ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата на Република Северна Македонија со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД. Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се наоѓаат во загрозувачка ситуација.
Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Лекарска комора: Говорот на омраза кон докторите на вчерашните протести е кривично дело
„Со цел заштита на честа и угледот на лекарската професија, како и нејзиниот несебичен и пожртвуван придонес во справување со пандемијата, Лекарската комора најостро го осудува говорот на омраза кон лекарите кој го шират одредени структури, бара итно да престане и предупредува дека тоа е кривично дело за кое во Кривичниот законик се предвидени и затворски казни. Доколку ваквите активности продолжат ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежните институции“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЦРН ЕКРАН Откако пред неколку дена, на 11 август, до менаџментот и до акционерите на ТРД Алфа ТВ, беше испратено писмо со предупредување дека од 16 август снимателите веќе нема да одат на терен, а дека информативните содржини ќе бидат скратени на десет минути, денеска тоа предупредување се оствари. Од екраните на програмата на ТВ Алфа денеска се емитува црн кајрон, со информација дека информативната програма ќе биде скратена.
КАНДИДАТИ ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција претстави дел од своите кандидати за градоначалници за престојните локални избори, а останатите ќе бидат соопштени во следните денови. Има само една жена од објавените 26 кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече потпретседателот на партијата Александар Николовски, ВМРО-ДПМНЕ годинава излегува со најголем процент нова генерација на политичари кои ќе создадат нова понуда за сето она што е потребно во општините.
ПОТПИСИ Постапката за собирање потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори почнува денеска согласно Роковникот на Државната изборна комисија, а завршува на 30 август на полноќ.
МЕРКА При влез и излез од Република Северна Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан КОВИД-19 (но не подолг период од 45 дена од заразувањето) или негативен ПЦР тест.
ТРЕТА ВАКЦИНА Од Комитетот за имунизација стигна препорака лицата кои се имуно-компромитирани да примат трета доза на вакцина, според препораката на ЦДЦ и здравствените институции во САД, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во текот на неделата ќе стартува и тој процес.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Перо Арсовски, еден од најдобрите македонски актери, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека различностите се вистинско богатство на нашето мултикултурно општество.
„Различностите се огромно богатство на нашата земја. Како што знаеме, Македонија низ вековите претставувала крстопат на разни војски, на разни трговски патишта, но и ден-денес е тоа. Мислам дека е тоа огромно богатство затоа што со векови тие, дали имале среќа, дали биле толку мудри и паметни, успеале да го зачуваат она што е најдрагоцено, она што е нивни етникум, она што е нивна култура, јазик, обичаи. Секој етникум почитувајќи ги другите, успеал да остане свој и да биде дел од едно такво заедничко општество, во една таква хармонија.
Рита Бехадини, новинарка и активистка за правата на жените, во видео порака за иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“.
– Живееме во општество каде што, ако сум Албанец, еден од соседите ми е Македонец, другиот Турчин, другиот од друга етничка припадност, сите зборуваме повеќе од три јазици, сите си ја знаеме културата на едни со други, ги славиме празниците на секој други. Затоа, тоа е дефинитивно предност. Разликите само нè прават поубави, посочува Бехадини.
ЦИВИЛ отвори повик за краткорочни изборни набљудувачи
ЦИВИЛ отвори повик за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Повикот ќе биде отворен до 30 септември 2021 година, но на заинтересираните им се препорачува да се пријават што поскоро.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА
СЛОБОДНА ЗОНА
„За потсетување, еве избор од насловите со линкови до текстовите во кои се објавени прашањата од кои најголем дел се испратени и на партиските мејлови: Прашањата му се поставени на Мицкоски, може да ги одговори кога сака и како сака (22 ноември 2020), Јавна покана за интервју со господин Христијан Мицкоски (прв и втор дел, 23 и 24 октомври 2020), Љубезни прашања до Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ (23 февруари 2020), Татиниот математичар, „дипломатските победи“ и неодговорените прашања (20 ноември 2019). Да, точно така, ниту едно прашање од овие текстови, не е одговорено, како ни сите други поставени порано или во меѓувреме. Таму има и многу прашања за финансирањето на партијата и за милионските „дупки“ во нивните финансиски извештаи, за профитите од хидроцентралите во времето на Груевски и многу други“, пишува Џабир Дерала во колумната „Неодговорените прашања се како нерешени убиства“.
Д. Муратов













