ТЕМА НА ДЕНОТ
Француски предлог – консултации и протести за влез во ЕУ
Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија. Денеска средба остварија премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
На средбата, премиерот Ковачевски ги изнесе позициите на Владата во однос на европскиот предлог. Премиерот Ковачевски нагласи дека оваа Владата работи со што поголем консензус и секогаш во интерес на граѓаните и уште еднаш ги потврди ставовите дека потребни се мудри одлуки и заедничка одговорност која ќе ни обезбеди европска иднина. Во разговорите премиерот Ковачевски истакна дека во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, што беше најважното прашање за нас – Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички.
„Сметам дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и друга опција за нас како држава не треба да постои. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по денешната средба во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став.
За модифицираниот француски предлог ќе расправаат пратениците на пленарна седница и ќе бидат изгласани заклучоци. Ова било договорено на средбата синоќа на премиерот Димитар Ковачевски со помалите владини партнери ДС, ДОМ и ЛДП кои условиле со свои барања за да дадат поддршка на францускиот предлог.
Од ДОМ на Ковачевски му предочиле дека за нив е неприфатливо внесување на билатералните прашања во процесот на преговори. Неприфатливо е годишните прегледи или извештаи кои ги реферираат историските и образовните прашања да бидат дел од преговарачкиот процес. Од ДОМ добиле уверување дека билатералниот протокол ќе биде објавен денеска или најдоцна утре, а од партијата побарале сите документи да бидат преведени и објавени на македонски јазик.
Засега ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не го прифаќаат францускиот предлог. Пред Владата од саботата се протестира под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“. Учесниците се против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
ИЗЈАВИ
Ќучук: Францускиот предлог е најдоброто што Бугарија и Северна Македонија може да го постигнат
Известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук смета дека францускиот предлог е најдоброто што Бугарија и Северна Македонија може да го постигнат. Во 21. век, нагласува тој, идентитетот не може никому да му биде одземен, а најдобар начин да се заштити и зачува е да се биде внатре во Европската Унија, каде сите се еднакви.
„До сите мои пријатели во Северна Македонија, би сакал да ги известам дека францускиот предлог е најдоброто што Бугарија/Северна Македонија може да го постигнат и би сакал да ве уверам дека во 21-ви век никому не може да му биде одземен идентитетот. Најдобар начин да се заштити и зачува е внатре во ЕУ каде што сите сме еднакви“ – напиша на Твитер Ќучук, кој е и лидер на Европските Либерали, претставник на бугарската партија ДПС.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Денес во нашата земја се одбележуваат два значајни професионални празници: Денот на Воено-Поморските сили на Украина и Денот на противвоздушните ракетни сили. Искрено им честитам на сите бранители и бранителки на Украина кои служат во овие сили, им честитам на сите ветерани од флотата, на сите ветерани од противвоздушната одбрана. Благодарение на вашата служба и вашата храброст, спасени се илјадници животи на нашите луѓе“, вели Володомир Зеленски, украинскиот претседател во редовното видео обраќање.
*
Украинските сили се повлекоа од бомбардираниот град Лисичанск, што ја натера Русија да побара целосна контрола врз источниот регион Луганск, но претседателот Володимир Зеленски вети дека ќе ја врати изгубената територија.
„Ако командантите на нашата армија ги повлечат луѓето од одредени точки на фронтот, каде што непријателот има најголема предност во огнената моќ, а тоа важи и за Лисичанск, тоа значи само едно – дека ќе се вратиме благодарение на нашата тактика и благодарение на зголемувањето на понудата на модерно оружје“, посочи Зеленски во неговото синоќешно обраќање.
Светските агенции јавуваат дека Лисичанск е уништен град. Русите уништија уште еден голем град, во својот „ослободителен“ поход против Украина.
*
Во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана се наведува дека руската инвазија продолжува да има разорно влијание врз украинскиот земјоделски сектор и оти извозот на жито од Украина ќе се намали за две третини.
*
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска ќе го објави сеопфатниот долгорочен план за помош во обновување на Украина, кога ќе заврши тамошната војна, најавуваат медиуми.
Трас на конференција за обновување на Украина во Швајцарија, ќе ги претстави британските проекти за краткорочна поддршка на земјата со испраќање хуманитарна помош, но и долгорочна, со цел да закрепне украинската економија преку британското знаење на финансиско и на економско поле, информираше нејзиното Министерство.
*
Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин, да изврши инвазија врз соседната Украина, е донесена однапред, смета германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесе ДПА.
– Јас мислам дека одлуката да се почне војната е донесена една година претходно или можеби уште порано, затоа што тој се подготвуваше за тоа. Па затоа тој ќе биде во можност да продолжи со војната уште долго време, изјави Шолц во интервју за Си-би-ес.
