ЦИВИЛ ја започна панел дискусијата на тема „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“, која се одржува во хотелот Сити Парк.
На панелот учествуваат Јована Јована Тренчевска, Раководител на одделение за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности во Министерство за труд и социјална политика , проф. Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Висар Адеми, експерт за економија, Лиса Баута Шаќири, авторка и правничка и Рамуш Муарем-Цирко, новинар, а модератор е Дехран Муратов од ЦИВИЛ. На почетокот на панел дискусијата, Џабир Дерала ќе ги претстави ставовите и првичните препораки на ЦИВИЛ на оваа тема.
„Кога ќе се спомене зборот дискриминација, тоа повлекува состојби и ситуации што засегнуваат огромен број луѓе, поединци и групи, заедници и категории на граѓанки и граѓани. Најдиректно и со долгорочни и тешки последици во животот на луѓето е токму дискриминацијата во постапките и процедурите на вработувањето, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Тоа е многу почеста појава, отколку што за тоа се говори во јавноста“, истакна Дерала на почетокот на панелот.
Дерала додаде дека дискриминацијата може да биде позитивна, но честопати таа се претвора во политичка алатка за пазареење или злоупотреба на правата и слободата на граѓаните, кои наместо да добијат подобри опции во процесите, стануваат жртви или клиенти во тие институции.
Јована Тренчевска се осврна на она што е вклучено во Законот за заштита од дискриминација, одлуката на Уставниот суд да се укине законот предизвика бурни реакции, не само кај активистите и професионалците туку и кај граѓаните, тој се рефлектива во секојдневното живеење.
„Од тој аспект, живееме во време во кое што главна опција е градењето на социјанла демократска современа држава, каде почитувањето на човековите права е темелна вредност. Во моментов немаме заокружена законска регулатива која ќе биде посветена на дискриминацијата и еднаквите можности, приоритет на Владата е донесување на овој Закон, тој приоритет е реализиран и е во собраниска постапка“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека Прелог Законот бил позитивно оценет од Советот на ЕУ, Комисијата на ЕУ и Венецијанската комисија како современ закон, и со неговото условување ќе имаме заштита од дискриминацијата.
„Законот ќе се применува и во приватната и јавната сфера и експлицитно се наведени областите каде не смее да има дискриминација, токму и работните односи се таму“, додаде таа.
„Јас многу јасно го искажав незадоволството од работата на Уставниот суд, за кој мислам дека сосема неоправдано и со многу погрешно читање на Уставот и законите го направи укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и би било само спекулација зошто тоа го направил и кој добил од тоа, меѓутоа факт е дека ја доведоа државата во ситуација да има еден вакуум во коешто немаше законска регулатива со која граѓаните би се штителе од дискриминација и тоа е недозволиво после толку години на борба за донесување на овој Закон и после толку години на постоење на ваква законска регулатива“, истакна професорката Мирјана Најчевска на панел дискусијата на тема „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“, во организација на ЦИВИЛ.
Најчевска истакна дека не треба да има различен третман кон луѓето поради одредена карактеристика меѓу која и да е етничката припадност, посебно кога станува збор за вработување во приватниот сектор.
„Во економија каде приватниот сектор се обидува да наметне конкурентност врз база на човечкиот капитал и капитал на иновации, вие не можете да кажете дека критериум за вработување на еден човек е тоа што знае македонски или албански јазик, веќе никој не бара дали знаеш јазици“, истакна Висар Адеми, економист.
„Ние живееме во држава каде што Никола Груевски го регулираше целиот приватен пазар, тој тогаш кажуваше ние ќе поддржуваме одреден сектор, индустрија или компании. Ние живееме во мајндсетот на регулирање на пазарот и затоа вакви идеа даваат, затоа што толку многу е регулиран пазарот во Македонија и толку многу зависи приватниот сектор од субвенции и државна помош, што тие мислат дека и преку политиката на вработувањето можат да им наметнат вакви политики. Јас мислам дека тоа е погрешен став, таа политика на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски, не сега, треба целосно да се уништи, да се регулира пазарот слободно да мисли еден претприемач, човек кој сака да му биде пазарот цел свет или барем регионот, не можете да му наметнете партиски кадри“, додава Адеми.
Новинарот Рамуш Муарем-Цирко истакна дека издвојувањето на етничката припадност за вработувањето не може да се смета како афирмативна и дека тоа се коси со Уставот на државата.
„Знаеме дека сме мултикултурна држава и вакви предлози одма ги кршат копјата, од една или друга страна секогаш има напади, и ова мерка може да донесе повеќе раздор отколку економска или некоја друга стабилност“, додаде Муарем.
Тој истакна дека кај Ромите во државата е повеќе присутна сиваta економија, затоа што самите гледаат дека немаат шанси или шансите се многу минимални да се вработат во јавниот или приватниот сектор.
„Државата прави напори да се елиминира таа сива економија, за да се полни буџетот, а Ромите се принудени така да работат, бидејќи немаат пристап до вработување во приватниот сектор, или ако се вработат тогаш се на функции од понискиот ешалон, а раководителни функции нема шанси да добијат“, рече Муарем.
Лиса Баута Шаќири, авторка и правничка истакна дека треба да се прави разлика меѓу критериуми кои работодавците ги наметнуваат, и политиките кои ги наметнуваат политичарите.
„Кандидатите кои треба да конкурираат треба да го задржат товарот и истовремено тие да бидат носители на одлуката дали ќе научат јазик плус, а не одбратното, кое вика во секоја фирма да има одредени критериуми“, истакна Баута Шаќири.
Таа додаде дека дискриминацијата тука не постои како етнички клуч, туку дека етничката припадност се користи за популистички мерки и дека истата треба да се тргне како клуч за вработување.
Ангела Петровска