пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
„Кристијан“ извикуваа финските навивачи, „Ериксен“ возвраќаа Данците. Тоа е она лице на фудбалот што го прави „најважна споредна работа на светот“, повеќе од игра, универзална страст која обединува стотици милиони луѓе ширум светот, која подразбира витештво и фер плеј, хуманост, солидарност, заедништво.
Прашање е дали ќе имаше вакво однесување на трибините доколку ривали на теренот беа репрезентации од „брдовитиот“ Балкан на пример, каде фудбалот е исто така повеќе од игра, честопати во заложништво на криминалот, радикалите и авантуристите во политиката, и има сосем друго лице, огрдено од поделби, омраза, национал-шовинизам, насилство…
Данските и финските навивачи одржаа една европска лекција по фудбал. Вистинските љубители на фудбалот од цел континент, фудбалските фанови ширум светот се обединија и му посакуваат на Кристијан Ериксен побрзо закрепнување.
Оваа лекција е особено важна за оние усвитени глави меѓу фудбалските навивачи кај нас, оние што во фудбалот гледаат само уште една алатка за сеење омраза и поделби во и онака крајно поделеното и исполитизирано македонско општество.
Оваа генерација фудбалери успеа да го оствари сонот и да ја донесе македонската фудбалска репрезентација во врвот на европскиот фудбал, на финалната смотра на најдобрите европски селекции. Екипа со фудбалски, човечки квалитети, но и вистински репрезент на нашиот преубав мултикултурен мозаик.
Такви јунаци не заслужуваат навивачи кои се јадат меѓу себе и плукаат се друго. Не го заслужуваат грдото, туку убавото лице на фудбалот. Заслужуваат навивачи како оние на Финска и Данска, и во тешки мигови кои посакуваме да ги нема, а се надеваме, и во многуте радости што ќе ни ги приредат!
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот