ВЕСТ НА ДЕНОТ: Претрес во ДИК и одземена тендерската документација за софтверот
Основното јавно обвинителство за организиран криминал по допрен глас денеска влезе во Државната изборна комисија (ДИК), за да утврди дали има кривично дело при спроведување на тендерот за набавка на софтверот на оваа институција, потврдија за МИА од обвинителство.
Оттаму не потенцираа дали обвинителите се уште се присутни во ДИК, но посочија само дека при овој претрес е одземена тендерската документација, за да се утврди дали се почитувани законските постапки.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Лукаревска: Работодавци зимале пари од државата за месец април и мај, а не им исплаќале на работниците
https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/637415653543298/
ФЛЕШ ВЕСТИ
Македонските државјани од денеска ќе можат да влезат во Бугарија со приложен негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.
Во актуелниот состав на Собранието влегува дваесет и три годинишната Артина Ќазими, како најмлада пратеничка и седумдесет и две годишниот Илија Николовски, како најстар пратеник.
Владата ја поништи паричната казна која Чулев ја прифати за советникот кој нападна началник.
Северна Македонија ќе учествува во Доверителниот фонд на НАТО за справување со Ковид-19.
Мајк Помпео на одбележувањето на 231-та годишнина од формирањето на Стејт департментот синоќа ги истакна успесите на американската дипломатија во изминатата година, меѓу кои, го посочи и зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
„Форин полиси”: Доколку Балканот има успешна приказна, тоа веројатно е Македонија.
Регистрирани се 102 нови случаи на КОВИД-19, пет починати и 99 оздравени.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ денеска објави анализа за политичкото финансирање под наслов Кој и колку донирал во партиите и како се прикажани финансиите? Ако се погледнат извештаите за донациите на шесте политички партии и коалиции кои освоија пратенички места, веднаш се забележуваат извесни разлики во донираните суми, во пристапот на финансирање преку донациите, но и во начинот на кој тие се претставени пред државните ревизори – се вели во анализата.
Освен анализи, ЦИВИЛ секојдневно објавува извештаи за црната пропаганда, лажните вести и говорот на омразата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Таман кога ќе помисли човек дека, барем привремено, сè е кажано и дека сите теми до формирањето на новата влада се потрошени – ќе се јави ДУИ со нова „генијална идеја“! Во Мала Речица мора да има некој труст на мозоци што не спие, во подрум ли ги чуваат како печурки, на норма ли се, можеби со некоја шарска лековита трева се мачкаат во пределот на слепоочниците, што ли е не знам, но луѓево не престануваат да произведуваат идеолошко-политички бравури како да се дојдени од некој друг свет од минатото, околу 16-17 век, плус-минус два века“, пишува Сашо Орданоски во „Командантите на ДУИ, поткачени на платформа“.
„Јавноста повторно го изгуби компасот во запалената македонска политичка џунгла. Ситуацијата е супер комплицирана, има многу повеќе од ова да се толкува и разбира, но ова се некои основни насоки за ориентирање. Кој ќе се изгуби во оваа џунгла, нема да го најдеме ни на следните избори…“, пишува Џабир Дерала во „Запалената политичка џунгла“.
Ангела Петровска