ВЕСТ НА ДЕНОТ
Покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Емануел Макрон, од каде доби уверување дека при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, направена е ненамерна грешка, информираат од МНР.
Притоа, од Кабинетот на претседателот Макрон потврдуваат дека официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.
Реакцијата уследи по изјавата на францускиот претседател Макрон минатата недела на прес-конференцијата по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел кога ја употреби придавката „Северномакедонци“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ципрас: ЕУ подобро да не дава ветувања што не може да ги исполни
„Одлуката на Европската Унија, на Самитот ја потврдува некредибилноста на Европа кон оние земји кои направија многу важни чекори и континуирано се одложува перспективата за датум за пристапни преговори. Подобро да не даваш ветувања, ако не си во позиција да ги исполниш“, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервјуто за „Euroactiv“, говорејќи за европската перспектива на земјите од регионот и позицијата на ЕУ за Западен Балкан.
МУЛТИКУЛТУРАЛИЗАМ
Стојанова: Различности има и треба да ги отвориме широко рацете и да се прифатиме еден со друг
Родена сум во земја каде што бојата на кожа, религијата, политиката немаат никаква улога, најзначајно е да се биде човек. За да бидеме една добра цивилизација и земја треба да ги отвориме широко рацете и да се прифатиме еден со друг. Различности има и треба да постојат, но сметам дека прифатливоста е апсолутен одговор на сè, вели Даница Стојанова – пијанистка, музички педагог, актуелна директорка на Музичко балетскиот училиштен центар „Илија Николовски Луј“, за ЦИВИЛ Медиа.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
САД ќе воведат визни ограничувања за околу 500 руски службеници поради конфликтот во Украина, како и повисоки царини за над 570 видови руски стоки и санкции против компании кои и помагаат на Русија да избегне рестриктивни мерки, објави денеска Белата куќа.
*
„Би сакал денеска посебно да им се обратам на граѓаните на Белорусија. И на цивилите, и на оние во униформи. Ве вовлекуваат во војната. И уште поактивно отколку во февруари и во пролетните месеци. Кремљ веќе одлучи сè за вас – вашите животи не вредат ништо за нив. Но, вие не сте робови или топовско месо. Не мора да умирате. И можете да спречите некој да одлучува наместо вас што ве чека следно“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето во неделата навечер.
*
Турција нема да се приклучи на западните санкции против Русија, кои беа воведени поради украинската криза, изјави Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател.
„Не воведуваме санкции и нема да им се придружиме. Мора да ги гледаме нашите интереси. Ако сите уриваат мостови, тогаш кој ќе разговара со Русија“, изјави синоќа Калин во интервју за телевизијата Хабертурк.
*
Лидерите на Г7 изразија „сериозна загриженост“ поради најавата на Русија дека може да пренесе ракети со нуклеарно полнење во Белорусија.
Во заедничката изјава од вториот ден на тридневниот самит во Баварските Алпи, лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД соопштија дека ја осудуваат „неоправданата употреба на нуклеарна реторика и сигнализација од страна на Русија
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДНОСИ Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-ЕУ утре во Скопје ќе го одржи 19 состанок, со којшто ќе копретседаваат Соња Мираковска од македонскиот Парламент, и европратеникот Андреас Шридер. Според информациите од Европскиот парламент, главни теми на состанокот ќе бидат владеењето на правото, прашања поврзани со животната средина и здравјето, граѓанското општество и медиумите, добрососедските односи и регионалната соработка, а најавен е и извештај за сработеното во рамки на Жан Моне процесот.
ПРАВДА Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на VII та Охридска школа на природно право. Во своето обраќање на тема ,,Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции”, Тупанчески рече дека Министерството за правда се залага колку што е можно повеќе да создаде услови за зајакнување на институциите кои треба да го овозможат развојот на демократското општество., информираат од Министерството за правда.
СОБРАНИЕ Во четврток на 30 јуни во Собранието на Република Северна Македонија се очекува да се одржи пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на Парламентот Талат Џафери поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Тркалото на историјата ги врати некои под-заборавени теми поврзани со взаемните односи, посебно во бугарското општество и односот кон македонската државност, јазик и култура. Можноста за компромис помеѓу двете страни очигледно не е на повидок и ќе биде потребно повеќе време за доближување на позициите од двете страни. Дополнителен проблем претставува и недовербата што ја изгласа Бугарскиот парламент на премиерот Кирил Петков, кој очигледно имаше желба и визија да направи позитивен исчекор помеѓу минатото и иднината и да ги подобри взаемните односи“, е ставот на Тошо Маркоски, главен уредник на Регионална ТВ Кисс&Менада – Тетово во „По Самитот на Западен Балкан, очигледно е дека ќе имаме жешко политичко лето“.

„Спорот со Бугарите се користи само како изговор, во оваа ситуација на големи геостратешки случувања, кои се поврзани со руската агресија во Украина. Проруските кругови очигледно водат жестока активна хибридна битка преку различни канали, политички заднини на некои политички фактори во Северна Македонија и на социјалните мрежи, со лажни вести и добро оркестрирана пропаганда. Францускиот предлог беше зафатен од хаосот и подбуцнувањето што го создаде прво опозицијата, а потоа и одредени медиуми, кои ја постигнаа целта со наметнување на ова негативно мислење“, вели Насер Пајазити, главен уредник на ИНА (Iliria News Agency), во „Во Северна Македонија се води хибридна оркестрирана кампања“
„Не сакаш да се откажеш од мајка ти и татко ти, од бабите и дедовците и од сета родбина до седмо колено, ама без работа си. И веќе немаш баш многу резерви за трошење. Се обидуваш да објасниш, меѓутоа менаџментот ти вели дека вработената (Гергана) е многу несреќна ако не ја признаеш и прифатиш за мајка.
Кои ти се опциите:
- Да побараш друга фирма (меѓутоа ниту една ни од далеку не ги нуди условите за работа како оваа);
- Да се откажеш од мајка ти и татко ти, од бабите и дедовците и од сета родбина до седмо колено, и да ја прифатиш вработената (Гергана) за мајка;
- Да отвориш свое фирмиче (независно од тоа дека нема баш реални шанси да ја издржиш конкуренцијата) и да станеш толку добар и успешен што сами ќе те посакаат;
- Или …?“, пишува Мирјана Најчевска во „Ѓорѓи сардисан“
Б.Јордановска