МУЛТИКУЛТУРА
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Анкета: „Постарите ми кажаа дека нема војна во Украина, исто како што нема(ше) ни корона“
Колку граѓаните им веруваат на медиумите и политичарите? Кој шири лага, дезинформации и пропаганда?, беа дел од прашањата што екипата на ЦИВИЛ Медиа им ги постави на граѓан(к)ите на Велес и Кавадарци.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРЕГОВОРИ НАТО најави дека утре ќе потпише протоколи со Финска и Шведска за пристапување на двете земји во Алијансата. „Разговорите меѓу претставниците на пактот и двете земји продолжуваат денеска“, се наведува во соопштението.
ЕКОНОМИЈА Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, коментирајќи го воведувањето на блок тарифите за електрична енергија, уште еднаш повтори дека солидарност мора да постои, како и дека во време на криза, како оваа, треба да им се помогне, посебно на најранливите домаќинства.
СПИН „Конструкција е тоа дека ќе има меѓуетнички конфликт. Никогаш не сум кажал дека ќе има меѓуетнички конфликт, тоа е спин. Јас не правам разлика меѓу албански и македонски прашања. Има семејства на кои им е недостоинствено да земат бугарски пасош, но мора да земат за да ги школуваат децата. Ако ние им ја земеме надежта дека нашиот пасош нема да биде европски, младите ќе почнат да бегаат, ќе почне да се губи хармонија меѓу населението“, изјави, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
ИЗВЕШТАЈ „Групата на земји против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО), денеска во Стразбур го објави додатокот на вториот извештај за усогласеноста, во која ги оценува мерките преземени од властите на Северна Македонија за спроведување на препораките дадени во Извештајот за евалуација на четвртиот круг за земјава – „Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“, соопшти Министерството за правда.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Нечесно е, во најмала рака е некоректно, поради емотивни пориви или политикантски манипулации, сеедно, да се извлекуваат цитати од македонските великани како Гоце Делчев и Питу Гули или Блаже Конески и Горан Стефановски и да се ставаат во функција на актуелните полемики на тема за македонските евроинтеграции.
Секое изместување од контекст на нивното време е ненамерна или намерна манипулација во контекст на ова време“, пишува Зоран Иванов во „Во рингот или на трибините, во битка или во публика – изборот е наш“.
„Кој зборуваше за македонскиот јазик на митингот пред Влада? Кои беа „лидерите“ вечерва на митингот пред Влада?ВМРО-ДПМНЕ што во нивното владеење не мрднаа со прст за македонскиот јазик? Оние кои Блаже Конески го нарекуваа џуџе? Оние на кои им пречеше македонскиот јазик оти е словенски, а тие се, нели, антички? Госпоѓата Улчар што во име на себеси и на неколкумина не ги даваше правата за дигитализација и за бесплатна достапност до народот на Правописот (pravopis.mk) и на Толковниот речник на македонскиот јазик (makedonski.gov.mk) без да добијат екстра хонорари, иако редовно земаат државна плата?“, вели Марјан Забрчанец во „Европа ни нуди да почнеме преговори на македонски јазик и внатре во ЕУ нашиот став да го кажуваме гласно на македонски јазик“.
„Што е во прашање? Со антизападна и националистичка кампања, преполна со манипулации и лаги, а веројатно и со пари и ветувања, ги намамуваат луѓето да протестираат против добри решенија што ќе ги исполнат децениските очекувања за почеток на преговорите за ЕУ интеграција. Тоа го капитализираат за да добијат евтини политички поени и да уценуваат.
Што е мотивот? Од авион се гледа за чии интереси одработуваат и тие и интелектуалците кои, едноставно, не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, во НАТО, да биде дел од семејството на развиените и богати демократии во светот. Во овој контекст, не е важно ни дали одработуваат за пари или од сопствени убедувања“, пишува Џабир Дерала во „Мицкоски e добар знак дека имаме добро решение“, објавена на 3 јули.
„Дејствувањето на овие инсталации, како онаа на Левица, така и на другите, помали и поголеми, подобро или полошо организирани, се насочени против иднината. Онаа иднина кон која се стремат луѓето од овие простори со генерации наназад, кон интеграција со демократските сојузи во Европа и светот. Историски, тоа е и дестинацијата кон која итаат и генерации гурбетчии од балканските простори, од Источна Европа, сосе Русија, бегајќи, кој од сиромаштија, кој од тиранија. Ете, Апасиев, тој паразит, и партијата составена од паразити, ме тужеа за мојот став дека го следат диктатот на Кремљ! Четири години подоцна, тие се меѓу првите, ако не и први, поддржувачи на руската крвава агресија против Украина и целиот демократски свет“ – напиша Дерала во денешната колумна под наслов „Апасиев и неговата рашистичка банда“ во рубриката Рафал.
Б. Јордановска