По одлуката на Владата на Северна Македонија за воведување на нови рестриктивни мерки од 16 август, јавноста ја брануваат различни реакции. Дел од јавноста и политичарите ги одобруваат новите мерки, дел од нив се противи и смета дека се дискриминаторски или задоцнети, а дел од нив ја користи и оваа ситуација во лов на гласови во пресрет на локалните избори. Дискусијата на социјалните мрежи е обременета со нов наплив на лажни вести и дезинформации.
Според ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев и министерот за здравство Филипче повторно и повторно, како и во текот на целата пандемија прават катастрофално погрешни чекори.
„На праг на четвртиот бран наместо да понудат решенија, тие репресираат и на сила и заплашувачки, дискриминаторски се однесуваат кон граѓаните. За СДСМ има само вакцинирани, а за живи не ги сметаат оние кои имаат створено антитела преку прележување на корона вирусот“, изјави Димче Арсовски, портпарол на партијата, на денешната прес-конференција.

Владејачката СДСМ ги отфрла овие констатации на опозицијата. Според нив, новите мерки се неопходни за заштита на здравјето на граѓаните. Мицкоски треба да повика на вакцинација, а не да поткопува, сметаат од СДСМ.
„Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Затоа и многу други држави ги применуваат. Тие не го „делат народот“ како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Се додека седи на страна, се додека го гледаме по кафани и теретани и ја игнорира маката на народот, Мицкоски останува политички и здравствен пироман“, изјави денес пратеничката Емилија Рамбабова од СДСМ.

Во борба за гласовите на невакцинираните граѓани се вклучи и партијата „Левица“ и нејзиниот лидер и пратеник, Димитар Апасиев. „Не можеш по Груби, Максути и Стојанче, ондак удри по НЕВАКЦИНИРАНИТЕ!“, се вели во Фејсбук објава на Апасиев што достигнала над 3200 реакции на Фејсбук. И неговата партија се огласи вчера со соопштение, во кое вели дека „сегрегацијата на невакцинираните граѓани против ковид-19 е нечовечна и противуставна“.

Новите мерки предизвикаа реакции и кај угостителите, поради ограничувањето на бројот на гости и неможноста да се организираат масовни прослави. Денеска, министерот за економија Бектеши повторно ги повика граѓаните, особено угостителските објекти, да ги почитуваат мерките за заштита и протоколите, оти само на тој начин ќе се спречи ширењето на коронавирусот.

„Од 16 август, во внатрешните простории не може да влезат гости. Надвор, на терасите, треба да се почитуваат протоколите и плус сега со дополнувањето да се има потврда за вакцинација. Од 16 август нема да има свадби и прослави во затворен простор. На отворено, како што се бара потврда за вакцинација во угостителските објекти, така ќе се бара и за тие кои организираат свадби и прослави гостите да покажат потврда дека се вакцинирани“, изјави Бектеши.
Министерот за економија дополни дека остануваат претходно донесените протоколи за угостителските објекти, сега дополнително со новата мерка. „Ако сакате да пиете кафе, вакцинирајте се“, порача денес Бектеши.
Од друга страна, и Алијанса за Албанците ја критикува владата, но поради доцнење со донесувањето на новите мерки. За Алијанса на Албанците, мерките се уште едно сведоштво за, како што велат, циркусот што го спроведува Владата и Министерството за здравство за цело време на пандемијата.
„Зголемувањето на бројките е последица на лошо менаџирање со ситуацијата, додека мерките отсекогаш биле и се дел од ова лошо менаџирање. Секаде се донесуваат одлуки штом се зголемат бројките и се алармира ситуацијата, овде кај нас Владата му дава уште една недела на вирусот. Мерките отсекогаш биле погрешни и во содржината и во погрешен момент, затоа сме во оваа ситуација, кога целиот свет излегува од пандемијата, ние влегуваме во нов бран“, велат за ЦИВИЛ Медиа од опозициската Алијанса за Албанците.

Низ јавноста и понатаму се шират разни дезинформации во врска со коронавирусот. Еден од тaквите примери е и пост на Фејсбук што шири невистини дека има лажна пандемија од КОВИД-19 и дека таа е проект за којшто Светската банка, наводно, ,,пресметала да заврши во 2025 година”. Исто така, дезинформација е дека Светската Банка „до 2025 година планира да ги избоцка сите по секоја цена“ , како што пишува во постот, со оглед на тоа што вакцинацијата е доброволна, а во програмата за стратешка подготвеност и одговор на КОВИД-19, којашто е јавно достапна, не се споменува вакцинацијата како нешто што ќе биде планирано на глобално ниво како задолжително, пишува „Вистиномер“.
Инаку, членот 27 од Уставот предвидува можност за ограничувања на слободата на движење, доколку се работи за заштита на здравјето на луѓето.
„Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето“, се вели во овој член од Уставот на Република Северна Македонија.
Петрит Сарачини












