ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ отвори повик за краткорочни изборни набљудувачи, рокот истекува на 8 април
ЦИВИЛ отвори повик за мобилни краткорочни изборни набљудувачи на изборниот процес 2024 година. Рокот за пријавување за краткорочни изборни набљудувачи во составот на ЦИВИЛ е до 8 април, 20 часот.
Според стандардите на ЦИВИЛ, функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач на две организации истовремено.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА За сите кандидат(к)и е важно да знаат дека мониторингот на ЦИВИЛ подразбира мобилност, посветеност и непристрасност. Краткорочните набљудувачи се активни во текот на изборниот молк, на денот на гласањето и еден ден по гласањето. Рок за пријавување: 8 април, 20 часот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) предлага, Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во нејзините сегашните простории, за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) да ги користи бараките во кои сега е сместено Бирото, пренесува новинската агенција МИА. Дирекцијата за ТИРЗ, пак, има нови канцеларии кои се уште официјално не се во функција, но денеска во нив се одржа првиот настан – серијата панели од проектот на „Иднината почнува дома“.
Според директорот на Дирекцијата, Јован Деспотовски, со ова ТИРЗ нуди конкретно решение на проблемот. Студентите, смета тој, мора да имаат приоритет над администрацијата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ Претседателските кандидати потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, освен Стевчо Јакимовски. За кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, Кодексот претставува празно парче хартија.
ПРАВДА Ниската доверба на граѓаните во сите институции е општа констатација и рак рана во судството. Не сметам дека имаме неквалитетни одлуки, но сигурно таа недоверба нешто детектира во однос на нашето работење, вели претседателот на Здружението на судиите на РСМ, судијата Џемали Саити и посочува дека таа се должи и на добар инженеринг од другите власти во однос на пренасочувањето на недовербата кон судството, но и на самото судство.
ПОЛИТИКА Од Никола Кљусев до Димитар Ковачевски, историја на Влади и парламентарните избори
ОДБРАНА Највисок приоритет за Првата пешадиска бригада на Армијата е развојот на Лесната пешадиска баталјонска група како следна НАТО цел за 2027 година. Потребата од постигнување на високите стандарди бара високо мотивирани професионални обучени и компетентни кадри, како што се припадниците на оваа бригада, беше истакнато на воената свеченост што се одржа денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец по повод Денот на оваа армиска единица.
ИЗБОРНА ХРОНИКА
Пендаровски ќе одржи Конвенција; мастер дебати со претседателски кандидати нема; рокот за поднесување пратенички листи во ДИК истекува денеска на полноќ
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
Дали овие избори се „историски“, или само партиски вокабулар за прибирање на гласови
Во пресрет на двојните избори, политичките партии ја нагласуваат реториката како клучен елемент на предизборната кампања, нарекувајќи ги годинешниве избори „историски“. Во време на политички избори, зборот „историски“ станува клучен дел од речникот на политичките актери во земјава.
Се употребува како средство за мобилизација на електоратот и за креирање на емоционална врска со гласачите, со цел да се осигура поддршка и победа на изборите.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Во Хаг почнува конференција за руската агресија врз Украина – на листата Путин
*
Украинските беспилотни летала со ВИ се обидуваат да ја попречат енергетската индустрија на Русија, и засега успеваат
КОНФЛИКТИ
Седуммина хуманитарни работници убиени во израелски напад во Газа додека доставувале храна на гладните цивили. Странски државјани се меѓу седумтемина хуманитарни работници убиени во израелски воен напад додека им доставувале храна на гладните цивили во Газа. Меѓу убиените има и двоен американско-канадски државјанин, како и државјани на Австралија, Полска, Обединетото Кралство и еден Палестинец.
*
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Шпанија до јули ќе ја признае независноста на Палестина, додавајќи дека и други земји ќе го сторат истото во наредните месеци, пренесе шпанската новинска агенција ЕФЕ.
АЛ-ПРЕС
Во Тирана, во рамките на 15-годишнината од членството на Албанија во НАТО, ќе се одржи конференцијата „Албанија 15 години во НАТО – безбедносни закани на Балканот“.
Формирање на Специјална комисија на Собранието на Албанија за координација и надзор на сите институционални активности за борба против дезинформациите и другите форми на странско мешање во демократските процеси во земјата, побара пратеничката група на социјалистите во Албанија.
Ова се само дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Околу одговорот на ова прашање изгледа дека дилема има и самиот српски претседател Александар Вучиќ, кој при читањето на насловот во весникот „Нова“ се прочита себе си, иако јасно пишуваше дека станува збор за Милош Вучевиќ, актуелниот лидер на Српската напредна партија (СНС).
Но затоа, немаше дилеми при изборот на Милош Вучевиќ за мандатар на новата српска влада, со кого заедно ќе веслаат како двоец без кормилар низ надојдените води на неизвесноста кои ги носи иднината за Србија“, пишува Драган Мишев во колумната „Како се пишува правилно, Вучиќ или Вучевиќ?“.
Д. Муратов