ВЕСТ НА ДЕНОТ
Собранието едногласно ги усвои измените на Законот за минимална плата
Со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за минимална плата, кои треба да овозможат нејзино покачување на 18 илјади денари.
И на денешното, како и на претходните продолженија на расправата за Предлог измените на Законот за минимална плата, можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција.
За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80 000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Кога армијата на една земја влегува на територијата на друга земја без нејзина согласност, тоа не е непристрасна мировна сила. Тие воопшто не се мировници“, рече Гутереш и ги отфрли неговите тврдења дека таму бил извршен „геноцид врз руското население“ и додаде дека е „загрижен поради искривување на концептот за зачувување на мирот“

ФЛЕШ ВЕСТИ
УКРАИНА СОСТОЈБА Украинскиот Совет за безбедност денеска ги одобри плановите за прогласување вонредна состојба на територијата на Украина, како одговор на зголемената закана од руска инвазија. Мерките ќе важат за сите делови на Украина, освен за нејзините два источни сепаратистички источни региони Доњецк и Луганск, поддржани од Русија.
ВЛАДА Во моментот, нашите набљудувачи, кои се околу 30-тина, се безбедни и ги извршуваат своите редовни обврски и во случај на дополнително влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност. Во однос на нашите државјани, Амбасадата на Северна Македонија во Киев има евидентирано бројка од 100-тина кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина и од нив заклучно со вчера, се вратиле 13-мина.
ИНТЕГРАЦИИ Во најновиот извештај на известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук, уште еднаш се бара брзо отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, а се поздравува и политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Софија и Скопје.,
Потсетувајќи на „потребата да се продолжи темпото и кредибилитетот на европската интеграција, известувачот бара „брзо отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, имајќи предвид дека двете земји ги исполнија потребните услови и испорачаа одржливи резултати во основните области“.
ПРАВДА На денешното рочиште, поради приватни причини, не присуствуваше сведокот Боркица Груевска, која ќе биде сослушана на следното рочиште, закажано на 28 февруари. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.
Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со серијата настани „Во фокусот“ на тема „Информациски хаос: Трендови и перспективи“.
На денешнаа панел дискусијата на свое излагање на темата „Информациски хаос: Трендови и перспективи“, имаа помошникот на Министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, Тони Ангеловски, универзитетската професорка Весна Попоска од универзитетот „Визион“ – Гостивар и уредничката на интернет порталот „Порталб“, Елида Зулбеари. Настанот го модерира Џабир Дерала – ЦИВИЛ.
Како организација за човекови права и слободи и како медиумска платформа, ЦИВИЛ со години будно ги следи состојбите во сферата на хибридните закани против демократијата и информацискиот хаос.
Дезинформациите и теориите на заговорот со години ги разградуваат општествата, ги поларизираат и ги дестабилизираат. Тие им даваат „крилја“ на радикалните структури насекаде низ светот, па така и во Северна Македонија. Дезинформациите, злонамерните и лажните вести, измамата, теориите на заговорот, псевдонауката, пропагандата и низа други појави со кои се внесува дисторзија и јавноста се заведува или се насочува врз основа на интересите на одредени центри на моќта, а не за да се информира, спаѓаат во т.н. информациски нарушувања или, според терминологијата усвоена во ЦИВИЛ, информациски хаос, вели Дерала во воведот во дискусијата.
КОНФЛИКТИ
Петровска: Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема потреба од загриженост
Од самиот почеток на кризата во Украина нашиот став е дека недвосмислено го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Одлуката на Русија за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“ е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и меѓународното право и одлуките на Советот на ООН од 2015 на кои е обврзана и Русија, посочуваат од Министерство за одбрана за ЦИВИЛ Медиа.
Ги осудуваме сите прекршувања на меѓународното право и се придружуваме на повикот на сојузниците за враќање кон дипломатски дијалог и мирно решавање на кризата.
Груби: Силно ја осудуваме одлуката на Русија, се превземаат сите чекори за заштита на безбедноста и сигурноста на нашата земја
„Силно ја осудуваме одлуката на Русија за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени “Народни Републики Донецк и Луганск”. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и меѓународното право, одлуките на Советот на ООН од 2015 на кои е обврзана и Русија, вели првиот вицепремиер, Артан Груби, за ЦИВИЛ Медиа.
Тој додава дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници.
Нема македонски државјани на боиштата во Источна Украина
Македонски државјани во моментов не се дел од воените формации и не учествуваат во конфликтите во Источна Украина.
„Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (СНЕ/БПТ) до сега нема добиено и не располага со податоци за тоа дека државјани на Република Северна Македонија се организираат да учествуваат во странска војна, односно да бидат дел од воените формации на Русија или Украина, ниту пак има сознанија дека постојат некакви обиди за регрутација и упатување на наши државјани во тие региони за таа цел“, вели Златко Апостолоски, национален координатор за СНЕ/БПТ за ЦИВИЛ Медиа.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил прес студио, интервју на Зоран Иванов со Свето Стаменов, новинар, уредник, публицистички рекордер, добитник на бројни награди и признанија. Тој зборува за неговите новинарски и посебно публицистички трудови кои оставаат трајни траги во македонската научна, културна и воопшто општествена сфера.
камера и монтажа: Ариан Мехмети












