Откако пред неколку дена, на 11 август, до менаџментот и до акционерите на ТРД Алфа ТВ, беше испратено писмо со предупредување дека од 16 август снимателите веќе нема да одат на терен, а дека информативните содржини ќе бидат скратени на десет минути, денеска тоа предупредување се оствари. Од екраните на програмата на ТВ Алфа денеска се емитува црн кајрон, со информација :
ПОЧИТУВАНИ ГЛЕДАЧИ НА ТВ АЛФА,
ПОРАДИ СОСТОЈБАТА ВО КОЈА СЕ НАОЃА НАШАТА И ВАША ТЕЛЕВИЗИЈА АЛФА, ПРИНУДЕНИ СМЕ ДА ГИ СКРАТИМЕ ВЕСТИТЕ НА 10 МИНУТИ, БЕЗ ПРИЛОЗИ,ВИДЕО И ТОНСКИ МАТЕРИЈАЛИ, ИСТОТО СЕ ОДНЕСУВА И НА ОСТАНАТИТЕ ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ, А ВАКВИОТ ФОРМАТ ОСТАНУВА СЕ ДО НАДМИНУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ.
ВИ БЛАГОДАРИМЕ НА РАЗБИРАЊЕТО
Причината за ова, како што стоеше во предупредувачкото писмот, потпишано со „Вработените во Алфа ТВ“, е заостанување на две плати, здравствено осигурување и хонорари за три месеци, што „создаде револт кај вработените“. На состанокот на кој биле најголем дел од вработените, донесена била одлука за „преземање на први чекори за заштита на нивните елементарни права“, како што стои во писмото.
Се обидовме да стапиме во контакт со надлежните од ТВ Алфа , со цел да добиеме информации за новонастанатата ситуација, но на објавениот телефон на нивната Фејсбук страна никој не се јавува.
Инаку, Алфа ТВ беше меѓу работодавачите кои земале државна помош, а не ги платиле работниците, за што ЦИВИЛ МЕДИА објави информација на 8 февруари 2021.
Исто така, познат е фактот дека фирмата-сопственик на ТВ Алфа беше под обвинение за даночно затајување, како што објави Призма на крајот на март годинава.
Претходно многу беше пишувано и за „Оливери“, мултимилионската шема, според која, во 2018 година, беше финансирана црната пропаганда насочена против македонските евроинтеграции, која трае до денешен ден.
На програмата на ТВ Алфа често се појавуваат содржини со лажни вести, како и клевети и навреди на адреса на организациите за човекови права и слободи, но и кон новинарите. Забележани се и бројни напади врз ЦИВИЛ и претставниците на оваа организација.
Своевремено, Груевски беше посебно дарежлив кон ТВ Алфа, како и кон Сител и Канал 5. Над 26 милиони евра добиле националните телевизии во земјава во периодот од 2010 до 2017 година од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а 95 отсто од оваа сума завршиле на сметките на Сител, Канал 5 и Алфа ТВ.
Наспроти тоа, ЦИВИЛ се солидаризира со барањата за почитување на работничките права на медиумските работници во Алфа ТВ.
Д. Мишев