пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Македонија нема, а и нема каде да бара алтернативи надвор од ЕУ и НАТО. Но поради кочницата која на нашиот пат кон ЕУ ја влече Бугарија, ќе се појават, и веќе се појавуваат мешетарите кои бараат „меко ткиво“ во нашата држава за да инсталираат свои опции кои се спротивни на интересите на нашите граѓани. Кои области и со кои алатки ќе бидат нападнати, специјално за ЦИВИЛ МЕДИА, пренесуваме сознанија, ставови и предупредувања на повеќе реномирани и релевантни домашни и меѓународни експерти, политичари и дипломати.
Во општата конфузија во која, не по своја вина, се најде Македонија во очекување на почеток на преговорите за членство во ЕУ, сериозните политичари и дипломати предупредуваат на опасност од појава на понуди за разни алтернативи надвор од определбата на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Тие понуди, не само што се евидентни, туку се и агресивни и бескрупулозни. Разни домашни мешетари помогнати од внатре и од надвор, од странски агентури, експоненти на други големи сили, па и разни експерти и универзитетски професори, нудат готови решенија за „добробит на Македонија“ надвор од ЕУ и НАТО.
Бранко Црвенковски поранешен претседател на Македонија, зборувајќи на Форумот за Западен Балкан во Сараево, изјави:
„Што ако сме принудени, не по своја волја, да бараме алтернативи? Да не бидам погрешно разбран, јас не ги одбирам Истокот или Далечниот Исток како алтернатива.“
Тој потсети на искуствата на нашата земја и рече дека барањата на Грција, Франција и последното на Бугарија, немаат никаква врска со пропишаните критериуми од Европската Комисија, потребни за започнување на преговорите. Земјата дури го смени и името, но процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е практично запрен. Тој го постави прашањето кои се намерите на европските земји и посочи дека некои земји го блокираат пристапот на нови членки, објаснувајќи дека земјите од регионот треба „да се европеизираат со сопствени капацитети“.
ВОЈНА НА НЕРВИТЕ
Професор Ѓорѓи Тоновски од ФОН, за ЦИВИЛ МЕДИА изјави дека не се работи за моментална или континуирана констелација на односи, туку станува збор за континуирана акција, „војна на нервите“ која се одвива секојдневно во македонското општество и има за цел деструкција на достигнатиот степен на напредокот на РСМ кон Евроатлантските структури.
Во таа „војна на нервите“ учествуваат бројни дипломатски служби, разузнавачки служби, организирани политички субјекти, одделни мисионери и медиуми, и слични во земјата, со опозитни ставови против европската македонска држава. Значи, целта е – или да се стопира членството веднаш или, пак, да се работи на тоа во еден подолг рок според логиката на „тивка вода брег рони“ да се кочат тие процеси.
Тие сметаат дека треба да се искористат сите прилики кои би можеле да бидат во полза на зацртаното во нивните стратегии – Северна Македонија да остане на ветрометината на, не секогаш предвидливите, историско-политички настани и во даден момент да успее стратегијата на другите кои не се на линијата на Евроатлантските интеграции. Без разлика на силината на спротивставување кон тие сили, тоа ќе се случува и натаму, такви удари врз ткивото на Северна Македонија ќе продолжат, некогаш со посилно, некогаш со послабо темпо, но секако ќе продолжат, бидејќи „за тоа се платени“.
Меѓутоа, мора да се има пред вид еден факт, а тоа е дека таа војна сега не се води кон една мала новонастаната и нејака земја која постои таму некаде на Балканот, туку дека ваквите активности сега се насочени кон составен дел од НАТО алијансата. РСМ не е веќе сама на бурно отворено немирно море, туку е полноправен член на моќниот безбедносен сојуз кој ги опфаќа демократските земји на Западот.
