ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во Скопје од март ќе може да се изнајмуваат и електрични возила исто како тротинетите
Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-проценен електричен кар-шеринг, односно систем за споделување електрични возила, на словенечката приватна компанија „Авант кар“ денеска потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Се работи за приватна инвестиција на „Авант кар“ од Словенија во систем за заедничко користење на возила, а се предвидува проектот да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија. Неговата тест фаза ќе почне во февруари, а во март ќе може да се почне со целосната услуга. За користење на услугата ќе биде неопходна мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно електрично возило, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка. За изнајмувањето електрична возило ќе се плаќа по минута и изминат километар. Во февруари ќе се знае колку ќе чини изнајмувањето, но како што вели сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер е пониско од користењето на такси услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до Скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра. Како што најави Чер, веќе се подготвени 100-тина електрични возила за Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„За да продолжи бесплатниот превоз за студентите, потребно е Владата на Република Северна Македонија да донесе поединечна одлука со висината на средства што ќе се релоцираат за таа цел. Со оваа мерка ќе го задолжи Министерството за образование и наука да префрли средства за бесплатен превоз за студентите предвидени на конто за студентски стандард согласно Буџетот за 2025 година, се вели во соопштението на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
РЕГИОН
Албанија го забранува ТикТок, Грција ќе забрани пристап на социјалните мрежи за помлади од 15 години
Албанија и Грција се придружуваат на групата земји со планови да воведат низа регулативи со цел да се спречи дигиталната зависност кај младите корисници и да се заштитат од опасностите од прекумерна изложеност на социјалните мрежи.
СВЕТ
Зеленски: Фицо сака да му помогне на Путин да заработи пари за да ја финансира војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека премиерот на Словачка Роберт Фицо има намера да му помогне на Путин да заработи пари за финансирање на војната.
Како што пренесува Укринформ, претседателот Зеленски оваа изјава ја даде на социјалната мрежа Х.
ФОРУМ
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите дали треба да се забрани ТикТок и во нашата земја?
ФОТО НА ДЕНОТ
На плоштадот „Славија“ во Белград синоќа 15 минути владееше молк додека околу 100.000 луѓе им оддадоа почит на 15-те загинати на железничката станица во Нови Сад, приклучувајќи се на протестот на студентите кои повеќе од две недели ги блокираа факултетите барајќи одговорност од властите за несреќата во Нови Сад.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Сезоната на божиќните и новогодишните празници и оваа година почнува, додека во светот продолжуваат неизвесноста, немирите, насилството и војната. Големи промени на врвот на моќта во САД, Германија се подготвува за предвремени избори, француската влада се соочува со значајни промени, а политичките турбуленции зафаќаат и голем број други европски земји. Во меѓувреме, Блискиот Исток е потресен од разорното дејство на војната, со сè посериозни докази за етничко чистење и геноцид во Газа. Руските сили продолжуваат со ескалација на својата агресија, испраќајќи сè посмртоносни ракети против цивилите и виталната инфраструктура, загрозувајќи и уништувајќи безброј животи“, пишува Џабир Дерала во колумната „Демократијата ќе победи: Нашето ветување за неуморна борба за праведен и слободен свет“.
*
„На РТС и го препорачувам овој наш уредник на заем – мајстор е за редуцирање на вести. Изгледа тие таму, во РТС по малку попуштаат пред притисокот на јавното мислење! За нашиов, со онаа слика од грст луѓе што не знаат каде се наоѓаат, пропагандата на Вучиќ одамна би дала „царство“.
Нека ги видат неговите извештаи од Брисел кога е таму Мицковски или интервјуто со двајцата кандидати за претседателската трка со еден учесник во студиото, па да видат со каков тоа мајстор си имаат работа“ пишува Љубомир Костовски во колумната „Имаме велемајстори за редуцирање на стварноста“.
Д. Муратов