ВЕСТ НА ДЕНОТ
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе го даде на Уставен суд своето мислење по однос на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, откако денеска претседателот на државата Стево Пендаровски го потпиша указот, изјави за МИА претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со обвинението се соочени и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
– Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба, кажа Стефанова.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СУДСТВО Дигитализацијата е во завршна фаза и наскоро ќе почне опремувањето на првите судови низ државата, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ на состанокот на работната група на земјите од Западен Балкан.
ОБРАЗОВАНИЕ Предлог-законот за учебници кој Владата го повлече од собраниска процедура за да биде на јавна расправа, повторно е отворен за сугестии и предлози откако и претходно беше на ЕНЕР (Електронски регистар за прописи), соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
КОВИД-19 Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 446.008 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.799 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.695 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани, известуваат од Министерството за здравство.
ДИПЛОМАТИЈА Словенечкиот претседател Борут Пахор вчера изрази надеж дека до октомври, кога Словенија е домаќин на самитот на лидерите на Европската унија и Западен Балкан, може да се постигне компромис, кој ќе ја отвори вратата за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Кога лажеше Левица/E Majta? Кога ја негуваше двојазичноста и се фалеше со мултиетничкиот карактер на партијата или сега, кога нејзиниот шеф отворено промовира ултранационализам? Изразувањето презир кон документ кој, освен на македонски е и на албански јазик е само уште еден во бескрајната серија испади во јавноста и на политичката сцена. Со сиот вокабулар на Шешељ кој со бескрајна леснотија му излегува од под прстињата“ – пишува Џабир Дерала во денешниот рафал под наслов „Кога лажеше шефот на Левица-E Majta?“.
Д. Муратов












