Фокусот треба да ни биде во градење на солидарност и почит помеѓу различните групи во нашето општество, бидејќи тоа е важно во градење на мултиетничко, едно и еднакво општество за сите. Од друга страна треба да се охрабриме и да работиме на толеранција и прифаќање на различностите. Тоа може да почне и помеѓу класовите во училиштата каде што има ученици од различна верски и етнички заедници и тие меѓу себе да раскажуваат лични приказни и така ќе дознаат повеќе за себе и за другите. Во моментот имаме кренати ѕидови меѓу нас и секој секого гледа со некаков сомнеж. Треба да ги срушиме тие ѕидови и да градиме мостови на солидарност и меѓусебно разбирање, вели Мустафа Јакупов, од РеРома, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“, одржана на 20 април 2022 година.
Работиме на подобрување на младинските политики кај младата ромска популација за учество во креирање на истите политики што ги засегаат нив. Во моментот имаме и студиска сесија во Будимпешта заедно со Националниот младински совет. Цела година, исто така, работевме на следење на говорот на омраза кон ромската заедница на социјалните мрежи и имавме пет врснички едукатори коишто покрај мониторинг и репортирање на говорот на омраза вршеа и едукација на млади, односно што е говорот на омраза, што е „антициганизмот“ и како се манифестира во нашето општество. Заклучокот е дека има пораст на говор на омраза. Можеби и поделбата на наши и ваши, про Русија, про Украина, на Роми и не-Роми…, но тоа што конкретно го работевме е креирање на дата база, следевме дел од случаите кои понатаму ќе бидат процесуирани до соодветните институции. Она што можам да го заклучам иако постои во законската регулатива казнување за говор на омраза и ширењето на истата, праксата сѐ уште е слабо развиена“, изјави Јакупов.
Јакупов зборуваше и за причините зошто младите сакаат да заминат од државата и да учат во странство.
Проблемите на младите во Македонија генерално се исти, но социјалниот контекст во кој се туркаат одредени млади, допринесува да се размислува да се напушти државата. Ако ги немаат егзистенцијаните и социјалните услови тогаш зошто би живееле во ваква држава? Има и други причини, партиското вработување на пример или да речеме стандардите поврзани со здравство, квалитетното образование на младите. На пример, зборуваме за инклузивно образование, а сѐ уште ромските деца се последните во клупите, уште се гледа на нив како да имаат посебни потреби, дека се гласни, зависни, ги сместуваме во специјални училишта итн. Инклузивното образование треба да е инклузивно за сите, а тоа значи дека професорите треба да се инклузивни, вели Јакупов.
Панелот беше дел од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Биљана Јордановска
камера: Горан Наумовски
монтажа: Ариан Мехмети