Земјава се соочува со бран на вирусот посилен од првиот. Нови 135 случаи на заразени од КОВИД 19 регистрираше вчера Министерството за здравство. Здравствениот билтен евидентираше и шест починати лица и 75 оздравени пациенти.
Министерот за здравство вчера одржа заедничка прес-конференција со Фабио Скано, советник на регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација.
„Во изминатите неколку денови имавме интензивни разговори за состојбата со коронавирусот, глобално, понатаму за регионот и посебно за нашата земја. Имавме продуктивни состаноци со Комисијата за заразни болести, Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, на неколку јавно здравствени установи, лабораториите во кои што се врши дијагноза на вирусот. Разговаравме за досегашното искуство во борбата со вирусот, активностите и мерките кои досега беа преземени и секако за следните чекори за справување со епидемијата. Светската здравствена организација е наш стратешки партнер, во многу сегменти во здравството, уште повеќе сега откако и ние како земја се соочуваме со овој голем светски здравствен предизвик“, истакна министерот Филипче.


Филипче потенцираше дека претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Џихан Тавилах сите овие 4 месеци дава огромна поддршка на нашиот систем за справување со вирусот за што изрази голема благодарност.
„Локалната канцеларија на Светската здравствена организација е во секојдневна комуникација како со Министерството за здравство, така и со членовите на Комисијата за заразни болести, како и со многу други чинители во овој процес. Освен поддршката во консултации, препораки, донации која ја добиваме, СЗО ни оддава и признание за напорите, трудот, неуморната работа на здравствените работници, институциите и властите во справување со вирусот и во однос на менаџирање на кризата на терен, методологијата, мерките, но и во однос на целосно транспарентната комуникација со јавноста, односно известување за состојбата со вирусот во нашата земја. Уште кога кон крајот на јануари, СЗО прогласи светска вонредна состојба ја интензивиравме оваа наша меѓусебна комуникација, ги преземавме сите мерки и препораки кои ги издаде институцијата и го подигнавме нивото на будност на повисоко ниво, дури и пред да го регистрираме првиот случај во нашата земја“, рече министерот Филипче.
Фабио Скано, советник на регионалниот директор на СЗО – Европа изрази благодарност до Владата на Северна Македонија, Министерството за здравство и Канцеларијата на СЗО во Скопје.


Тој потенцираше дека повторното појавување на случаите е нешто што може да се изменаџира, и затоа во иднина сите напори треба да бидат насочени кон спречување на ваквите појави. Ова ќе биде можно доколку власта и граѓаните си помогнат едни на други, и цврсто соработуваат. Северна Македонија до неодамна беше еден од најдобрите примери за одговор на КОВИД-19 во европскиот регион. Светската здравствена организација и земјата повторно можат да се вратат на ваква позиција. Тој порача до Владата да продолжи да ги идентификува, изолира и тестира, како и да ги следи контактите и да ги стави во карантински режим.
„Она што го знаеме е дека треба да се прекине ланецот на пренесување, секој случај да биде изолиран, згрижен и тестиран, и секој контакт треба да биде во карантин. Ова треба да се направи со целосно ангажирање на локалните заедници, сите оние кои се болни треба веднаш да се самоизолираат. Понатаму, треба да се следи појавувањето нови случаи, и да се искористат податоци во реално време за да можеме да бидеме пред вирусот, а да не каскаме позади него како што ќе работиме против КОВИД-19. Мораме да мислиме и на другите, пред се есенцијални услуги за пациентите, а истите треба да бидат одржувани во функција. Треба да се избегнуваат или соодветно да се менаџираат собири и групирања на поголем број луѓе, со цел да не се дозволи вирусот да се пренесува од лице на лице. Треба да се воведат ако е потребно таргетирани, односно целно ограничени мерки на контрола и тие треба да бидат предмет на мерење односно градација“, додаде Скано.