На предизвиците и обидите да се внесат поинакви влијанија и импакти во македонската држава, сега се спротивставува целата структура на НАТО, а не Северна Македонија сама. Треба да се има на ум дека РСМ е дефинитивно 30-та полноправна членка на НАТО и со него ја дели својата судбина. Секакви обиди за враќање или извртување на историјата се одамна на агендата и во документите на функционирањето на НАТО кој се протега и на македонската територија, па, според тоа, тие „поинакви“ стратегии наликуваат на авантуристички тешко прифатливи моќни творби, вели професорот Тоновски.
ЕВРОСКЕПТИЦИЗАМ
Конфликтот со Бугарија го обесхрабри и најпроевропски настроениот дел од македонското население, и (ќе) ги отвори најмеките точки во кои државата може да биде ранлива за продор на опции и решенија кои се спротивни на интересите на граѓаните и не се во рамките на проевропската политика и политиката на земја членка на Алијансата која ја спроведува владата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека без „чувство на итност“ околу ЕУ интеграциите спорот со Бугарија може да се претвори во нов „замрзнат конфликт“, слично како и тој со Грција. Но и да биде еден од најтешките удари врз про-ЕУ расположението во земјата.
„Прв пат има силно разочарување кај најпроевропските сили во Северна Македонија, луѓето во Северна Македонија секогаш оделе по тенка линија помеѓу депресија и оптимизам, доколку се одолговлекува решавањето на проблемот, сѐ потешко ќе биде да се промени статус-квото, како што покажа и спорот со Грција со децении. Тоа што се случува сега е најголем удар врз Преспанскиот договор откако е потпишан затоа што клучен елемент на Преспа беше дека неговата имплементација ќе ја следи интеграцијата во НАТО и ЕУ“, изјави Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
СЛОВЕНЕЧКА ПОЛКА И БАЛКАНСКО ОРО
Словенечкиот претседател Борут Пахор предупредува дека Проширувањето на Европската унија со Западен Балкан е геополитичко прашање од највисок приоритет бидејки забавувањето на проширувањето ја ослабнува довербата во ЕУ во овој регион, остава простор за национализам и за влијание на трети земји. Според него побрзото проширување со земјите од регионот е од витален интерес и на Унијата. „Би било најдобро ЕУ да ги вклучи сите земји од Балканот во својата стратегија на проширување.
Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сè повеќе станува временски критично прашање. Забавувањето на проширувањето ја ослабнува довербата во ЕУ во овој регион, остава простор за национализам и за влијание од трети земји. Затоа, одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно и политички и морално е погрешно, бидејќи со ова се поткопува авторитетот на ЕУ. Доколку ЕУ не се прошири со земјите од Западниот Балкан, нема да биде завршен европскиот проект за целосна Европа. Пахор укажува дека за овој процес се потребни и САД како партнер.
РАЗЛИЧНИТЕ ПОРАКИ НА ЈАНША
Меѓутоа, премиерот на Словенија, Јанез Јанша, земја која само што го презеде претседателството со ЕУ, за бугарското Национално радио изјави дека Словенија ја подржува и ја разбира бугарската позиција за ветото кон Македонија и дека „кога сме во едно семејство, прво доаѓаат и приоритет имаат неговите интереси, а потоа интересите на другите. Бидејќи во овој случај Бугарија е земја членка на европското семејство и нејзините интереси треба да имат приоритет инаку ќе остане без заштита. Од тој аспект, потполно ја разбираме нејзинаата позиција“. Тој смета дека и за Бугарија е добро да прифати нација која зборува сличен јазик и има слична култура. Можеби е тоа спорна точка но треба да има стартешки поглед на работите инаку отвораме простор за други влијанија“ изјави Јанша.
Во исто време, дома, на Брдо кај Крањ, за време на преземање на претседателството со ЕУ Јанша не зборуваше така. Тој побара побрзо темпо при проширување на ЕУ и рече дека: „Луѓето во земјите од Западниот Балкан заслужуваат европска иднина. Искуствата од изминатите години покажаа дека други земји го зголемуваат влијанието онаму каде што ЕУ тоа не го прави, додавајќи дека тоа може да доведе до проблеми со кои потоа ќе мора да се справува ЕУ. Владата на Словенија ќе направи се` за да се деблокира процесот во текот на нивното претседавање со ЕУ“?.
