ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заев и Мицкоски се договорија за одложување на пописот во септември
Претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски ја завршија денешната средба. Договорено е одложување на пописот за септември и локалните избори.
Како што изјави Мицкоски по средбата пописот би се одржал од 5 до 30 септември, а дотогаш ќе биде отворена апликацијата за самопопишување, додека локалните избори би се одложиле за втората половина на октомври.
Заев истакна дека со ова се отвора можност за дијаспората да може да се попише до 30 септември и упати со сите членови во дијаспората да ја искористат оваа прилика.
„Упатувам порака до граѓаните дома, ова е важна статистичка операција. Сега ја имаме и најголемата опозициска партија овде. Верувам со тоа ќе се согласат и албанските опозициски партии, испраќам порака до Левица, до сите граѓани да се попишат“, рече Заев.
Дијаспората почна да се попишува и ред е да се верификуваат досегашните податоци и даваме континуитет до 30 септември, рече Заев и додаде дека физичкото попишување е поризично и затоа дале простор за помасовна имунизација на населението па физичко попишување.
Заев нагласи дека во пописот се попишуваат сите граѓани кои имаат македонско државјанство и истакна дека нема да може да се попише оној кој нема македонско државјанство.
Додаде дека кампањата за локалните избори ќе почне по 30 септември, со цел во втората половина на октомври да се одржи првиот изборен, а во ноември вториот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ:
„Во текот на пауза искористив прилика да консултирам претседателот на државата, на Собранието, претседателите на ДУИ и БЕСА, а во среда имам средба и со Алијанса и Алтернатива. Се договоривме да се одложат изборите за вториот дел од октомври и пописот за септември, заради имунизација на населението и попишувачите. Важно е дека дијаспората ќе продолжи да се попишува и ја користам приликата да повикам сите граѓани како дома така и надвор да се попишуваат. Делот кој се договоривме за деблокирање на Собранието е многу важно меѓу кои градба на Клинички центар, законите за пензионирање, законите од европската агенда, за справување со пандемијата и помош на населението и стопанството. Прифативме уште утре да влезе изборниот законик за гласање со отисок“, изјави премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ организира панел дискусија „Попис: Статистика, не политика“ во вторник, 30 март, во хотел Парк&Спа Резиденс, Скопје, со почеток во 13 часот. Учесници ќе бидат Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ и Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“. Панелот ќе го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
ГОВОР НА ОМРАЗА И ЛАЖНИ ВЕСТИ
Поранешниот директор на Македонската опера и балет (МОБ) и професор на ФМУ, и еден од тројцата организатори и водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“, по вчерашниот твит што се однесува на недоличното однесување, односно пцовките на фудбалскиот репрезентативец Илија Несторовски на натпреварот со Лихтенштајн, односно, за реакциите по неговото однесување од страна на голем дел од јавноста, во коментарите се служи со експлицитен говор на омраза.
„ Што се запнавте за псовката на Несторовски, знам неколкумина што е*аа мамата на цела држава и ништо не им фали…“, напиша Дурловски.
Владата денеска ги демантираше информациите објавени од пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и дел од медиумите, дека тројца министри „се вакцинирале преку ред“.
„Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање на министри. Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата“, беше објавено денеска на официјалниот Твитер профил на Портпаролот на Владата.
Лажна вест е дека д-р Дејан Докиќ објавил дека власта не презема доволно мерки за заштита од Ковид-19. Пулмологот проф. д-р Докиќ демантира дека тој е авторот на текстот што се споделува на социјалните мрежи, а се однесува на состојбата со Ковид-19 во земјата. Д-р Докиќ вели дека тој текст не е напишан од него и случајот е пријавен во полиција.
„Денес видов дека на социјалната мрежа Фејсбук се споделува текст кој наводно сум го напишал јас. Категорично ги демантирам наводите изнесени во тој текст и изјавувам дека јас не стојам зад истиот. Случајот кој е на штета на мојот углед и професионалност и има за цел да шири паника во јавноста, утрово го пријавив во полиција“, реагира Докиќ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДЕМАНТ Државниот завод за статистика најостро ги демантира информациите што се појавија во јавноста дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации, објавија од ДЗС на официјалниот Фејсбук профил.
