ВЕСТ НА ДЕНОТ
9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот
Во Европа денеска се слават Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Годинава се навршуваат 72 години од покренувањето на иницијативата за создавање на Европската Унија и 77 години од крајот на Втората светска војна. Во земјите на ЕУ, на 9 мај акцентот е ставен на Денот на Европа, додека во Русија, како и во повеќето постсоветски земји, фокусот е на прославата на Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ковачевски: Денеска одбележуваме и славиме голем ден – 9 Мај, како Ден на победата над фашизмот и како Ден на Европа. 9 Мај е еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја. Денешниот ден е запишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците. Премиерот Ковачевски истакна дека ова е ден кога ги чествуваме и се поклонуваме пред големото дело на припадниците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое денес го славиме како наша заедничка победа со сојузничките сили над фашизмот и со прогресивните народи на Европа и на Соединетите Американски држави.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е „ужаснат“ од бомбардирањето на училиште во источна Украина во кое настрадале 60 луѓе, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, и побара цивилите да бидат поштедени, изјави неговиот портпарол
Во моментов е невозможно да се извлечат 60 луѓе, најверојатно мртви, од урнатините на училиштето во Билохиривка, кое на 7 мај беше бомбардирано од руските напаѓачи, ја пренесува Укринформ изјавата на шефот на регионалната воена управа на Луганск, Серхи Хаидаи.
Говорот на рускиот претседател Владимир Путин на големата парада по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот што се одржа во Москва, не донесе никаква спектакуларна изјава, како што се шпекулираше во изминатите денови,. Путин во својот говр брзо се префрли од настаните во Големата патриотска војна на акцијата во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им го честиташе Денот на победата над нацизмот во Втората светска војна на Украинците во видео обраќање од улицата Хрешчатик во центарот на Киев. Тој потсети како на 24 август 2021 година, Украинците ја прославија 30-годишнината од прогласувањето на независноста – „нашите војници, нашите бранители, нашата опрема се движеа по Хрешчатик, нашата Мрија леташе на небото.
Корисниците ширум Русија пријавуваат хакирање на ТВ програми, сателитски ТВ или кабелски провајдери. Наместо преносите посветени на 9 мај, Русите добија натпис на ТВ екраните: „Крвта на илјадници Украинци и стотици нивни убиени деца е на ваши раце. ТВ и властите лажат. Нема војна“.
Војната на Русија против Украина ги врати во Европа ужасите на војната, но ги потсети Европејците кои се тие и ги обедини во поддршката на Украина во нејзината борба против руската агресија, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по повод Денот на Европа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОРАКА Претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа ја упати следната порака: Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности.
ЦЕРЕМОНИЈА Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој беше придружуван од министерката за одбрана Славјанка Петровска, од министерот за локална самоуправа Горан Милевски и од заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија венец свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска, од министерот за локална самоуправа Горан Милевски и од заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија венец свежо цвеќе на спомен обележјето на партизанските гробишта во Бутел во чест на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа,
ДИГИТАЛИЗАЦИЈА Постојано истражување и следење на навиките и потребите на средношколците, инклузивни и поефикасни дигитални решенија – се дел од заклучоците на вториот од серијата настани на тема: „Дигитална трансформација на образованието“, сега, со фокус на средното образование или „Дигитализацијата и средношколците“, а во организација на Советот за дигитална трансформација (СДТ) при Институтот Хајделберг, Сојузот на средношколци на РСМ и Американските совети за меѓународно образование (ЈЕС алумни програма).
ИНИЦИЈАТИВА Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес учествува на регионалниот настан во рамки на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат, на која потенцираше дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите кои се темел на Унијата.
ЕДИТОРИЈАЛ
Русија и Путин нема што да прославуваат на 9 Мај, најмалку како датум поврзан со победата. Можат единствено да се сетат дека 77 години по нивната победа во Втората светска војна, тие се на другата страна, на страната која уништува цели градови и села, спроведува воени злосторства и геноцид, војува против мирот, демократијата, слободата и човечноста. Датумот кога Русија треба да се сеќава на 20-те милиони жртви што ги дадоа сите народи во состав на Советскиот Сојуз во Втората светска војна. Меѓу нив беа и Русите и Украинците и уште петнаесетина други народи. Денес, 9 Мај е ден на срамот и поразот на Русија и руската нација. прочитајте во едиторијалот „ Ден на срамот и поразот“ на Џабир Дерала.
СЛОБОДНА ЗОНА
Годинешново, 77-мо по ред издание на овој настан ќе биде како никогаш претходно. Русија е среде војна што самата ја предизвика, а според тоа како им се одвива „специјалната операција“ во Украина, во Москва нема што воено, а ни политички да се слави. Во само 77 дена, според конзервативните меѓународни проценки, Русите загубија повеќе од 20.000 свои војници, меѓу кои западните претпоставки велат дека се и 400 руски офицери од погорните рангови, вклучувајќи и 12 генерали. Руската воена техника е, буквално, десеткувана, со (многу) стотици уништени оклопни возила, тенкови, ракетни системи, воени авиони и други летала, а на руската црноморска флота ѝ се потопени толку бродови што само нивната штета се проценува на повеќе милијарди долари, пишува Сашо Орданоски во колумната „ Што ли ќе прославува Путин на годинешнава Деветомајска парада?!.
А да се постави едно „мостопитно прашање“ не е на одмет, ама ги става многумина во тесно околу одговорот. Како се станува вработен во јавниот сектор? Оние што по старите процедури се вработија како службеници од разни видови се веќе во пензија. Оние што сега се носители на тие јавни права и обврски се по некоја друга процедура во службеничкиот сталеж. Дали суштински ги поминаа сите со закон пропишани постапки со кој се вработија во јавниот или државниот сектор? Формално сите поминаа низ таква процедура, ама суштински помалиот број беше на испит, читајте во колумната “Во тесно“ на Војо Маневски.
Д.Мишев