Русија уште еднаш покажа дека е подготвена да ги искористи испораките на гас како инструмент за уцена, докажувајќи уште еднаш дека е несигурен снабдувач со енергија, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по најавата на Гаспром за прекин на испораката на гас до одредени земји-членки на ЕУ.
„Најавата на Газпром дека еднострано ја запира испораката на гас за клиентите во Европа е уште еден обид на Русија да го користи гасот како инструмент за уцена. Ова е неоправдано и неприфатливо. И тоа уште еднаш ја покажува несигурноста на Русија како снабдувач со гас. Подготвени сме за ова сценарио. Во близок контакт сме со сите земји-членки“, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен истакна дека Европската комисија работи „за да обезбеди алтернативни испораки и најдобри можни нивоа на складирање низ ЕУ“.
Во оваа ситуација, земјите-членки поставија планови за вонредни состојби токму за такво сценарио и работеа со нив „во координација и солидарност“.
На 27 април се одржува состанок на координативната група за гас, се вели во соопштението и се додава дека учесниците мапираат координиран одговор на ЕУ.
„Исто така, ќе продолжиме да работиме со меѓународните партнери за да обезбедиме алтернативни текови. И ќе продолжам да работам со европските и светските лидери за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија во Европа. Европејците можат да веруваат дека стоиме обединети и во целосна солидарност со земјите-членки кои се погодени пред овој нов предизвик. Европејците можат да сметаат на нашата целосна поддршка“, истакна Фон дер Лајен.
Како што беше претходно објавено, Русија им понуди на „непријателските“ европски нации да платат за испораките на гас во руски рубли, но Европејците одбија, велејќи им на Русите дека мора да ги почитуваат постојните договори кои вклучуваат порамнување во странска валута. За возврат, Кремљ се закани дека целосно ќе ги прекине испораките на гас за Европа, доколку колегите не ги исполнат руските барања.
Подготви: Д.Мишев