АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Тоа повторно беше година на Корона и година на вакцините. Повеќе од 7,4 милијарди дози вакцини се расподелија во 184 земји во првите единаесет месеци од 2021 година. За жал, премногу луѓе кои можеа да се вакцинираат не се вакцинираа. Пандемијата на глобално ниво однесе повеќе од пет милиони животи. Имавме избори во Америка и победата на Џозеф Бајден, заминување на Германската канцеларка Ангела Меркел од политичката сцена, телефонски разговори Путин – Бајден околу Укрина. Велика Британија, Америка и Австралија создадоа старо-нов Комонвелт – започна деглобализација на светот.
Џозеф Бајден, почеток на нова ера во американската политика
Почетокот на годината го одбележа исходот од изборите во САД, кои се одржаа во ноември 2021. Демократот Џозеф Бајден стана 46-ти претседател на САД. На Инаугурацијата ѝ претходеа немирите чија кулминација беше упадот на Трамповите поддржувачи во американскиот Капитол.

„Америка се врати! Повторно се движи напред“ – рече Бајден во своето обраќање на 28 април пред американскиот Конгрес.
Со стапување на функција, Бајден ги потпиша бројните укази со кои ги поништи некои од Трамповите одлуки. Америка набргу потоа повторно му пристапи на Парискиот договор за борба против климатските промени и на Светската здравствена организација.
Ангела Меркел: Крајот на една ера
Светска вест број еден од почетокот на годината беше дека германската канцеларка Ангела Меркел се повлекува од политичката сцена и на годинешните избори за нов канцелар што треба да се одржат во септември, нема да се кандидира за уште еден мандат.

Заминувањето на Ангела Меркел во политичка пензија го означи крајот на една германска и не само германска епоха, туку и во Европа и во светот.
Шеснаесет годишното владеење на Меркел на крајот е одбележено со сериозни глобални кризи: финансиска, должничка, мигрантска и на сето тоа, пандемијата.
По парламентарните избори, на 26 септември, новата германска влада ја формираа социјалдемократите на Германија со либералите и зелените. „Семафор коалицијата“ ја предводи Олаф Шолц.
Талибанците го презедоа Авганистан
На 14 април, американскиот претседател Џо Бајден ја објави својата одлука до 11 септември да ги повлече сите американски војници од Авганистан.
„Не сакав да ја продолжам вечната војна и не сакав да го продолжам вечниот излез од војната… Искрено можам да ви кажам дека сум убеден дека ова е добра, мудра одлука, најдобра одлука за Америка“, рече Бајден во своето обраќање до нацијата на 1 септември 2021.

Авганистанските екстремисти ја презедоа власта во Кабул кон средина на летото, откако американските војници го напуштија Авганистан после две децении. Талибанците тврдеа дека се промениле, но падот на Кабул предизвика паника меѓу жителите па илјадници луѓе во очај се обидуваа да го напуштат Кабул и државата окупирајќи го меѓународниот аеродром.

Десетици илјади цивили, очајни да побегнат од Авганистан се упатија кон аеродромот во Кабул за да се обидат да фатат летови надвор од земјата. Соединетите Држави и нивните сојузници помогнаа да се евакуираат странски државјани, како и илјадници Авганистанци кои работеле со странски сили или групи, но многу повеќе Авганистанци не можеа да заминат.
Израел: Нетанјаху ја изгуби власта, десничарите дојдоа на власт
На почеток од летото завршена е уште една ера – во Израел. После дванаесет години премиерот Бенјамин Нетанјаху ја загуби власта со разлика од само еден глас во израелскиот парламент, 60 према 59.

На власт Израел дојдоа десничарите.
Руско-украински тензии, реакции на САД
Америка, НАТО и ЕУ од средина на годината со голема загриженост ги следеа случувањата на руско-украинската граница. Вашингтон објави сателитските фотографии, на кои се прикажани руските воени потенцијали разместени на четири локации околу украинската граница кои формираат 50 стратешко тактички групации, вклучувајќи тенкови и артилерија. Беше издадено предупредување дека Путин во секој миг може да ја нападне Украина.

