провиниенција, задоволно го „сукаат патриотскиот мустаќ“, пишува Драган Мишев во Брза пошта „На гладно срце химна не се пее“.
ЕКСКЛУЗИВЕН коментар на Амбасадорката на Украина, Н.Е. Лариса Дир, според резултатите од Третиот состанок на советниците за национална безбедност и советниците за надворешна политика во врска со имплементација на Формулата за мир, што се одржа во Малта на 28-29 октомври 2023 година – Малтешки средби на претставници на 66 држави и меѓународни организации за имплементација на Формулата за мир на Претседателот Зеленски.
Подготви: Д. Тахири