ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пожар избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје. Пожарникарите успеале да го стават под контрола пожарот што избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на државата на Европскиот фронт Бујар Османи денеска ги демантираше и ги оцени како лажни вести обвинувањата од опозицијата дека наводно скрил важен документ од ЕК потпишан од 25 нивни членки освен од Грција и Франција дека до септември ќе не пуштаат со старите документи.
– Не е точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ. Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, која што мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие…, рече Османи.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МВР денеска соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.
ИЗБОРНА ХРОНИКА: ОИК максимално да се посветат на изборите; да не се даваат пари од буџетот за анкети; Кабинет со жени; укинување на Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор; џентлменски договор помеѓу ВЛЕН и ДУИ, еднакво општество за сите
ЖИВОТНА СРЕДИНА Вкупно 140 здравствени и еколошки експерти, меѓу кои лекари, научници и активисти за заштита на животната средина, упатија отворено писмо до властите во Брисел со кое бараат од нив „да заземат построг став во однос на загадувањето на воздухот во градот“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Рускиот ракетен брод Серпухов, кој беше закотвен во ексклавата Калининград на Балтичкото Море, беше запален на 8 април, тврдат извори од военото разузнавање на Украина.
*
Најмалку 54 украински воени заробеници (ПОВ) се егзекутирани од руски војници, изјави на 9 април шефот на Одделот за воени злосторства при Генералното обвинителство на Украина, Јуриј Белоусов.
АЛ-ПРЕС
Во Косово веќе втор ден се спроведува попис на населението, а Српска Листа ги повика косовските Срби да не се попишуваат. Европската унија ги повика сите граѓани на Косово да учествуваат на пописот на населението што започна, додека за Србите во четирите северни општини побара тие да се појават и во гласањата повикани за разрешување на градоначалниците на општините, јавуваат медиумите во Косово.
Денеска е одлучувачки ден за поранешниот премиер Сали Бериша, бидејќи Врховниот суд ќе ја разгледува неговата жалба преку која бара укинување на безбедносната мерка куќен притвор, каде што се наоѓа од 30 декември 2023 година, пренесоа албанските медиуми.
Ова се само дел од содржините од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
Денеска ЦИВИЛ ја лансира веб страницата ГЛАСАЈ. На оваа веб страница се објавуваат релевантни вести и информации за изборите, линкови до официјални извори, како и текстови и видео содржини за граѓанска едукација за правото на глас и важноста на граѓанското учество во изборните процеси.
Интересна новина е алатката за планирање на гласањето. Таа има цел да им помогне на граѓанките и граѓаните да го планираат своето гласање.
„Ова е важно, бидејќи гласањето, сепак, е поважно од една шолја кафе во кафуле, а ќе ти одземе отприлика исто толку време“, вели Џабир Дерала, ЦИВИЛ, во видеото објавено на социјалните мрежи.
КОНТЕКСТ
Откако на социјалните мрежи се појавија новите снимки од апсењето на новинарот Фуркан Салиу, каде се гледа и слуша каде што тој вели: „Не можам да дишам“ (Nuk mund të marr frymë), додека припадник на специјалните полициски сили седи врз него, сама по себе се наметнува паралелата со апсењето на афро-американецот Ерик Гарнер, и неговите последни зборови „I can’t breathe“ (Не можам да дишам), додека полициски службеник од градот Њујорк го притиска со колено на вратот при апсењето, по што тој умре од гушење во 2014 година, од каде произлезе слоганот поврзан со движењето „Black life matter“ (Животите на црнците се важни) во САД.
За среќа, апсењето на Фуркан немаше трагичен крај, но додека не стане предоцна, потребно е итно да се преземат сите неопходни мерки за запирање на полициската бруталност и прекумерната (зло)употреба на сила, и секако, да се заштитат животите на новинарите.
Journalist life matter, too! И животите на новинарите се важни!
СЛОБОДНА ЗОНА
„Денот на Ромите, 8 Април, кандидатите за Претседател на државата, но и политичките партии кои ќе настапат на парламентарните избори го искористија за политичка кампања и самопромоција.
Денес сме 9 април, Ромите повторно се нарекуваат со погрдни зборови (циган, ѓуптин, ќумбе…), Ромите од денес повторно се најдискриминираните граѓани, чекаат и по цел саат на автобуските станици, сè уште се возат во стари и искршени автобуси, сè уште важи „правилото“ дека Ромите живеат таму кај што завршува асфалтираната улица, сè уште има деца кои, наместо да бидат во училишните клупи, просат низ улиците…
За еднаквост и рамноправност може да говориме кога Ромите ќе извршуваат или раководат значајни функции во државните институции, а тоа да не биде само советник во Влада за унапредување на правата на Ромите, или да е шеф на смена во Комунална хигиена… Ромите ќе бидат еднакви кога ќе им се дозволи да раководат со сектор кое ќе биде за општото добро на сите граѓани“, пишува Дехран Муратов во колумната „По 8 Април – доаѓа 9 aприл“.
Д. М.