ВЕСТ НА ДЕНОТ
Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој на средбата ја оцени иницијативата „Отворен Балкан“ како исклучително значаен проект за поврзување на регионот во заеднички пазар како и на многу други нивоа што ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.
Иницијативата „Отворен Балкан” е спротивна на националистичките агенди и со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат, додаде тој.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Кандидати за функциите во единиците на локалната самоуправа треба да бидат луѓе со интегритет, кои општествениот интерес ќе го стават над личниот. Од оваа позиција треба да се раководат и партиите кога предлагаат кандидати за градоначалнички места и за советници. Општествената функција подразбира максимален ангажман за добробит на заедницата за време на целиот мандат, а по истекот на мандатот, со чист образ, враќање на поранешното работно место“ – вели поранешниот заменик министер за локална самоуправа, Дејан Павлески за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДЕЗИНФОРМАЦИИ „Лажна вест се објавите на Република, Инфомакс и Експрес дека наводно вчерва пристигнале првите граѓани локално население од Авганистан во Северна Македонија. Сѐ уште нема пристигни лица, ситуацијата на аеродромот во Кабул е неизвесна. Дезинформациите служат за манипулација на граѓаните“, стои во демантот на Владата објавен на Твитер.
ЗАКОН Од денеска стапува во сила новиот Закон за заштита на личните податоци, донесен во февруари годинава, кој беше со одложена примена за да им се даде можност на компаниите и институциите во земјата да се прилагодат на промените.
ДЕТСКА ЗАШТИТА Министерката за труд и социјална политика на состанок со Националното координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување кое е составено од претставници на релевaнтни институции, граѓански и меѓународни организации, истакна дека заштита на децата од насилство е приоритет и значајна заложба на нашето општество.
КАМПАЊА Под мотото „Да го зачуваме Малешево за идните генерации!“, Министерството за животна средина, заедно со со Македонското еколошко друштво, „Национални Шуми“ и со општините Берово и Пехчево, започнаа кампања за прогласување на Малешево за заштитен предел.
ПОПИС Државниот завод за статистика стои на тоа дека може да го спроведе пописот и дека сите граѓани ќе бидат безбедни, бидејќи ќе се применуваат сите мерки предложени од Комисијата за борба против заразни болести, нагласи Симовски.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Кристина Арнаудова, музичарка и хуманитарка, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека внатрешно сите сме апсолутно исти.
Со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“, Атиџе Муратова преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека сите сме исти, без разлика дали имаш бела или црна кожа, сепак срцето е исто.
ЦИВИЛ отвори повик за краткорочни изборни набљудувачи
ЦИВИЛ отвори повик за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Повикот ќе биде отворен до 30 септември 2021 година, но на заинтересираните им се препорачува да се пријават што поскоро.
АНАЛИЗИ
„Локалната власт и децентрализацијата се најпартиципативниот облик на демократија во која граѓаните непосредно ги креираат политиките за исполнување на нивните интереси. Локалните избори за градоначалници и советите на општините во Република Северна Македонија се распишани и ќе се одржат на 17 октомври, објавено е во Службениот весник на Република Северна Македонија.
Во новата локална власт треба да влезат луѓе кои се спремни дел од своето слободно време да го посветат за општо добро на граѓаните и за добробит на својата општина“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Како ќе се регрутира нова локална власт: Лепачи на плакати или луѓе со интегритет?“.
„Бајден е еден од ретките политичари чии војници биле ангажирани во странство, а кој повлекувањето го направи консеквентно и со јасна политичка одлука. Немаше криење зад флоскули од типот „Америка прво“. Прашањето е дали сега тој може да стане новиот Де Гол и да отвори нови перспективи за светот. Имено, по повлекувањето од Алжир, францускиот генерал ја отвори идејата за Европската унија. На светот му требаат лидери кои ќе отвораат општ напредок на сметка на застарените методи“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Лидерите на големите сили и војните во странство“.
Д. Муратов












