Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Украина и понудила на Кина да стане еден од гарантите на нејзината безбедност, пренесува Укринформ изјава на Кулеба во интервју за кинеската државна агенција Ксинхуа.
Според шефот на украинската дипломатија, Украина моментално проучува можност да добие безбедносни гаранции од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН и другите големи сили, вклучително и Кина.
„Украина моментално ја проучува можноста за обезбедување безбедносни гаранции од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, вклучително и Кина, и други големи сили. Нашиот предлог Кина да биде еден од гарантите на безбедноста на Украина е знак на нашата почит и доверба во Народна Република Кина“, рече Кулеба.
Тој рече дека е убеден оти кинеската страна не сака ситуацијата во Украина да продолжи да се развива како што е сега. Според него, војната на Русија против Украина не е во интерес на Кина, бидејќи глобалната прехранбена криза и економските проблеми предизвикани од руската инвазија на Украина претставуваат сериозна закана за кинеската економија. Кулеба рече дека ако Русија не биде запрена сега, „тоа ќе предизвика уште кризи за неколку години“.
„Одговорната позиција на Кина не е да се стреми кон геополитички цели и да не долева масло на огнот во руската војна против Украина“, додаде тој.
Подготви: Д.Мишев