пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Лидерот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, со спонзорирана содржина на својот Фејсбук профил шири верска нетрпеливост, со тоа што ја бара довербата од охриѓан(к)и за, ако победи на локалните избори, да може да го сруши минарето на охридската Алипашина џамија.
Тој во својот пост манипулира и лаже дека:
„Единствена Македонија дојде до одлуката на Советот на Општина Охрид според која минарето требало да биде 3,3 метри. Но, НЕКОЈ под засега неразјаснети околности во тоа време ја брише запирката и минарето изникнува на цели 33 метри.
Единствено националистите и оние кои не размислуваат со сопствена глава, ќе поверуваат на ваквата лага на Бачев дека постои одлука за изградба на минаре високо 3,3 метри. Ако логично се размислува, минарето би требало да е повисоко од кровот на џамијата, нели? Кров на обична куќа е повисок од 3,3 метри, а да не зборуваме за кров на верски објект, во случајот џамија.
А што може да понуди на локалните избори еден националист и националистичка партија, освен национализам и поделби?
Инаку, освен што националистите лажат за метрите на минарето, и „мажулињата“ лажат и ги фалсификуваат „центиметрите“ на нивните „гордости“.
Ќе им каже ли некој на Бачев и сличните како него, дека во изборната кампања граѓаните бараат од кандидатите – што ќе изградат во нивниот мандат ако ја добијат довербата, а не што ќе срушат?
Бачев е толку небитен, што не го заслужува нашето внимание и медиумски простор, меѓутоа неговиот хушкачки пост предизвикал околу 1.500 коментари, над 1.200 реакции и над 50 споделувања. Што за жал, го потврдува фактот дека граѓаните најлесно „се палат“ на верски или етнички теми.
Граѓаните не треба да потпаѓаат на вакви националистички провокации, едноставно, треба да ги игнорираат ваквите објави. Да ги остават мразачите сами да тонат во својата омраза.
Се доближуваат локалните избори, а очајните политички лидери и структури (ќе) се обидуваат на граѓаните да им понудат национализам, бидејќи немаат што друго да понудат.
А, граѓаните се веќе сити од национализам и поделби, тие бараат промени и квалитетен живот!