Нови мерки против КОВИД-19 за Тетово да се предложат до Главниот кризен штаб на Владата, за да се спречи рапидното ширење на вирусот, е став на министерот за здравство Венко Филипче во координација со членови на Комисијата за заразни болести, кои утрово разговараа за епидемиолошката состојба во овој регион.
Состојбата во Тетово е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат, а тоа беше за очекување, бидејќи состојбата е слична секаде во регионот. Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
МЗ посочува дека анализите што беа изработени изминативе денови од ИЈЗ укажуваат дека вирусот, пред сѐ, се шири кај невакцинираните, бидејќи над 90 проценти од новите случаи се невакцинирани граѓани.
Од друга страна, во Тетово опфатот со вакцинација е под 20 проценти. Вирусот најбрзо се шири на свадби и прослави на затворено кои ги има многу во овој регион, а според информациите, не се почитуваат мерките за превенција, пред сѐ носењето маски на затворено, се вели во соопштението.
МЗ информира дека министерот Филипче и членовите на Комисијата предлагаат забрана за оджрување на сите масовни настани на затворено – свадби, прослави, што е клучно да се почитува во следниот период. Исто така и исполнетоста на затворениот дел од угостителските објекти да не смее да надминува 30 проценти, а на масите да не смеат да седат повеќе од 4 лица. Се предлагаат засилени контроли за спроведување на овие мерки, но и мерките за лична заштита, и тоа пред сѐ носење маски на затворено и засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да се спречи и ширење и ризици од тешко заболување кај пациентите.
Од анализата на ИЈЗ за изминатиов период, само 11 пациенти досега се хоспитализирани кои биле целосно вакцинирани, само 167 се инфицирале од над 400.000 вакцинирани граѓани, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.