Москва во неколку наврати ги демантираше вестите дека ѝ се закнува на Украина. Но Путин и во телефонски разговор со Бајден неколку пати повтори дека, доколку во Украина се инсталираат проектили кои би можеле да стигнат до Москва за 4 до 5 минути, Русија мора да реагира. Москва ја обвини Америка дека има одиграно главна улога во рушење на проруското раководство во Украина и на симнување од власт на украинскиот претседател Виктор Јанукович, во 2014 година, а дека сега испраќа оружје на Украина и ги обучува украинските војници.
Лукашенко предизвика мигрантска криза на границите со ЕУ
Европската унија минатата година повторно се соочи со мигрантите на своите надворешни граници во Полска, Литванија и Летонија кои пристигнале преку Белорусија.

ЕУ го обвини претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, дека тој ја предизвикал мигрантската криза така што ги охрабрувал мигрантите да дојдат во неговата земја, а потоа ги праќала на граница со ЕУ.

Брисел тоа го оцени како одговор од Лукашенко на санкциите кои ги воведе ЕУ кон Белорусија. Поради ова, Полска распореди околу 900 војници на граница со Белорусија кон крајот на годината. После заканите на ЕУ со нови санкции кон Лукашенко, состојбата се смири со враќање на мигрантите во земјите од каде што дошле.
Старо-нов Комонвелт
На 15 септември, претседателот Џо Бајден, австралискиот премиер Скот Морисон и британскиот премиер Борис Џонсон заеднички објавија ново трилатерално безбедносно партнерство наречено АУКУС за да бидат контратежа на Кина и нејзините аспирации во Пацификот и Тајван.
Формирањето на овој старо-нов Комонвелт всушност беше една од главните причини Велика Британија да ја напушти ЕУ. И своите интереси да ги насочи кон САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд и бившите британски колонии. Новиот англо-американски блок има цел да воспостави посериозна контрола над индиско-пацифичкиот регион и контрола над поморските патишта и пристаништа во овој дел од светот. Мирот и стабилноста во индиско-пацифичкиот регион е важен за целиот свет.
Најзначајниот дел од овој договорот е американското ветување да ѝ обезбеди на Австралија технологија за изградба на осум подморници со нуклеарен погон, но не и со нуклеарно вооружување.
Не е изненадувачки што Пекинг го осуди пактот како „крајно неодговорен“ и „поларизирачки“. Но, Кина не беше единствената земја незадоволна од договорот.
Франција се налути затоа што AUKUS го раскина договорот вреден 37 милијарди долари што го склучи со Австралија во 2016 година за изградба на дузина подморници на дизел-електричен погон.
Обединетото Кралство, САД, Австралија, Нов Зеланд и Индија се обидуваат да ја блокираат Кина и да воспостават нови односи во Пацификот, но и Кина сака да ги заштити своите интереси. Пред сѐ, битката ќе се води околу тоа кој ќе го задржи и понатаму приматот во производството на полу-проводниците во светот, Тајван или Кина. Но и кој ќе ги контролира поморските патишта во овој дел од светот.
Јајце од диносаурус
Крајот на годината го одбележа и едно значајно научно откритие. Во Кинеската провинција Ганџоу е откриено јајце на диносаурус старо скоро седумдесет милиони години.

Овој ембрион на диносаурус научниците го нарекоа Бебе Јинглијанг. Ова е еден од најдобро сочуваните ембриони на диносаурус кои се пронајдени до денес и ќе ги одгатне многуте тајни на животот на планетата пред милиони години, во периодот на Креда.
Турбулентна година за Северна Македонија: Денови на жалост, „Отворен Балкан“, оставка на премиерот…
Северна Македонија помина низ уште една турбулентна година на политичката сцена, но и двапати прогласи денови на жалост. Преговорите со Бугарија да ја спушти рачната кочница за почетокот на преговорите на нашата држава со ЕУ останаа на слеп колосек. Локалните избори ѝ донесоа предност на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесе оставки.
„Отворен Балкан“
Втората половина на година ја одбележа состанокот на премиерите на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама во Скопје, на економскиот форум за регионална соработка „Отворен Балкан“.

