Имаме доста нестабилна и нарушена состојба во однос на дезинформациите, земајќи во предвид колку сме порозни и колку сме чувствителни на безброј надворешни влијанија и пласирање на информации кои буквално го растураат системот на нормално информирање, односно запознавање и насочување на граѓаните, будноста и стабилноста на општеството, вели Сретан Димитриевски од Асоцијација: Центар за анти-тероризам и мир „Гардијан“ Куманово, на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Каква е состојбата со дезинформациите и пропагандата во нашата земја и како може тие да влијаат на безбедноста и стабилноста на нашата држава?
Дали руската агресија врз Украина влијае и на европско тло, односно дали преку дезинформации и пропаганда има влијание и како може да се рефлектира тука кај нас?
„Секако дека има директно влијание, и тоа повеќе директно отколку индирекно, затоа што постои буквално ембарго и забрана за ширење на информации од страна на руските медиуми. Од друга страна сме доведени во ситуација како членка на НАТО и како кандидат аспирант за ЕУ, да ги почитуваме сите тие забрани и насоки кпои дојдоа од ЕУ во смисла на информирањето. Буквално сме ставени во позиција само од една страна да се информираме.
Нашето Министерство за внатрешни работи даде дури предупредување да не смее да се коментира и да се пласираат ставови кои не се во линија на информирањето на Европската унија, во однос на војната во Украина, или т.н. „специјална војна“ на Руската федерација.
Секако треба да бидеме фер и коректни да кажеме дека е извршена агресија, но мислам дека со тоа се создаде ситуација да се пласираат безброј дезинформации, а ние сме порозни и чувствителни на тие дезинформации особено политичкиот момент кој го имаме во нашата држава а тоа е проблемот со Бугарија и евентуално отпочнување на преговори со ЕУ, и тоа ја прави нестабилна нашата држава. Пошироко гледано и енергетската криза која е предизвикана од војната во Украина директно влијае и на нас, реално влијае и на информирањето на граѓаните односно се пласира она што народот сака да го слушне.
Вистината е една и граѓанинот е во искушение што да одбере од информациите, бидејќи реално сме преплавени со дезинформации и со манипулативно еднострано информирање, особено од надворешните медиуми.
Нашиот медиумски простор е слободен и отворен и имаме големо влијание од странските држави. Безбедноста ни е доведена во прашање бидејќи Македонија е како еден полигон, како крстосница на сите влијанија и дејанија и присуство на безброј разузнувачки служби кои буквално роварат, ријат во нашата држава“ вели Димитриевски.
текст и камера: Дехран Муратов
монтажа: Биљана Јордановска
фотографија: Горан Наумовски