Зборувајќи на форумот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан”, која се одржа во рамките на Преспа-форум, вршителот на должност помошник-државен секретар на САД за Европа Филип Рикер, меѓудругото, рече и дека со последните одлуки ЕУ го поткопала сопствениот кредибилитет во регионот. Билатералните прашања немаат место во преговарачката рамка со ЕУ и дека Северна Македонија е значаен придонесувач на глобалната безбедност. Но, последните одлуки го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ. Тоа испраќа погрешен сигнал и зајакнува некои перцепции во Западниот Балкан дека ЕУ го напушта регионот.
МАКЕДОНИЈА КАКО КАЗАБЛАНКА ПРЕД ВТОРА СВЕТСКА ВОЈНА
Универзитетскиот професор Иван Бабановски за ЦИВИЛ МЕДИА изјави:
„Судбината на Балканот ја одредува неговата геостратегиска положба, како крстопат, речиси на сите сувоземни и водни патишта и тоа Запад-Исток, Север- Југ. Империјалните сили на овие простори од секогаш ги одмерувале своите воени-политички, економски, социјални, културни, но и континуирани шпионски дејства и активности, националистичките интриги, економските кризи и војни. И денес, Македонија личи на Казабланка во пресрет на Втората светска војна, се создаваат разузнавачки коалиции, се организираат во пулови кои им овозможуват полесно да дојдат до потребните информации, а потоа ги разменуваат, анализираат и откриваат слабите точки на Република Северна Македонија врз кои ќе дејствуваат во полза на своите интереси. Некогаш дејствуваат самостојно, поединечно, но некогаш и во соработка на ниво на пријателските служби, ако заедничкиот интерес им е да се успоруваат или потполно да се сопрат некои процеси во Република Северна Македонија. Таквите однесувања поврзани со често прекројување и менување на границите, креирање на политичка нестабилност довеле до втемелување на нов поим во политичко-географската и воено-безбедносна терминологија, пежоративно Западниот Балкан да се претставува како „урбана џунгла и владеење на правото на посилниот“.
Според проф. Бабановски, во ваква констелација не се работи само за Македонија како „меко ткиво“ врз кое дејствуваат, туку ја користат како „истражувачки центар“ за откривање на намерите, акциите, политиките и стратегиите на големите сили во овој регион и врз основа на тие анализи прават планови како едни на други да нанесат штета посматрано од аголот на сите инволвирани, врз основа на нивната идеологија и интереси. Земјите надвор од НАТО и ЕУ, како Русија и Кина, се обидуваат преку Македонија да им наштетат на ЕУ и НАТО, да ги кочат евроатланските аспирации на земјите од регионот и да се инсталираат што посилно политички и економски.
„Во таа стратегија, „меки ткива“ кои се користат за конспиративни напади се националистички партии и групи со кои воспоставуваат корисна симбиоза и делуваат против интересите на Македонија помагајќи ги често, не само со идеолошка матрица, туку и со финансиски средства. Моменталната ситуација и блокадата од страна на Бугарија на нашиот европски пат се погодно тло за отворена понуда на нови решенија надвор од ЕУ и НАТО. Земјите како Русија, Кина и на нив идеолошки блиските држави се обидуваат да ја искористат Македонија како алатка за подривање на ЕУ и НАТО и деструкција врз нивните политики во регионот, како и спречување на реализација на важни договори чиј гарант се, меѓу другите, ЕУ, НАТО и САД. Со тоа, тие имаат цел да го рушат, односно да го доведуваат во прашање интегритетот и довербата во институциите, посебно оние кои се борат против корупцијата и организираниот криминал“ – вели проф. Бабановски во разговорот за ЦИВИЛ МЕДИА.
(продолжува)