ВЕСТ НА ДЕНОТ
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – возило.
ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на Рашковски по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.
Според Горан Трпеноски, член на ДКСК, кој денеска го образложи овој случај, екс генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски, очигледно тенденциозно, доставувал информација до Владата за градење од страна на гостиварска фирма објекти што се сопственост на државата, која за десеткратно помала цена продала возило на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ангеловски: Граѓаните да не објавуваат фотографии од новогодишни прослави доколку не се во своите домови
За да не се претвори убавото новогодишно искуство во лош почеток на годината од МВР апелираат да се избегнува поставување фотографии на социјалните медиуми бидејќи тие се вистински извор на информации за крадците каде може слободно да оперираат.
„Апелот е доколку луѓето не слават дома, да не се објавуваат фотографии од местото на настанот кај што се, затоа што на тој начин преку социјалните мрежи им давате сигнал на оние кои имаат криминални намери, порача портпаролот на МВР Тони Ангеловски на Утрински Брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АНТИКОРУПЦИЈА Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во однос на годишните даночни пријави од игри на среќа денеска повикаа и апелираа да се води контрола на кешот што се добива, но и за заштита на личните податоци. Владата, финансиските институции и сите надлежни, бараат од Антикорупција, да најдат законски решенија за ова прашање и сериозно да ги испитуваат овие предмети.
ДКСК согласно планот за проверка на имотната состојба во 2022 година ќе ги проверува податоците од изјавите за имот на 10 судии и 10 обвинители, 10 директори на јавни здравствени установи, четворица раководни лица во државните инспекторати за транспорт, за градежништво и урбанизам, за животна средина и за земјоделство.
СОБРАНИЕ Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79. Вкупно 188 закони се поднесени од Владата, 21 се поднесени од пратеници во Собранието, донесени се и 21 закон за ратификација на договори помеѓу Република Северна Македонија и други земји.
МЕРКИ Градот Скопје, по добиеното известување од страна на МЖСПП дека квалитетот на воздухот два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, од вчера воведе бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници.
Како препораки до граѓаните, Градот Скопје бара тие да го користат јавниот превоз, додека возилата да се користат само во непоходни ситуации. Покрај бесплатниот превоз, се воведуваат и серија мерки за граѓаните, што ќе бидат на сила додека аерозагадувањето со ПМ-10 честички не се намали под 100 микрограми на кубен метар.
ИНТЕРВЈУ
„Ниеден политичар не треба да биде комфорен“ – вели Даниела Рангелова на крајот од вториот дел од интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА. Во вториот дел, Рангелова зборува за минатото на партијата, од времето на Груевски, за маргинализацијата на жените во партијата, како и за актуелните политички состојби.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Европски вредности во Стара скопска чаршија
Активист(к)ите на ЦИВИЛ денеска одржаа инфо-штанд посветен на промоција на европските вредности и интеграции, во Старата скопска чаршија.
На инфо-штандот, активист(к)ите на ЦИВИЛ во директна комуникација со граѓанките и граѓаните имаа можност да слушнат и споделат размислувања и ставови во однос на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата.
КОНТЕКСТ
Мерките за намалување на загаденоста на воздухот со години непроменети, Скопје повторно на врвот
Скопје со години наназад е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Мерките кои се преземаат се ад-хок, најчесто задоцнети и се препишуваат истите мерки од година во година. ЦИВИЛ постојано алармира и пишува за енормното загадување во Градот и државата, за мерките и последиците кои произлегуваат од загадувањето.
Во текстот „Надлежните со препораки за енормно загадениот воздух“, од 2019 година, ЦИВИЛ ги објавува препораките и мерките кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги упатува до населението поради загадувањето на воздухот и надминување на прагот на информирање утврден на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ако во политиката говорот на телото нешто значи, би рекол дека на Ковачевски му е поважна целта, од начинот на кој ќе ја оствари, вклучувајќи ги и луѓето што ќе му го попречат патот. Имам чувство дека тоа ќе важи и за оние од неговата партија кои можеби планираат, откако ќе им помине „пост-трауматскиот стрес“ од заминувањето на Заев, да му го губат времето со внатрепартиски игранки.“, прочитајте во колумната на Сашо Орданоски „Не чиј е, туку кој е Ковачевски?“.
„Успешноста на една власт не се мери според тоа колку се труделе, колку сакале и какви намери имале функционерите во власта, туку според резултатите кои ги постигнале. Не ме интересира добрата желба, ниту вложените напори, ниту потрошеното време. Ме интересира кој е конечниот резултат. Видлив и мерлив.
Се мери колку луѓето живеат подобро, колку се посреќни, колку се посигурни, колку повеќе имаат доверба во државата и државните органи, колку повеќе сакаат да останат во државата, колку повеќе знаат и умеат, колку се поздрави, колку подолго живеат, колку е почист воздухот, колку е помала разликата од развиените демократски држави, колку е намален бројот на бебиња кои умреле… Со бројки.“, пишува Мирјана Најчевска во „Елементи за оцена на работата на владата“.
Д. Тахири












