Весна Попоска од Универзитетот „Визион“ – Гостивар на панелот на ЦИВИЛ „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
Пропагандата како цел, не бира сектори, се шири насекаде. Секако дека секој е апсолутно одговорен за своите постапки, особено во академската заедница. Во академската заедница е многу важно да се вратиме на академскиот интегритет, надвор од она што се зборува како предуслови во звање, согласно законот за образование и законот за истражувачка дејност, и за жал, науката беше силно злоупотребена во истиот период за кој зборува Бојаровски, имавме пленум и контра пленум. Имавме и протагонисти на говор на омраза кои се промовираа како борци за човекови права, но тоа е нешто што не може да се спречи. Затоа што ако се обидете да го спречите, да го криминализирате, бидејќи дезинформациите не постојат како кривично дело во Кривичниот законик, тогаш влегувате во една друга сензитивна област, каде што практично е многу тешко да се воспостави балансот помеѓу потребата за безбедност и заштита од дезинформации и она што е поставено како стандард во согласност со Член 10 од Европската Конвенција за човекови права во делот на слобода на говор. Затоа, ние како академска заедница имаме сериозна одговорност, и граѓанското општество исто така има сериозна одговорност, исто и Владата, во однос на тоа со кого соработува и чии ставови пропагира. Медиумите исто така имаат одговорност на кого даваат простор, затоа што понекогаш, во потрага за сензационализам, канат гости кои не уживаат академски интегритет, но уживаат определени титули постигнати на различен начин, и затоа, одговорноста е споделена, порачува Попоска.
Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан мехмети