Зошто Северна Македонија ја сметаат за Тројански коњ кој може да ја уништи Русија? Како точно се одвива руското влијание и поткопување на евроатлантските процеси во земјата? Кој е „рускиот человек“? Кои сѐ „невладини“ организации се промотори на руските интереси? Одговори на ова и на други прашања се нудат во анализата објавена во јули 2021 година (1 и 2)
Попис на населението
Со почетокот на учебната година во Република Северна Македонија започна Пописот на населението домаќинствата и становите што траеше до 30 септември во чии рамки беа попишани 1.832.696 граѓани, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, 204.805 граѓани се самопопишаа во дијаспората.
ЦИВИЛ беше една од највидливите организации на граѓанското општество која овозможи навремени и точни информации за текот и значењето на пописот.
Трагедии
На 8 септември, токму на денот на прославата на 30 години македонска независност, пожар ја зафати модуларната болница во Тетово каде се лекуваа пациентите заразени од Корона вирусот. Во трагедијата загинаа 14 лица а десетици беа повредени. Ова го поттикна министерот за здравство Венко Филипче да поднесе оставка која не беше прифатена.

На 23 ноември патнички автобус со Македонски туристи кои се враќаа од туристичко патување во Истанбул се запали во Бугарија при што загинаа 45 патници вклучувајќи и 12 деца. Седум лица беа повредени.
Локални избори 2021
На 17 и 31 октомври се одржаа првиот и вториот круг од Локалните избори 2021 на кои се случи целосен пресврт во локалната, а потоа и во централната власт. ЦИВИЛ беше единствената организација што го набљудуваше овој изборен процес.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги презеде мнозинство на градоначалничките места и мнозинство во советите во најголем број македонски општини кои претходно беа во рацете на СДСМ.

Ова предизвика премиерот Зоран Заев да поднесе оставка што доведе до формирање на ново парламентарно мнозинство и вовед во нова влада. За наследник на Заев како претседател на СДСМ и иден премиер е избран Димитар Ковачевски кој го доби мандатот за состав на Владата од претседателот Стево Пендаровски.
Што нѐ очекува во 2022 година?
Оптимистички прогнози за КОВИД
Оптимистичките прогнози на лекарите се дека пандемијата на Корона ќе помине во првата половина на годината. И Светската здравствена организација има слични предвидувања. Новиот сој Омикрон предизвикува помали проблеми, а голем број оздравени и значителен број вакцинирани ќе доведат до колективен имунитет. Корона вирусот во догледно време би требало да стане сезонско заболување кое нема да влијае на здравствениот систем.
Самит на суперсилите
Топ вест во Новата година е американско-рускиот состанок планиран за 9 и 10 јануари во Женева, по што треба да следи состанокот помеѓу Русија и НАТО во Брисел на 12 јануари, а завршната средба е на 13 јануари, на ниво на ОБСЕ.

Ова серија на дипломатски средби меѓу претставниците на САД, НАТО и Русија во првата половина на јануари треба да ѝ стави крај на украинската криза. Москва бара од САД и НАТО дека на нејзините граници нема да бидат инсталирани офанзивни воени капацитети.
Од Кубанската криза 1962 година наваму, ова се најзатегнатите односи меѓу Москва и Вашингтон. Се очекуваше средбата во Женева да биде директно меѓу Путин и Бајден но со оглед на тоа дека двајцата претседатели веќе разговарале телефонски на оваа тема на 30 декември во пресрет на Новата година и ги договориле главните насоки, разговорите се препуштени на ниво на дипломатите.
Можеме да очекуваме дека годинава оваа затегнатост меѓу двете супер сили ќе попушти и дека светот на Москва и Вашингтон ќе гледа порелаксирано во оваа година.
Економија, раст на цените во светот и кај нас
На економски план светот го очекува енергетска криза и инфлација која надоаѓа како плима, причината е пандемијата која ја блокира економијата полни две години.
Во земјава, серијата поскапувања која започна, делумно ќе биде замрзната. До крајот на јануари остануваат непроменети цените на основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашно, сончогледово масло, трајно млеко свежо месо и сувомесните производи сирење и урда.
До крајот на јануари, Северна Македонија ќе добие нова влада.
Пресврт во односите со Бугарија
Во односите со Бугарија можен е пресврт. Со брз прогрес во разговорите меѓу Скопје и Софија, Република Северна Македонија ќе може да ги започне преговорите за полноправно членство ЕУ.
Инаку спорот може да премине и во замрзнат конфликт, а Северна Македонија да стане изолирана во европските перспективи. Тоа не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.