ПАНДЕМИЈА Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски утре ќе се одржи 12-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. Тема на седницата ќе биде актуелната состојба поврзана со пандемијата.
ВАКЦИНАЦИЈА Денеска се завршуваат сите административни работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата за вакцините кои стигнаа во нашата држава на Астра Зенека да бидат пуштени во употреба, а денеска и утре тие ќе се дистрибуираат во сите градови во земјата и во среда ќе започне процесот на имунизација онака како што најавивме, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
ДИПЛОМАТИЈА Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на покана на германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, денеска ќе престојува работна посета на Германија.
СЛОБОДНА ЗОНА: Орданоски за вакцините и судбината, Маневски за хоризонтите, Зеќири за долгиот, но успешен пат кон НАТО
„Во истиот викенд кога Србија ширум ги отвори своите порти за да помогне во вакцинирањето на целиот Балкан, Бугарија (членка на ЕУ, наш сојузник во НАТО) ни врачи уште еден демарш за некакви книги што не поминале граница за влез во Македонија, откако, ден-два пред тоа, некој од нивните евро-пратеници (чинам ќе беше некој од владејачката партија ГЕРБ на Борисов и Захариева) во Европскиот Парламент нè спореди со Северна Кореја!
Бреееј, какви шутраци! (Именката шутрак своето значење го влече од „шут вол“, без рогови, а сака да боде, и има преносно значење на несмасност… Таман за оваа прилика!)“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна „Меѓу вакцината и судбината“.
„Долг беше патот до успехот на Република Северна Македонија да стане членка на НАТО Алијансата. Соработката со НАТО започна во декември 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО (Северноатланската договорна организација). Од тогаш немаше сериозен напредок за членство иако на Самитите континуирано се поздравуваат придонесот на РМ кон меѓународните операции предводени од НАТО и поддршката кон остварувањето на целите на Алијансата и се реафирмира ставот дека покана за членство на земјата ќе и се упати по изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот со името со Република Грција.
И така до 2018 година Собранието на РМ на својата 57 седница ја донесе Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО.
Понатаму за една неполна година се чекаа ратификациите од земјите членки на Алијансата, и така дојде до гласањето на Протоколот за членство во Собранието на Република Северна Македонија до 114 гласови “за” членство во НАТО од пратениците, за да во 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО, а на 30 март истата година да се крене и знамето на Република Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел во почетокот на светската пандемија.
Долг беше патот да се стане членка на НАТО Алијансата, минатиот викенд се одбележа и првата година од зачленувањето“, пишува Сафит Зеќири во денешната колумна „Патот беше долг, но ние сме НАТО“.
„Не секој народ има поединци кои догледуваат, согледуваат и предвидуваат подалеку од својата држава, насочувајќи ги државните интереси на својот народ низ помирните води на светските океани. Такви умови ниту големите народи немаат во изобилство, а пак малите и сиромашните само некаква вселенска среќа може да ги дарува со такви лидери. Но и без нив животот си тече и ние малите обични смртници мораме да се снаоѓаме во секоја вода, во секоја бара.
Од длабоки мисли и нема некое фајде, но приказнава ќе ви ја раскажам само да го досликам моментот со обична човечка приказна, за луѓе кои се во потрага на својот хоризонт кој секогаш се оддалечува, оставајќи ги на сред море на обичен сплав, додека среќниот свет плови на јахта и пие џин и тоник.
Овие ковид времиња не само што нè уплашија, туку и видикот ни го сведоа на далечина од два метра од носот (пропишана дистанца), па не ги препознаваме ниту оние што често ги среќаваме, а другите ги одминуваме без задолжителното климање глава“, пишува Војо Маневски во колумната „Хоризонти“.
Д. Муратов