„Различностите кај нас треба да се навикнеме да ги користиме како културно наследство. Како наследство на начинот на којшто живееле нашите предци. Се надевам дека помладите генерации тоа ќе го сфатат како обврска, исто како што ги наследуваат генерациите Големата црква ( во Штип), Кадан Ана џамијата, и Камениот мост што го изградил Хусамедин паша. Сето тоа е наследство од различности кои доаѓаат од минатото.“, вели Војо Маневски од ТВ Ирис, за Иницијативата на ЦИВИЛ “Направи разлика: Почитувај ги различностите“.
„Многу лесно е да се разговара за идеолошки форми, да ги прокламираш како единство, а не знаеш да ги живееш. Полнотијата на животот, било верски или културен, дури и економски, зависи од индивидуалецот, како тоа го восприема, и како тоа го прифаќа заедницата. Затоа, кога зборуваме за правата на човекот и на граѓанинот, тргнуваме од индивидуалните права. Како микрокосмос, од индивидуалните права кога ги заштитуваме, а во нив влегуваат и верските, и националните, и културните разлики, и тогаш во заедницата се учиме, почитувајќи го поединецот, да ги почитуваме и разликите помеѓу заедниците.
Ако се тргне од спротивната страна, да се примаат заедниците со сите предрасуди, за правила вредности, негативности, тогаш ние имаме одредница кон колективитетот, а не кон поединецот. Поединецот, пред се, е човек, па потоа културно општествено битие, и ако така тргнеме, и државата се грижи за заштита на индивидуалните права, тогаш колективните права се последица на прифаќањето на нашите разлики.
Некој се родил како машко, друго е жена, во степенот на развиток бил дете, сето тоа се различности кои треба да се почитуваат.“, вели Маневски.
„Проблемот во нашата држава, е што ги изместивме вредностите за почеток на квалификација на поединецот, од колективитетот. Имаме предрасуда дека некој поединец, член на тој колективитет, е „таков“. И му даваме карактеристики, 60, 70, 80 отсто. Тоа го ублажуваме со неговиот убав лик, убавото изразување итн., и велиме: „Ама тој не е баш таков“.
Излезот, или европскиот пат на сите балкански народи, е правата на поединецот, заедно со сето она што си го носи. Подоцна, надградување на колективитетот. Семејството е основна клетка на општеството, но во семејството има 3, 4, 5 члена, кои се единки. Нема колективитет без единки.
Да не заборавиме дека една мајка исто ја боли несреќата на своето дете, без разлика од тоа на која националност или вера таа припаѓа. И, во која боја се солзите? И кога се од љубов, и кога се во тага. Тие го изнесуваат чувството на поединецот.
Во правниот систем, државата мора да изгради систем на почитување на човековите основни права. ‘, заклучува Маневски.
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.