Одредени македонски интернет медиуми шират пропаганда и ги подгреваат меѓуетничките тензии со сензационалистички и крајно манипулативни медиумски содржини за извлекувањето на стотици бранители од челичарницата во Азовстал, Украина. „Азовстал како Арачиново во 2001: Војници излечени со автобуси од челичарницата која со недели е под опсада“, гласат насловите на неколку интернет портали како што се Инфомакс, Денешен, Тинк, Њувс24 итн.
Покрај сензационалистичките наслови, кои очигледно имаат за цел да ги потпалат меѓуетничките односи, во дел од содржината на текстовите се шири пропаганда дека помеѓу тие што се предадоа има и американски и британски генерали, како и генерали на НАТО.
Интернет порталот Оф.Нет објави вест со наслов „Падна Азовстал“, но во текстот во еден параграф стои:
„За сега не се потврдија шпекулациите дека „Азовци“ го дале целиот овој отпор за да ги заштитат високите американски/британски генерали кои заглавиле во Азовстал“.
За разлика од Оф.Нет кои сепак напишаа дека „за сега не се потврдија шпекулациите“ (нема податок од каде доаѓаат тие шпекулации), пропагандната машинерија забрзано работи на социјалните мрежи за ширење на руска пропаганда и разгорување на меѓуетничките односи.
Ваквите сензационалистички наслови имаат за цел да ги воскреснат националистичките духови од минатото. Крајно несоодветна и манипулативна е споредбата со извлекувањето на борците од Азовстал и Арачиново.
Д.М.