Претседателот Стево Пендаровски гостуваше во програмата на германски „Билд“ во врска со јавната поддршка која ја даде на Ембла Адеми, девојчето со Даунов синдром која беше жртва на дискриминација поради нејзината попреченост.
Трогателен гест на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. Заради мобинг во училиште врз дете со Даунов синдром, тој лично го придружува девојчето до училиште. И на тој начин ја подигнува свеста за борба против мобингот и свеста за инклузијата.
11-годишното девојче Ембла има Даунов синдром, заради што на училиште е шиканирана и задевана, и тоа не само од учениците. Дел од родителите бараат да биде исклучена од наставата.
Откако претседателот Пендаровски дознава за случајот, прави гест со цел да ги поддржи девојчето и нејзиното семејство. Имено, тој го посетува девојчето во нејзиниот роден град Гостивар кој се наоѓа на северозападниот дел од земјата и лично тој ја придружува до училиште.
Откако пристигна во училиштето, тој нагласи дека сите луѓе во Северна Македонија се еднакви.
„Ние мора да ја подигнеме нашата свест дека лицата со попреченост се дел од нас и не смееме да ги отфрлиме.“ изјави претседателот Пендаровски.
Во меѓувреме, Ембла веќе може да се врати во нејзиното одделение и да следи настава заедно со другите ученици. А со цел ова да биде обезбедено и во иднина, на девојчето ù е доделен личен асистент.
БИЛД: „Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, кој го стори ова бидејќи сака да биде пример за оние луѓе кои ја отфрлија Ембла. А тој е сега ексклузивно кај нас и ќе разговараме за овој прекрасен гест. Милно ни е што сте со нас“.
„Добар ден! Самиот Вие сте татко. Не сакам да Ве прашам само како политичар туку и како татко, како човек. Што Ви лежеше на срце откако слушнавте за Ембла?“, запраша водителката на БИЛД на почетокот на интерјуто со претседателот Стево Пендаровски.
Пендаровски: „Добро утро! Искрено да Ви кажам, бев навистина запрепастен кога слушнав за овој случај. Прочитав за веста во локалните медиуми. И како што напоменав, бев навистина запрепастен. Сега говорам како татко, како човек, а пред сé, како најобичен човек. Знаете, не е моја уставна обврска тоа да го сторам, но тоа дефинитивно беше моја морална обврска како човек. Токму таа беше движечката сила за моето постапување“.
БИЛД: „Што мислите, што можевте да постигнете со тоа? Вие секако покажавте дека можете да бидете пример. Но, што постигнавте особено кај родителите кои потпишаа петиција дека ова девојче не смее да оди во училиште. Дали забележавте дека го смениле своето размислување? Дали разговаравте со нив?“
Пендаровски: „Разговарав со многумина, видов многу реакции од целиот свет, а всушност тоа беше и најсилната порака. И токму таа порака можеме да ја испратиме до луѓето во светот, а не само во Северна Македонија. Овој вид на проблеми можеби можат да се решат на индивидуална основа, но генерално гледано, такви проблеми гледаме насекаде – не само во мојата земја, туку и во Вашата земја и насекаде во светот. И тука не можат проблемите да се решат со една акција. Навистина мора да се најде решение со тоа што сите ние заедно ќе бидеме активни – државните институции и соодветниот кадар, затоа што навистина има многу големи проблеми во оваа област, има уште толку многу стигми кои ги пратат овие луѓе“.
БИЛД: „Вие и долго време разговаравте со Ембла. Што вели таа, што доживеала? Како се чувствува таа? Како таа сето ова го доживеа и што мисли таа за сето ова?“
Пендаровски: „Тоа за неа е многу тешка ситуација. Ова младо девојче има малку тешкотии при говорење и за неа е тешко да разбере што ù се вели. Така што, тој вид на емоции можете на пример преку гестикулации да ù ги појасните. А најважното за мене и за сите во нејзиното опкружување беше тоа што таа навистина повторно имаше насмевка на лицето.“
БИЛД: „Таа има повторно насмевка на лицето, Ембла. Тоа Ви успеа. Можам да претпоставам дека во оној момент кога претседателот доаѓа во придружба, тогаш сé е во ред на училиште, но по некое време претседателот си оди. Дали потоа мобингот повторно ќе се случи? Доколку да, дали родителите смеат повторно да Ви се обратат Вам?“
„Досега не стигнале такви информации до мене или до лицата кои работат во мојот кабинет. Но, верувам дека проблемот засега е решен. Доколку не, секако дека повторно ќе отидам во градот Гостивар и повторно ќе разговарам со сите лица кои се во нејзиното опкружување – почнувајќи од училиштето, па сè до нејзините соседи. Вакво нешто не смее уште еднаш да се повтори, и тоа не само спрема неа, туку и спрема сите луѓе во нашата земја.“, одговори Пендаровски.
„Ова го Вели Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, кој ја придружуваше малата Ембла до училиште, откако таа беше под мобинг и беше отфрлена, па следствено на тоа, таа не можеше повеќе да посетува настава. Срдечно Ви благодарам што разговаравте на оваа тема со нас!“, го заврши итервјуто со претседателот Стево Пендаровски водителката на германски БИЛД