ВЕСТ НА ДЕНОТ
Српската премиерка Ана Брнабиќ во посета на Северна Македонија
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на скопскиот аеродром ја пречека српската премиерка Ана Брнабиќ, која денеска е во посета на Република Северна Македонија.
Брнабиќ оствари средба со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на која присуствуваа и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи и ги потврдија долгогодишните и традиционално добри билатерални односи кои дополнително се зајакнуваат од година во година, низ интензивен и пријателски политички дијалог потврден со редовни и чести средби и посети на високо ниво.
Ковачевски заедно со Брнабиќ денеска учествуваше на Самитот во организација на „Македонија2025“, чија главна тема беше регионалната соработка, со фокус на економијата, иднината на компаниите, работната сила и администрацијата низ иновациите и дигиталната трансформација.
Според Брнабиќ, Србија е трет трговски партнер на Македонија, а Македонија е меѓу десетте најважни партнери на Србија.
Брнабиќ порача дека нашата држава секогаш може да смета на Србија како на сигурен партнер во овие тешки околности.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Во своето видео обраќање на крајот од 83-от ден од одбраната од руската агресија, претседателот на Украина, Володимир Зеленски каже дека денот започнал со прилично моќна комбинација на руски напади врз Украина. Ракетно гранатирање на регионот Лавов, регионот Суми, регионот Чернихив. Воздушни напади во регионот на Луганск. Специфична диверзантска активност во пограничните области на Украина.
*
Руските војници гранатираа колона цивилни автомобили во близина на селото Давидив Брид, во регионот Керсон, со повеќецевни ракетни системи за лансирање „Град“, при што загинаа најмалку три лица, изјави заменикот на Регионалниот совет на Керсон, Ихор Јосипенко на Фејсбук.
*
Руските окупатори уништија синагога во опколениот пристанишен град Мариупол, регионот Доњецк.
Веста за инцидентот на Телеграм ја објави советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко.
ИЗЈАВИ
„Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена Алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа. За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на Алијансата е добра вест.
Ја поздравувам оваа одлука и упатувам поддршка за брз прием на земјите кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност. Тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани. Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст“, изјави претседателот Стефо Пендаровски
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Панел дискусија на ЦИВИЛ за дезинформациите и пропагандата
ЦИВИЛ продолжува со серијалот „Зад димната завеса“, на 19 мај, со почеток во 13:30 часот. Тема на панел дискусијата е „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
На панелот ќе учествуваат комуникологот Бојан Кордалов и новинарката Јасмина Миронски. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Панел дискусијата е дел од проектот „Зад димната завеса“ со кој ЦИВИЛ спроведува медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата. Проектот се фокусира на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
Критичните процеси за земјата се мета на долготрајна пропаганда од истите, меѓусебно поврзани центри. Тие имаат една заедничка цел – поткопување на владеењето на правото, демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Со овој проект, ЦИВИЛ ќе преземе серија сеопфатни активности да се спротивстави на тие тенденции.
Дискусијата ќе се емитува во живо, на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ПРОПАГАНДА
Сензационалистички наслови и пропаганда за воскреснуваење на националистичките духови од минатото
Одредени македонски интернет медиуми шират пропаганда и ги подгреваат меѓуетничките тензии со сензационалистички и крајно манипулативни медиумски содржини за извлекувањето на стотици бранители од челичарницата во Азовстал, Украина. „Азовстал како Арачиново во 2001: Војници излечени со автобуси од челичарницата која со недели е под опсада“, гласат насловите на неколку интернет портали како што се Инфомакс, Денешен, Тинк, Њувс24 итн.
Ваквите сензационалистички наслови имаат за цел да ги воскреснат националистичките духови од минатото. Крајно несоодветна и манипулативна е споредбата со извлекувањето на борците од Азовстал и Арачиново.
ДИСТРИКТ
Пандов: Прогнозирам дека на есен ќе има вонредни парламентарни
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, зборува за себе, партијата, државата, институциите, власта, опозицијата, собраниските блокади, партиските битки за предвремени парламентарни и за уште по нешто.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЧЛЕНСТВО Финска и Шведска денеска истовремено ги предадоа нивните официјални писма со барање за приклучување кон НАТО. Писмата ги предадоа финскиот амбасадор во НАТО Клаус Корхонен и неговиот шведскиот колега, амбасадор во НАТО Аксел Вернхоф, до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.
ПОКАНА Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја прифати поканата на Српската православна црква за одржување литургија на помирување, утре во храмот „Свети Сава“ во Белград.
СРЕДБА Во текот на вториот ден од студиската посета на Бундестагот, делегацијата предводена од претседателот Џафери, во чиј состав се потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, и координаторите: Диме Велковски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Сурија Рашиди и Сафије Садики Шаини, генералната секретарка Цветанка Иванова, шефот на Кабинет Илир Селмани, службата на Собранието, амбасадорката на Швајцарија и претставници од НДИ оствари средба со претседателот на Комисијата за прашања од Европската Унија на Бундестагот, г. Антон Хофрајтер и членовите на Комисијата, информираат од собранисата прес служба.
НАСТАВА Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Струмица ги посети студентите од Факултетот за детективи и безбедност при Американскиот Универзитет на Европа ФОН кои во периодот од 16-20 мај во рамки на својата наставна програма реализираат теренска настава по предметот Топографија и тактика во природни услови со обучувачи од Баталјонот за специјални сили на Армијата на Република Северна Македонија.
УКАЖУВАЧИ За функционирање на Законот за заштита на укажувачите потребни се храбри луѓе со интегритет, но и институции кои ќе ги заштитат. На укажувачите и овластените лица треба да им се обезбеди бесплатна правна и финансиска помош и поддршка, додека за негова поефикасна примена потребно е негово поблиско претставување на јавноста и бенефитите од неговото применување.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Целта на антидемократските центри на моќта: уривање на демократските институции и инсталација на автократски и корумпиран режим кој цврсто ги контролира финансиите, медиумите, судовите и полицијата. Колку подолго трае една демократска власт, толку антидемократските структури се понервозни и понасилни. И секој ден се закануваат со радикализација.“, пишува Џабир Дерала во денениот едиторијал „Жед за власт, по секоја цена“.
Б. Јордановска












