ТЕМА НА ДЕНОТ
Лидерите на НАТО го одобрија новиот стратешки концепт на Алијансата
Шефовите на држави и влади на НАТО на состанокот во Мадрид во средата (29 јуни 2022 година) го одобрија новиот стратешки концепт на Алијансата, во кој се утврдуваат приоритетите, основните задачи и пристапите на Алијансата за следната деценија.
Концептот ја опишува безбедносната средина со која се соочува Алијансата, ги потврдува заедничките вредности и ја објаснува клучната цел на НАТО да ја обезбеди нашата колективна одбрана. Понатаму ги поставува трите основни задачи на НАТО за одвраќање и одбрана; спречување и управување со кризи; и кооперативно обезбедување.
Документот ја дефинира Русија како „најзначајна и најдиректна закана“ за безбедноста на сојузниците, додека за првпат се осврнува на Кина и на предизвиците што Пекинг ги поставува кон безбедноста, интересите и вредностите на сојузниците.
„Лидерите ќе донесат и историска одлука да ги поканат Финска и Шведска да станат членки на НАТО… Драго ми е што претседателот Зеленски ќе им се обрати на сите лидери додека го започнуваме Самитот денеска. Исто така, ќе договориме сеопфатен пакет помош за Украина. НАТО и НАТО сојузниците ја поддржуваат Украина многу години. Но, се разбира, по инвазијата сите се засиливме“, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа е овозможено со трилатералниот договор постигнат во вторникот меѓу Турција, Финска и Шведска“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Од вечерва вкупниот број руски ракети кои ги погодија нашите градови е веќе 2.811. Ги имаме сите докази за тоа што руските трупи прават против нашиот народ. Еден таков доказ е во видеото. За никој да не се осмели да измами за ракетниот напад во трговскиот центар во Кременчук. Руската ракета го погоди токму овој објект, намерно. Сакале да убијат што повеќе луѓе во мирен град, во обичен трговски центар“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање.
*
Стивен Кинг, прочуениот американски автор на хорор, СФ, криминални, натприродни и фантастични романи, ја поддржа Украина по рускиот ракетен напад врз трговскиот центар во украинскиот град Кременчук.
„Руските напади врз украински цивилни цели се во основа терористички напади“, напиша авторот.
*
„Надзорните снимки од паркот Кременчук, добиени и проучени од новинари, го побиваат тврдењето на руското Министерство за одбрана дека трговскиот центар Амстор, каде што загинаа повеќе од 20 лица, наводно експлодирал поради детонација во складиште за муниција во близина на Западот, а не од Руски ракетен напад, покажува видеото што го анализираше „Тековно време“ на РСЕ, пренесува „Укринформ“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Предвремени парламентарни избори не треба да има. Ние во моментов имаме Влада којашто се грижи за националните интереси и за достоинството на сите граѓани, без разлика на тоа од која етничка, верска и национална припадност доаѓаат. Тоа се случи и во изминатиот период, кога националните интереси на Република Северна Македонија, согласно одлуките и резолуциите донесени тука во Собранието, беа застапувани од страна на сите челнови на Владата, без разлика на тоа дали се Македонци, Албанци Турци, или од која било друга национална припадност. И тоа се потврди мината недела кога на принципиелен начин ние ги искажавме нашите ставови пред сите наши параметри во ЕУ и пошироко“, посочи премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи денеска во Собранието на пратенички прашања.
МУЛТИКУТУРАЛИЗАМ
Мултикултурализм, предизвици и препораки
ЦИВИЛ денеска организираше јавен настан на тема „Мултикултурализам, предизвици и препораки“ што ги опфати месечните активности на организацијата во доменот на мултикултурализмот, предизвиците и препораките од учесниците со кои разговараше тимот.
