ВЕСТ НА ДЕНОТ
НАТО Самит со фокус на руската акгресија и безбедносната закана кон Алијансата
Во Мадрид денеска почнува самитот на НАТО, на кој се очекува една од главните теми да биде новиот стратешки концепт кој Русија би ја дефинирал како директна безбедносна закана за Алијансата.
Самитот, кој завршува на 30 јуни, ќе се одржи во клучниот момент за Алијансата по неуспесите во Авганистан и внатрешните несогласувања во ерата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе го повлече Вашингтон од НАТО.
Во пресрет на самитот во Мадрид, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг изјави дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници во состојба на готовност од околу 40.000 на повеќе од 300.000. Тој потег е дел од напорите на НАТО да создаде нова структура на сили во која националните трупи ќе бидат на различни нивоа на подготвеност, така што Алијансата има повеќе војници во состојба на готовност, подготвени да дејствуваат на краток рок во случај на криза.
Генералниот секретар на НАТО рече дека очекува на претстојниот самит на НАТО во Мадрид да биде усвоен „нов стратешки концепт“, кој „јасно ќе ја дефинира Русија како најважна и најдиректна безбедносна закана“ на Алијансата.
Столтенберг оцени дека Русија „се откажа од партнерството и дијалогот“ што НАТО „се обидуваше да ги воспостави со години“, а дека „бруталната инвазија на Украина и отвореното кршење на меѓународното право и потпишаните договори меѓу НАТО и Русија“ се само еден пример за такво однесување на Москва.
На 28 јуни, претседателот Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе присуствува на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите-членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредува Кралот на Шпанија Н.В. Фелипе Шести и неговата сопруга Кралицата Летиција.
На 29 и 30 јуни претседателот Стево Пендаровски ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и Влади.
Претседателот Пендаровски на 29 јуни, во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и Влади, која ја приредува претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез.
Во рамки на учеството на НАТО Самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре, исто така, ќе биде дел од високата државна делегација на Самитот на НАТО. За време на Самитот министерката Петровска заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ќе учествуваат на панел дискусија организиран од НАТО Одделот за јавна дипломатија – НАТО Јавен Форум, на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Изразувам жалење за сите сцени кои се случија вчера во КЕП и за испровоцираните сцени од опозицијата. Тоа не требаше да се случи. Секако реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието“, изјави претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Арбер Адеми за вчерашниот инцидент во Собранието, но не чувствува лична вина за насилството од него врз колегите пратеници.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ПРОПАГАНДА
Димитриевски: Безбедноста ни е доведена во прашање поради дезинформациите
“Нашиот медиумски простор е слободен и отворен и имаме големо влијание од странските држави. Безбедноста ни е доведена во прашање бидејќи Македонија е како еден полигон, како крстосница на сите влијанија и дејанија и присуство на безброј разузнувачки служби кои буквално роварат, ријат во нашата држава“, вели Димитриевски.
Маневски: Пропагандата е алатка за формирање на јавно мислење
Денешниот свет е светот на влијание, постојат центри кои се неформални центри на моќ кои пак се контролирани од други центри, кои шират пропаганда и лажни вести, вели новинарот Војо Маневски за ЦИВИЛ Медиа.
МУЛТИКУЛТУРАЛИЗАМ
ЦИВИЛ со јавен настан „Мултикултурализам, предизвици и препораки“
ЦИВИЛ ќе одржи јавен настан на тема „Мултикултурализам, предизвици и препораки“, во среда (утре) 29 јуни 2022 година.
Настанот ќе ги опфати месечните активности на ЦИВИЛ во доменот на мултикултурализмот, предизвиците и препораките од учесниците со кои разговараше тимот. Настанот е дел од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“, кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Министерството за надворешни работи и Европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Руската држава стана најголемата терористичка организација во светот. И ова е факт. И ова мора да биде правен факт. И секој во светот мора да знае дека купувањето или транспортирањето на руска нафта, одржувањето контакти со руските банки, плаќањето даноци и царини на руската држава значи давање пари на терористите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синиќешно обраќање.
*
Бројот на загинати во ракетниот напад на Русија врз трговскиот центар Амстор во Кременчук се искачи на 18. Како што е соопштено, во 15:50 часот на 27 јуни, Русите лансирале ракети Kh-22 врз трговски центар во градот Кременчук со околу 1.000 цивили внатре. Површината на пожарот во зградата достигна 10.300 метри квадратни. Претходно беше соопштено за 15 загинати лица. Повредени се најмалку 59 лица, од кои 25 се хоспитализирани.
*
Американскиот претседател Џо Бајден го осуди рускиот ракетен напад врз трговски центар во Кременчук, пренесува Укринформ.
„Нападот на Русија врз цивили во трговски центар е суров. Ние стоиме во солидарност со украинскиот народ“, објави Бајден на Твитер во понеделникот.
*
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека секој упад на полуостровот Крим од страна на земја-членка на НАТО може да претставува објава на војна на Русија, што може да доведе до трета светска војна.
„За нас, Крим е дел од Русија. А, тоа значи засекогаш. Секој обид за продирање на Крим е објава на војна во нашата држава…А, ако тоа го направи членка на НАТО тоа значи судир со целата северноатланска алијанса. Трета светска војна. Целосна катастрофа, рече Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, за новинската интернет страница Аргументи и Факти.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ

„Не е потребен посебен интелектуален напор за да се дојде до констатацијата дека тепачките, кошкањето, викањето, шлаканиците и навредите, сосе крвавиот и неуспешен обид за државен удар, станаа одлика на работата на Собранието. Собраниската сапунската серија никогаш не завршува. Барем да дојде до некоја „венчавка“! Сепак, „венчавките“ се исклучително ретки, поради бескрајните циркуски игри и предигри што ги одигрува познатиот аматерски политичко-медиумски ансамбл на сцената. Последниот скандалозен настан и не е некоја „голема епизода“ во споредба со претходно набројаните“, пишува Џабир Дерала во „Со збор ништо не знаат да решат. Секогаш кога на ред се прашања од суштинско значење за државата, во Собранието има тепачка.“
СЛОБОДНА ЗОНА

„Одамна е јасно дека Американците се клучните фактори кои доведоа до тоа да има успех со Преспанскиот договор. Деновиве бевме сведоци дека ЕУ, по прашањето на симнувањето на ветото на Бугарија е импотентна, што би рекол албанскиот премиер Рама и таа се снаоѓа само во случаи каде што има акламативно прифаќање на некој предлог. Американската „опклада“ на харвардецот Петков како извршител на волјата на Вашингтон немаше ниту малку добар исход: тој сега толку ја искомплицира западната позиција во Софија, додека интересот на Москва е, се чини, долгорочно зацврстен“, пишува Љубомир Костовски во „Западот го нема Третиот човек во Софија“.
Б. Јордановска












