Вест на денот
Уставниот суд не поведе постапка за членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови од судиите не поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија, врз основа на кои беа амнестирани лица инволвирани лица во насилството во Собранието на 27 април 2017 година. Иницијативата е поднесена од Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност. Уставните судии кои зборуваа за иницијативата сметаат дека нема место за поведување постапка и оти Законот за амнестија треба да остане во правниот поредок.
Судијата известител Владимир Стојановски меѓу другото рече дека Уставниот суд не може да се стави во улога на Парламентот и да определува кого да амнестира.
Подносителот на иницијативата Чавков смета дека селективната амнестија ги крши основните слободи и права на човекот загарантирани со Уставот.
Судијата Осман Кадриу посочи дека Чавков, како подносител на иницијативата, е лишен од едно уставно право, а тоа е лишувањето од слобода.
Кадриу кажа дека амнестијата е во надлежност само на Собранието, додека помилувањето и аболицијата се во надлежност на претседателот на државата.
Три години затвор за Кичеец
Кривичниот Суд на третообвинетиот во случајот „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание“ , Зоран Милески Кичеец којшто на вчерашното рочиште за случајот се изјасни како виновен, денеска му изрече казна од три години, што ќе ја издржува заклучно со 15 јули 2019 година.
-Судот како отежителни околности ги ценеше тежината на кривичното дело, умислата…, но ги ценеше и олестителните околности, дека е татко на пет деца, дека се грижи за своите родители, бидејќи неговиот татко е тешко болен, а го ценеше и неговото признание на вина, рече судијката Васка Николовска Масевска.
Таа потенцираше дека обвинетиот и обвинителството имаат право на жалба пред Апелација.
Судот одлучи Зоран Милевски – Кичеец да остане во домашен притвор до правосилноста на изречената затворска казна.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.
Судењето за Бојан Јовановски и Катица Јанев ќе продолжи, бидејќи тие не признаа вина, односно тврдат дека се невини.
Владата ги прифаќа седумте барања на „Марш за чист воздух“ и повторно ги поканува на средба
Владата соопшти дека ги прифаќа сите седум првични барања од организаторите на „Марш за чист воздух“ што тие ги поставија минатиот петок на протест како услов за да одат на средба со владини претставници. Воедно, Владата очекува и дека прифаќањето на нивните барања ќе доведе до средба на која, како што се посочува во соопштението, заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина.
Седумте итни барања што ги постави „Марш за чист воздух“ и кои Владата соопшти дека ги прифати се: Указ за итно носење ДУП за Вардариште; ЈО да отвори истрага за ОХИС и за палењето кабли во Скопје; да се усвојат измени на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја; да се одземе концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука и да се одземе истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.
Започна дводневниот Самит на НАТО во Лондон
Во Лондон започна состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменичката на претседателот во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Премиерот Зоран Заев во рамките на Самитот се сретна и со премиерот на Обединетото кралство Борис Џонсон. На средбата двајцата премиери ја истакнаа определбата за долгорочно зајакнување на односите меѓу двете земји како потврда за меѓусебното блиско пријателство и взаемна поддршка, сега и во рамки на сојузништвото во Алијансата.
Премиерите Заев и Џонсон ја издвоија заедничката посветеност за продлабочување на економските и трговските односи меѓу двете земји, како и на поддршката за развој и унапредување на регионалната соработка.
Флеш вести:
Рочиштата за „Маџар телеком“ и за „Титаник 3“ одложени за 29 јануари
Кривичниот суд денеска го одложи рочиштето за случајот „Маџар телеком“ за 29 јануари, за кога треба да биде обезбеден сведокот Слободан Богоевски.
Судењето за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година „Титаник 3“ се одложи за 29 јануари 2020 година. За денешното рочиште не беше обезбеден сведокот кој има пријавено живеалиште во Германија.
Рускоска: Одлуката на Уставниот суд може да ги амнестира сите за „27 април“
Доколку Уставниот суд иницијативата ја разгледува по однос на одреден член од целиот Закон за амнестија и оцени дека е вонуставен, според обвинителката Вилма Рускоска, тогаш би биле амнестирани сите останати за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
ЦИВИЛ активности
ЦИВИЛ интензивно се припрема за финалниот од мноштвото настани во рамките на Фестивалот на слободата по повод 20 годишнината од формирањето на организацијата. По големата Конференција „Меѓу стремежите и реалноста“ посветена на предизвиците , работата и постигнувањата на граѓанскиот сектор, панел дискусијата „Рампа“ по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни можности“ што се одржа вчера во Музејот на Град Скопје, на 10 декеври, на истата локација ЦИВИЛ ќе одржи настан заедно со Фолтин, Соња Исмаил, Марга Сол, ДЈ Дино, филм-фест на успешни активистички стории што го менуваат светот, изложба, перформанси…
Мисла
Добро утро со Орданоски: Рускоска – Јанева, 1:1 (Кичеец исклучен од игра)
„Од театарот на првиот ден од почетокот на судењето за случајот „Рекет“ има само една супстанцијална вест: обвинителката Рускоска објави дека брачниот пар Јордан и Ана Камчеви се оние кои, преку Кичеец, се поврзале со Боки 13. Не обратно. Интересно е да се дознае како е, всушност, во овој контекст, формулирано признанието на вината од страна на Кичеец, долгогодишниот близок соработник на г. Камчев во најразлични бизнис и правни зделки за стекнување МНОГУ значителни користи во минатото.“
Дневникот го подготви Дијана Тахири во соработка со членовите од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа и Сашо Орданоски