Тема на денот: Украинско – руска криза
Дипломатските напори не стивнуваат, но Русија продолжува со подготовки за инвазија
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, посветен на кризата во Украина , на брифингот со новинарите изјави дека треба да се искористи секој обид да се дојде до дипломатско решение на украинската криза.

Портпаролката на Белата Куќа, Џен Псаки изјави дека претседателот на САД, Џо Бајден во принцип е отворен за средба со Путин, доколку не се случи инвазија.

Амбасадата на САД во Москва издаде предупредување за можни напади врз голем број јавни места.
Министерски состанок во ЕУ за Украина, САД подготвуваат санкции против руските банки, нема никакви знаци од бегалците од отцепените региони.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Зеленски: Светот вели дека не сака да војува, а Русија вели дека не сака да напаѓа. Некој од нас лаже!
„Пред три години, токму тука Ангела Меркел рече: „Кој ќе ги собере урнатините на светскиот поредок? Само сите ние заедно“. Публиката аплаудираше стоејќи. Но, за жал, колективниот аплауз не прерасна во колективна акција. И сега, кога светот зборува за закана од голема војна, се поставува прашањето: а останува ли нешто да се собере? Безбедносната архитектура во Европа и светот е речиси уништена. Доцна е да се размислува за реновирање, време е да се изгради нов систем. Човештвото го правеше ова двапати, плаќајќи превисока цена – две светски војни. Ние имаме шанса да го прекинеме овој тренд додека тој не стане регуларност“. (Дел од говорот на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 58-мата Минхенска безбедносна конференција)
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕАКЦИЈА Бугарскиот премиер Кирил Петков во објава на својот Фејсбук профил објави дека никој нема да ги спречи него и македонскиот премиер Димитар Ковачевски да напредуваат во односите меѓу Софија и Скопје.
ПОДДРШКА Претседателот Стево Пендаровски гостуваше во програмата на германски „Билд“ во врска со јавната поддршка која ја даде на Ембла Адеми, девојчето со Даунов синдром која беше жртва на дискриминација поради нејзината попреченост.
ГРАД СКОПЈЕ Нема нови 250 автобуси, нема проекти, затоа Арсовска се фали со проекти во Дрисла од претходната локална власт.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ВО ФОКУСОТ НА ЦИВИЛ
ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со серијата настани „Во фокусот“ кој овој пат ќе се изостри на дезинформациите и пропагандата. Онлајн панел дискусијата на тема „Информациски хаос: Трендови и перспективи“ ќе се одржи во среда, 23 февруари, со почеток во 13:30 часот.
ЦИВИЛ СО ОСУДА ЗА ЗАКАНИТЕ ПО ЖИВОТ НА КОЛУМНИСТОТ БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
ЦИВИЛ најостро го осудува експлицитниот говор на омраза и закани по животот на колумнистот Бранко Тричковски.
Новинарот и колумнист на Фронтлајн, Бранко Тричковски, доби смртни закани на Фејсбук од извесен Дарко Мекиќ, кој, како што пишува, нуди 10.000 евра на тој што ќе го убие Тричковски.
ДИСТРИКТ: Зоран Иванов со Горан Лефков
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Горан Лефков, еден од пионерите на македонското истражувачко новинарство зборува за бенефитите за државата од истражувачкиот журнализам, корупцијата и нејзиното разоткривање, инертноста на институциите и за уште по нешто на темата.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Моментално во Украина имаме старо – нова ситуација. Путин и понатаму тврди дека Русија нема намера да ја нападне Укрина. Западни извори и САД повикувајки се на разузнувачките информации и понатаму тврдат дека Русија има намера да предизвика сериозен инцидент кој би бил повод за напад на Украина и лицитират со датуми кога тоа ќе се случи.“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Украина ни во војна ни во мир’.
„Сто и седум жртви однесоа судирите со силите на режимот на Јанукович. Најмладиот, Назариј Војтович, имаше 16 години, најстариот, Иван Наконечниј, беше 83. Тие, заедно со стотиците илјади демонстранти, излегоа на улиците да ги одбранат слободата и достоинството.

И не го жалеа животот, не подлегнаа на пропагандата, не се исплашија од оклопните возила и полициската бруталност. Бројката од 107 жртви не е конечна. Истрагата е во тек.“, Џабир Дерала во едиторијалот „Вредноста на слободата“.

„Нема што многу различно да се очекува од ова што е сега во македонската внатрешна политика во месеците што доаѓаат. Ќе се „давиме“ во секојдневните обвинувања и меѓусебни навреди (во кои убедливо предводи опозицијата), таа атмосфера ќе се пренесува и во Собранието и во јавноста, а што и ако нешто договориме со Бугарите (сега шансите за тоа се навистина опипливи) секако ќе биде прогласено за предавство и национална срамота од страна на опозицијата, односно за продолжување на државниот прогрес што ќе го обезбеди власта. Исто како и пред десет, дваесет и триесет години.“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Македонија меѓу Пелагонија и Минхен“.
Д. Тахири












