ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ ја одржа втората панел дискусија од серијалот „Зад димната завеса“ на тема „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
Учесници на настанот беа универзитетскиот професор д-р Никола Дујовски и новинарите Љубомир Костовски од „Глобус“ и Дејан Андоновиќ од „Слободен печат“. Настанот го водеше Биљана Јордановска, ЦИВИЛ.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Русија одлучи да ја блокира опколената фабрика за челик „Азовстал“ во градот Мариупол, бидејќи не може да ја заземе со сила, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Алексеј Арестович
– Тие не можат физички да го заземат Азовстал, тоа го сфатија, таму претрпеа огромни загуби. Нашите бранители сè уште го држат, рече Арестович на брифинг.
*
Вооружените сили на Русија и на Доњецката народна република, го ослободија Мариупол, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, за време на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што пренесе Бгнес, Шојгу рекол дека „дел од националистичките формации се засолниле во индустриската зона на фабриката „Азовстал“.
*
Употребата на оружје за масовно уништување против цивили е злосторство против човештвото и прекршување на четирите Женевски конвенции од 1949 година. Убивајќи цивили, силите на агресорот продолжуваат да вршат злосторства против човештвото дефинирани со Статутот на Меѓународниот воен трибунал и Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, цинично непочитувајќи ги сите барања на Женевската Конвенција за заштита на цивилни лица во време на војна, стои во објавените ажурирани податоци на Комесарот за човекови права на Врховната Рада на Украина, Генералштабот на вооружените сили, Државната служба за итни случаи, националната полиција, релевантни градски совети и регионалните државни администрации од 20 април 2022 година.
*
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека неговата земја е подготвена да стане гарант за безбедноста на Украина. Но, во исто време шефот на МНР истакна дека неговата земја нема да го прифати членот 5 од НАТО како гаранција, пренесува РБЦ-Украина преземено од Хуриет.
*
„Европската унија во моментов подготвува шести пакет санкции. Денеска разговаравме за ова со Шарл Мишел. Работиме на тоа да биде навистина болно за руската воена машина и за руската држава во целина. Нагласувам во сите преговори дека санкциите се потребни не како цел сама по себе, туку како практично средство за мотивирање на Русија да бара мир“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање
ДИСТРИКТ
Боцевски: Многу ме повреди „северна“, многу
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Ивица Боцевски – американски постдипломец, амбасадор, министер, но и блогер, колумнист, аналитичар, зборува за дипломатијата и неговото амбасадорување во Бразил, руската агресија и немоќта на дипломатијата, фрустрациите од додавката Северна, како и за македонската политика, недоследностите при пописот, песимизмот во врска со бугарското вето и за уште по нешто.
ИЗЈАВИ
„Проблемите на младите во Македонија генерално се исти, но социјалниот контекст во кој се туркаат одредени млади, допринесува да се размислува да се напушти државата. Ако ги немаат егзистенцијаните и социјалните услови тогаш зошто би живееле во ваква држава? Има и други причини, партиското вработување на пример или да речеме стандардите поврзани со здравство, квалитетното образование на младите. На пример, зборуваме за инклузивно образование, а сѐ уште ромските деца се последните во клупите, уште се гледа на нив како да имаат посебни потреби, дека се гласни, зависни, ги сместуваме во специјални училишта итн. Инклузивното образование треба да е инклузивно за сите, а тоа значи дека професорите треба да се инклузивни“, вели Мустафа Јакупов во панел дискусија на ЦИВИЛ „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“.
„Говорот на омраза сè уште е интензивен помеѓу младите, меѓутоа во последно време се буди свеста кај младите за лошите последици и веќе гласно се зборува против говорот на омраза“, вели Веса Синани, средношколка и активистка, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“.
„Тоа што сакам да посочам дополнително за протестот од страна на наставниот кадар е тоа што, за жал, ако гледаме во изминатите години, и до ден денеска, СОНК како работеше, е тоа што секогаш протестираат за повисоки плати, тие никогаш не протестираат за повисок квалитет во образованието. Ние треба да разговараме, заедно со младите, да се бориме за поквалитетен образовен систем, а не само за повисоки плати, затоа што е важно какви кадри ќе излезат од основното и од средното образование, кои ќе се вклучат во високото образование. Тука треба да бидат вклучени сите актери, од ученици до наставници, за потоа да има поквалитетен кадар кој е потребен на пазарот на трудот“, посочи Бленди Ходаи на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“.
АНАЛИЗА
Фашистите на Путин: Долгата историја на руската држава во одгледување домашни неонацисти
Она што доби помалку покриеност е досието на режимот на Путин за соработка со крајнодесничарските екстремисти. И покрај тоа што руските дипломати ги осудуваа „фашистите“ во балтичките земји и пропагандистите на Кремљ се бунеа против имагинарните „Укронаци“ на власт во Киев, руската држава негуваше свои домашни нацисти…
… Одгледувањето домашни неонацисти во Кремљ се совпаѓа со неговата промоција на неонацисти на Запад. Некои ги зајакнаа антизападните теории на заговор како „експерти“ на РТ, пропагандниот канал на кабловска телевизија на Кремљ…
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОСЕТА Претседателот на Латвија, Егилс Левиц, во официјалната посета на Репулика Северна Македонија се сретна со претседателот на државата Стево Пендаровски, како и со премиерот Димитар Ковачевски.
ШТРАЈК „Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори“, соопштува Владата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Рускиот Патријарх Кирил, предводникот на Руската Православна Црква, е еден од највлијателните инспиратори и поддржувачи на агресивната политика и доктрината на руските „интересни сфери“ на претседателот Владимир Путин. Руската Црква, сигурно, макар и посрамена, ќе ја надживее политичката кариера на Путин, уште колку и да трае таа. Но тоа за Рускиот Патријарх Кирил веројатно нема да биде случај“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Кој е патријархот Кирил, „јастребот“ на Путин?“
Б. Јордановска