Судија на претходна постапка одреди 30 дневен притвор за Бојан Јовановски и за Зоран Милевски.
Обвинителката Вилма Рускоска по распитот во Кривичниот суд изјави дека мерката притвор за осомничените бил доделен по три основи: опасност од бество, влијание врз сведоци и постапка и повторување на делото.
Таа изјави дека кај двајцата осомничени се извршени претреси, но не и кај обвинителката, која одби да ја именува. Неа и бил одземен телефонот за да се види комуникацијата со Јовановски. Таа додаде дека нема обележани пари, но имаат снимки од разговори и видео снимки.
Уапсените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра за преку јавен обвинител врз кој имале влијание да ја олеснат положбата на лице кое е под истрага. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.
Според обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.