ВЕСТ НА ДЕНОТ: Бројката на новозаразени случаи со КОВИД-19 ја достигна критичната „илјадарка“
Бројката на новозаразени случаи со КОВИД-19, денеска ја достигна критичната „илјадарка“, поточно, регистрирани се нови 999 случаи во нашава земја.
Од Институтот за Јавно здравје информираат дека во послените 24 часа се направени 3.627 тестирања, 999 нови случаи со вкупно 24 починати пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 571.068 тестирања на КОВИД-19.
Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 113.929, бројот на оздравени пациенти е 98.676, на починати е 3.364, а на активни случаи изнесува 11.889.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Богојески: Бојкот на пописот е најантимакедонски чин, поголем од бојкотот на референдумот!
„Попис треба да има, но во услови кога е тој возможен и секако само и само согласно европски стандарди! Бојкот на пописот е најантимакедонски чин, поголем од бојкотот на референдумот! Ако тогаш му завршија работа на Груевски, сега со овој бојкот на кого од мафијата треба да му се заврши работа!“, изјави Петар Богојески, иницијатор на Македонски концепт, за ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ со дебата и во Гевгелија: Пописот е статистика, а не политика
По извонредните дебати во Штип и Гостивар, на рутата на јавни настани во организација на ЦИВИЛ се најде и Гевгелија. „Попис: Статистика, не политика“ е насловот на панел дискусијата што ќе се одржи и во Гевгелија, в среда, на 17 март 2021, во Домот на културата, со почеток во 13 часот.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
Во фокусот на панел дискусијата е потребата да се одвои политиката од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. За јавноста е важно да се слушнат ставовите на учесниците од различни градови во нашата земја, да споделат информации за подготовките на пописот и неговото значење за развојот на општините, економијата, стопанството и градењето политики и практики на локално и национално ниво.
Панел дискусијата ќе трае еден час. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Попис- Преку апликацијата за самопопишување заклучно до 08.00 часот денеска се евидентирани вкупно 68.668 лица од дијаспората.
Општество– Секој граѓанин затекнат на граница после 22:00 часот има право да стигне до својот дом и никој не смее да не го обезбеди или да го попречува тоа право.
КОВИД-19- Од појавата на првиот случај на ковид-19 во Македонија пред една година досега, 116 лица по вторпат се заразиле со вирусот. Ова го покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за реинфекција со коронавирусот.
Лажни вести- Слика од порноактерката Миа Калифа се користи за ширење на лажни вести и дезинформации, како и говор на омраза. Покрај сликата на поранешната порноактерка Миа Калифа (Mia Khalifa) е напишан текст: „Миа Јовановска од Студеничани Скопје освои прво место за физика на европското првентство EUFIZ 2021, зошто ниту една телевизија не објавува вакви убави вести?“. Ваквата објава која има скоро 500 споделувања и стотици коментари, има за цел да ги доведе во заблуда корисниците на социјалните мрежи и да предизвика гнев кон актуелната власт.
Интеграции- Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Швајцарија и на Шпанија, а на аеродромот во Софија денеска се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Апел до двете земји да се подготват за преговори засносвани на разум, а не на емоции, упати денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на средбата на аеродромот во Софија со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Економија– Европската инвестициска банка, според најавите од премиерот Зоран Заев, подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за рестарт на економијата и враќање на развојот од пред кризата. Од ЕИБ за во текот на годинава се најавени нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија.
Онлајн регистар на е-трговци креираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија АЕТМ во рамки на бесплатната едукативна веб платформа ecommerce4all.mk. Преку регистарот купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистрирана онлајн продавница
Политика- Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта, во прво читање, е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Премиерот Зоран Заев денеска ја продолжува посетата на Луксембург, каде според најавите ќе има средба со неговиот колега Ксавиер Бетел.
Словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш денеска го поздрави објавениот план на Владата наречена „Агенда Европа дома“, којашто, како што рече, е вистински пристап за комплексните реформи на патот кон членство во ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за интерпелација во собранието на министерот за здравство, Венко Филипче обвинувајќи го дека поважни му се провизиите за вакцини отколку животот на граѓаните.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: „Вакцинската“ сага на Северна Македонија
Со новите, покачени бројки на заболени со коронавирусот, приказната со вакцините против КОВИД-19 во Северна Македонија уште повеќе е предмет на јавна дебата, меѓупартиски обвинувања, влева неизвесност кај граѓаните, но и кај политичките чинители во државава.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Дното на Македонија е секогаш расположено да се пробие нагоре, да плута малку на површината, сонце да види, пред повторно да потоне во најдлабоката мил, каде што му е местото.
Таков еден молскавичен малограѓански пробив на дното кон врвот деновиве се случува по повод изјавата на македонскиот претставник за Евровизија, г. Васил Гарванлиев, дека, со оглед на тоа што една од неговите баби била Бугарка по националност, и тој има денеска, покрај македонското, и бугарско државјанство“пишува Сашо Орданоски во колумната „Гоце Делчев: twelve points за Гарванлиев!“
„Инаку КАТИЛ е човек намќор! Човек без душа, без срце! Човек како од змија роден! За таквите ни сапун во уста за перење на јазикот не помага. Тешка беше нивната терапија. Длабоко беа заглибиле во лицемерие, љубомора, ситење на туѓи несреќи, пикање нос во туѓи манџи, фаќање сеир, немање човечност и немање желба за сограѓанство. Омразата, љубомората, политичката поделеност и зависта ги изедоа од внатре. Како епидемија се имаше проширено меѓу нив.
Тоше ги опеа во една песна. …што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи…“ пишува Стевче Дечев во колумната „Колку сме, толку сме, (не)токму сме! “
И. Крџиќ