Настанот е дел од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“, кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Министерството за надворешни работи и Европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Цивил на средби со граѓанките и граѓаните во центарот на Скопје
Цивил деновиве организира средби со граѓанките и граѓаните и на Скопје, на кои одговара на прашања и дели печатени материјали, книги и публикации. Инфо-штанд на Цивил беше поставен денеска од 10 до 12 часот пред седиштето на организацијата.
ЦИВИЛ утре со теренски активности во Велес, Кавадарци и Неготино
Цивил утре организира средби со граѓанките и граѓаните на инфо-штандови во Велес, Кавадарци и Неготино на кои ќе одговара на прашања и дели печатени материјали, книги и публикации.
Дезинформациите и пропагандата, меѓуетничките односи и изборните процеси се меѓу темите со кои ЦИВИЛ најактивно се занимава во 2022 година и на кои ќе стане збор на средбата со медиумите, невладините организации и со граѓанките и граѓаните во овие три општини.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЌАЊЕ Претседателот Стево Пендаровски во рамки на Самитот на НАТО во Мадрид, учествуваше и се обрати на првата сесија на состанокот на Северноатлантскиот Совет, кој се одржува на ниво на шефови и на држави и Влади и со кој претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, информираат од претседателскиот кабинет.
ПОКАЧУВАЊА За 98,8 отсто од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 отсто, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски. Како што рече Бислимовски, ако не беа воведени блоковите, оваа цена ќе беше зголемена за 17,74 проценти.
ОБРАЗОВАНИЕ Како да се забрза прогресот на образованието до 2030 година е главна тема на министерскиот состанок кој денес и утре во организација на УНЕСКО се одржува во Париз, а на кој учествува и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, информираат од МОН.
ВЛАДА Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање посочи дека во мандатот на оваа Влада минималната плата е зголемена 100% и платите продолжуваат да се зголемуваат, информираат од владината прес служба.
ЕКСТРАДИЦИЈА Турција ќе побара од Шведска и Финска да екстрадираат 33 членови на движењето ПКК и ФЕТО, кои ги смета за терористи, соопшти денеска турскиот министер за правда Бекир Боздаг. Барањето доаѓа еден ден по потпишувањето на Меморандумот меѓу трите земји што го отвора патот на Хелсинки и Стокхолм кон членство во НАТО, на што Анкара досега се противеше.
БРИФИНГ Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на брифинг со новинарите коментирајќи го последното случување од пред два дена во Комисијата за европски прашање рече, дека не го оправдува однесувањето на претседателот на оваа Комисија Арбер Адеми, меѓутоа, според него, немилиот настан бил испровоциран.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Некако со првите денови на летово температурата меѓу моите сограѓани се подигна и тоа не само поради најавените тропски горештини. Нѐ плашат дека ќе сме имале студена зима, а можно е да била и гладна. Правецот за Европа ни бил попречен од комшиските трупци полегнати на патот како да е нивен од амебите, па до сега. Среќа што трупците се од расиплива материја и ако постојат уште некое време ќе иструлеат и ќе го ослободат патот. Само да не се покажат букови трупци зошто имаме искуство со балвани (трупци) кога беа револуционери, па во Хрватска и Босна мораше со тенкови и многу жртви да се тргаат од патот. Секако ќе мора да се подзачисти после нивната улога, ама тоа е цената кога имаш работа со трупци“, пишува Војо Маневски во „Пропрашувања“.
„Попладнето, истиот ден, со полнолетната Мазда 121, отидов во Лук Оил, како и секогаш да турам бензин за 500 денари и да ги напумпам гумите. Тогаш со Боби се видовме и скршивме лаф муабет за последен пат:
– Кај си бе?
– Еве ме заебава деснава.
-Секогаш заебава десната. – ми рече.
– Ај се гледаме…
Не се видовме.
…
Уште мислам дека ги слушам тажачките од џукелата, околувратна со чворови од тутунски конец.
Понекогаш дури и ме болат“, раскажува Јане Ѓорѓиоски во „Обрачот – за сеќавање на Роберто Беличанец“.
Б. Јордановска












